Како тимот на Николов, Шериф од сиромашната Молдавија влезе во друштвото на богатите

Шериф за прв пат ќе игра во групната фаза во Лигата на шампионите/ фото: EPA-EFE/Janerik Henriksson

Во новата сезона во Лигата на шампионите ќе има уште една држава која се најде на мапата на елитниот фудбал, Молдавија. За дел од економските експерти тоа е една од посиромашните европски држави, но нејзинииот фудбалски тим, некако од сенка го најде патот до елитата, до Лигата на шампионите каде милионите го имаат главниот збор.

Шериф Тираспол за кого ова лето потпиша македонскиот репрезентативец Бобан Николов е вистински хит летово бидејќи успеа да ги помине квалификациите и да дојде до групната фаза. Прво пред Шериф падна албанската Теута која е совладана два пати и тоа со 4:0 и 1:0, по што следеше двомечот со Црвена звезда каде еден гол пресуди кој ќе игра во плеј-офот. Првиот натпревар во Белград заврши 1:1, а Шериф во Тираспол славеше со 1:0. Во плеј-офот беше победен уште еден тим од регионот, хрватскиот Динамо Загреб. Работите беа решени уште на првиот натпревар на кој Шериф славеше со 3:0, а во вчерашниот реванш во Загреб одигра 0:0 и сосема заслужено се пласира во групната фаза во ЛШ.

Но, Шериф не е непознато име на европската фудбалска сцена каде повеќе од 15 години е присутен. Откако ја започна доминацијата во молдавскиот фудбал редовно игра во европските квалификациите и успеа четири пати да дојде до групната фаза во Лигата на Европа каде знаеше на направи некое изненадување.

Шериф на патот до групната фаза во ЛШ ги елиминира Црвена звезда и Динамо / фото: EPA-EFE/DUMITRU DORU

Молдавските медиуми немаат дилеми дека големи заслуги за успехот има тренерот Јуриј Николаевич Вернидуб. Украинецот долги години работеше во својата татковина по што се пресели во Белорусија каде со Шахтјор Солигорск успеа да ја прекине доминацијата на Бате Борисов по што минатата година следеше повикот од Шериф.

Во првата сезона ја освои титулата во Молдавија на неверојатен начин, со само три нерешени натпревари и само еден пораз, а притоа прими само седум гола на 36 натпревари. Одбраната на Шериф и во овие квалификации покажа дека е гранитна и на осум натпревари имаше шест победи и само две ремија, а гол разликата беше неверојатна 14:2.
Главни ѕвезди на теренот се Адама Траоре кој не успеа да се наметне во Мец, како и Гркот Коловос, но Шериф е вистинска легија на странци бидејќи само шест фудбалери се Молдавци додаде останатите се од Словенија, Србија, БиХ, Перу, Гана, Колумбија, Мали, а секако тука е и Бобан Николов.

Доколку по вредноста на тимот не може да биде рамо до рамо со европските гиганти, тогаш Шериф воопшто не заостанува во инфраструктурата бидејќи има фантастичен спортски комплекс.

Спортскиот комплес на Шериф се проценува на 200 милиони евра/ фото: EPA/Zsolt Czegledi

Кога во 2002 годиина беше изграден новиот стадион заедно со сите дополнителни објекти во кои спаѓаат и уште еден но помал стадион, потоа десетина помошни терени и хотел за фудбалерите, вредноста на компексот изнесуваше дури 200 милиони евра.

Најзаслужен за тоа е Виктор Гушан, поранешен агент на КГБ кој во 1993 година основаше фирма која чија дејност се услуги во областа на безбедноста и која ја нарече Шериф.

Четири години подоцна, во 1997 година, Гушан кој благодарение на врските со молдавските политичари за брзо време стана милионер, го формира фудбалскиот клуб и тоа кога локалниот Тираспол почна да тоне. Идејата на сопственикот беше да го преземе тронот во Молдавија од Зимбру и за тоа му беа потребни четири години.  Од 2001 година до денеска, во 21 сезона, Шериф дури 19 пати ја освои титулата во домашното првенство, единствено Дачиа и Мислами по еднаш успеаја да бидат шампиони.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот