Како ТикТок популизмот на крајната десница ѝ донесе резултати на изборите во Германија?
Колку и како социјалната мрежа ТикТок ѝ помогна на германската екстремно десничарска партија Алтернатива за Германија (АФД) да постигне рекордни резултати на два регионални избори?
Ова е една од дилемите за кои пишуваат светските медиуми деновиве откако според едно истражување на „Ифратест димап“ АФД се појави како најпопуларна партија меѓу младите гласачи на возраст меѓу 18 и 24 години во Германија.
Имајќи ја предвид популарноста на ТикТок меѓу младите корисници, изборниот резултат на партијата германските медиуми го поврзуваат со силното присуство на содржината на АФД на оваа платформа, вели Роланд Вервибе, професор на Универзитетот во Потсдам и еден од координаторите на проектот за следење на активноста на германските партии на ТикТок.
„Ние веруваме дека успехот на АФД на ТикТок многу веројатно придонесе за изборниот успех на партијата“, вели Вервибе за Дојче веле.
Тој дополнува дека половина од сите млади во земјата ги добиваат своите политички информации единствено од ТикТок.
„Тоа ја прави платформата извонредно влијателна – тврди Вервибе.
Во меѓувреме на изборите одржани во неделата во источните покраини Саксонија и Тирингија, АФД ги собра најдобрите резултати од која било екстремно десничарска партија дури од времето на Втората светска војна. Самата АФД обезбеди повеќе од двојно повеќе гласови од трите партии во коалициската влада на канцеларот Олаф Шолц меѓу кои се централно-левичарските социјалдемократи (СПД), екологистите „зелените“ и неолибералните слободни демократи (ФДП).
Застапеноста на АФД на социјалните мрежи како ветар во грб за нивната популарност
Инаку, истражувачите спровеле анализа на податоците на корисниците, што сугерира дека во неделите пред гласањето, содржината поврзана со АФД достигна многу поголема публика на платформата за социјалните медиуми отколку содржината поврзана со други политички партии.
Како што наведува ДВ во анализата, истражувачите создале 30 фиктивни ТикТок-профили на корисници родени во 2006 година кои живеат во Тирингија, Саксонија и Бранденбург, каде што требаше да се одржат регионални избори.
Собраните податоци од анализата говорат дека во повеќе од 75.000 видеа што се појавија во нивните објави на ТикТок во текот на неделите пред изборите, најмногу била застапена АФД.
Во просек, тие откриле дека на корисниците им се прикажувале девет видеа неделно со содржина на АФД, во споредба со нешто повеќе од едно видео неделно поврзано со централно-десничарската Христијанско-демократска унија или новоформираната популистичка алијанса на Сахра Вагенкнехт (БСВ) и значително помалку содржина поврзани со која било друга страна.
Во исто време, истражувачите забележаа дека бројот на видеа што се појавуваат во објавите на корисниците не е во корелација со вкупната количина на содржина создадена на социјалната мрежа.
Како што наведува медиумот, една од причините за ваквата застапеност на АФД на ТикТок може да биде тоа што мрежата е добро поврзана со десничарски влијателни лица на ТикТок кои споделуваат содржина првенствено на АФД.