Како странските агенции пренесуваат за протестот во Белград против ископувањето на литиум
Американската новинска агенција Асошиејтед прес пишува дека десетици илјади луѓе се собрале во Белград на протест против ископот на литиум во Србија „и покрај предупредувањата од официјални лица дека тоа е наводен заговор за соборување на популистичкиот претседател Александар Вучиќ и неговата влада“.
Француската новинска агенција АФП пишува дека илјадници луѓе демонстрираат во Белград против рестартирањето во Србија на контроверзниот проект за експлоатација на рудникот за литиум, кој треба да игра клучна улога во енергетската транзиција во Европа.
Претходно Асошиејтед прес објави дека Вучиќ изјавил дека руските разузнавачки служби информирале дека неодредени западни сили, кои сакаат да го соборат од власт, подготвуваат „масовни немири и државен удар“во Србија.
Агенцијата пишува дека „државните функционери и медиумите под државна контрола започнаа голема кампања против протестот, споредувајќи го со бунтот на Мајдан во главниот град на Украина, Киев, што доведе до соборување на тогашниот проруски претседател Виктор Јанукович во 2013 година“.
Организаторите на протестот во Белград порачаа дека протестот ќе биде мирен“, новинската агенција и објаснува дека популарната актерка Светлана Бојковиќ изјавила дека „денешен собир е еколошки и нема политички амбиции, но власта ги обвинила дека се обидуваат да изведат државен удар.
– Денес дојдовме овде да го кренеме гласот против нешто што е надвор од политиката“, рече таа во говорот на собирот.
Протестот во центарот на Белград уследи по неколкунеделните протести во десетици градови низ Србија против планот на владата да дозволи ископ на литиум во богата земјоделска долина на западот од земјата.
Во последните недели, десетици илјади граѓани излегоа на митинзи за заштита на животната средина низ цела Србија, „што претставува голем предизвик за Вучиќ и неговото се поавтократско владеење“, се вели во дел од написите.
Од друга страна, противниците бараат владата формално да забрани секакво ископување на литиум и бор во целата земја, стои во текстовите на странските агенции.
Србија има огромни наоѓалишта на литиум во близина на Лозница, но контроверзниот рударски проект развиен од англо-австралискиот гигант Рио Тинто веќе неколку години предизвикува политички поделби, пишува Франс прес.