Како технологијата влијае врз секојдневието на луѓето?

луѓе телефони мобилни телефони смартфон телефон
Луѓе со мобилни телефони / Фото: EPA-EFE/CHRISTOPHE PETIT TESSON

Студенти на ФИНКИ, кои работеа на интересен проект во рамките на предметот Медиуми и Комуникации, не’ потсетуваат на тоа како изгледаше животот пред појавата на технологијата, но и како истата влијае денес врз сите нас. Во продолжение Ви претставуваме краток извадок од нивниот проект, а тие порачуваат паметно да ја користиме технологијата бидејќи сме немоќни пред нејзиниот напредок.

Unsplash
Фото: Unsplash

Живеејќи во време во кое технологијата зема се поголем замав и воедно е неизбежен дел од денешното постоење, тешко е да се остане имун на нејзиниот напредок, предностите кои таа ги овозможува, но и на потенцијалните потешкотии кои ги предизвикува. Самиот нејзин напредок, овозможува и напредок во полето на науките, а со тоа навидум и напредок на општеството.

Но тука е и социјалниот карактер и не може, а да не се запрашаме какво влијание има таа врз нашите секојдневни социјални животи. Технологијата не само што го движи светот во нова и понапредна ера, таа овозможува поврзување на светот на начин на кој што никогаш не сме помислиле дека е возможно. Денес скоро и да не постои човек кој не е активен на ниту една социјална мрежа. Технологијата полека, но сигурно станува дел од сечие секојдневие и во голема мера се чувствуваат бенефитите од неа, но дали поврзувањето од невидени размери е навистина поврзување. Дали тој онлајн, виртуелно остварен контакт целосно ќе го замени физичкиот.

Фото: Unsplash

Во денешницата, децата уште од најмлади имаат пристап до различни технологии околу нив. Голем број домови имаат компјутери, таблети, телевизори кои што децата ги користат, а голем број од децата добиваат и свои паметни уреди уште пред тинејџерските години. Постојат докажани позитивни ефекти од користењето на технологијата кај деца како овозможување на ефективен мултитаскинг уште од најмали возрасти , учење со помош на различни програми и апликации, учење како да решаваат проблеми и да донесуваат одлуки преку игри и апликации. Но тука се и негативните страни, како ризикот од немање приватност кога голем дел од животот се одвива онлајн, развивање на нездрави навики поради немање активности надвор од домот како и ризик од депресија.

Фото: Unsplash

Сите овие позитивни и негативни ефекти остануваат сеприсутни и во подоцнежните години. Според спроведените анкети, се увидува дека разликата во половите не игра улога при користењето на уреди кои се поврзуваат на интернет, односно дека двата пола подеднакво ги користат наведените уреди. Тоа што игра улога при користење на паметни уреди за работа или пак слободно време е возраста. Постарите генерации не дозволуваат технологијата да има преголем удел во нивните животи, иако и тие самите се изјаснуваат дека не можат да го замислат животот без денешната технологија.

Unsplash
Фото: Unsplash

Можеби некои од нашите родители, или пак нивните родители не ги чувствуваат во толкава мера негативните и позитивните ефекти поради пократкиот период на изложеност на напредокот на технологијата, но помладите генерации во голема мера ги чувствуваат. Јасното разграничување на тоа кога технологијата ја преминува границата на добрите ефекти и започнува да претставува поголемо назадување во нашите социјалните животи е она кое што би овозможило нејзино паметно и свесно користење.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот