Како со НАТО од мали, станавме ГОЛЕМИ

Влада на РСМ НАТО и македонија
Влада на РСМ / Фото: МИА

Лондон, НАТО самит.

„Малата“ Македонија на 70 годишнината од постоењето на Алијансата со аплауз беше дочекана од големите. Одеднаш станавме и ние – големи. Ако не толку големи, станавме- еднакви. Еднакви со САД, со Велика Британија, со Холандија, со Норвешка…и да и со Франција.

Од сега натаму таму на иста маса, со сите останати, ќе седи наш министер, наш амбасадор, наша делегација. Ние, Македонците ќе одлучуваме заедно со другите за стратешки прашања од интерес за цела Северноатланска алијанса.

Тоа е голема работа и нема сила која може да ја омаловажи таа историска придобивка на македонскиот народ и на сите граѓани на оваа земја.

Затоа што веднаш по осамостојувањето, сите политички сили еднодушно во името на граѓаните на Македонија кои беа нивни претставници, се определија за членството во евроатланските структури. Таа определба изразена во политичка декларација е активна до ден денеска. И во сите анкети спровдени во различни политички времиња, низ сите внатрешно политички турбуленции, граѓаните без разлика на нивната политичка определба останаа верни на оваа идеја.

Ќе биде многу чудно ако на оваа голема победа не се израдуваат сите. Се разбира никој не очекува да се развиори оро на плоштадот, но барем за момент да ја оставиме настрана македонската завист и ситничавост од стилот „уште ништо не е готово, чекајте на Шпанија…“

Па сепак недостигаат секојдневните прес конференциии на партиите, соопштенија со честитки, изјави на експерти…

Како ова деценско патување во НАТО да е од вчера, како да е само на оваа партија, на оваа генерација, на оваа Влада.

Поразителна е се поприсуртната парола дека „се почнува од нас“! Ако НИЕ не сме ТИЕ што нешто направиле за државата, како ништо да не е направено.

Ако не знаеме ни поновата македонска историја да си ја создаваме, немаме право да се повикуваме ниту на онаа, вековната.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот