Како се заштитува охридското архитектонско наследство? Фали го УНЕСКО, гради си повеќекатници

Фото: Слободен печат/Драган Митрески

Само десетина дена по спорното уривање на ресторанот „Парк“ на брегот на Охридското Езеро, граѓанските здруженија предупредуваат за нов случај на непочитување на препораките на УНЕСКО, како и на законските принципи на заштита на културното наследство во Охрид. Четирикатна зграда во старото градско јадро познато како Варош на улица Христо Узунов добила одобрение за градба и конзерваторско одобрение и покрај негативното мислење од надлежното Министерство за култура.

Според Охрид СОС се работи за уште еден случај на заобиколување и изигрување на начелата за заштита во стариот дел на Охрид од страна на Управата за заштита на културното наследство и Завод и музеј Охрид, кои го одобриле идејното решение. За истото тоа идејно решение, Комисијата за управување со светското природно и културно наследство во Охридскиот Регион донела свое решение во кое се вели дека објектот не ги почитува повеќето критериуми за зачувување на изворната состојба на градбата, но и претпоставените урбанистички услови дадени во општите начела за урбанистичкото планирање за старото јадро на град Охрид.

Министерството за култура, во својот одговор на преставката на група жители на охридски Варош во чија непосредна близина треба да се гради зградата уште лани во декември се изјаснило дека проектот на идниот објект не ги почитува повеќето критериуми од важечката законска регулатива ниту пропозициите на УНЕСКО за заштита на културното наследство на старото градско јадро на Охрид. Потсетувајќи дека запирањето на секаква урбана трансформација нотирано со одлуката на Комитетот за светско наследство на неговата 41-ва сесија, во дописот на Министерството стои дека планираниот објект, кој ги има добиено сите потребни дозволи „е само поткрепа на неспроведување на препораките, но и непочитување на принципите на заштита на културното наследство, а наведената интервенција само го влошува и влијае на интегритетот и автентичноста на на доброто и ако тоа продолжи тоа може да доведе до брзо намалување на вредностите на историското ткиво на стариот град, поради кои тој и е впишан на листата на светското културно наследство“.

Во Закон за старо градско јадро на Охрид, познато уште и како Зона 1 стои дека не смеат да се менуваат висината и фасадниот изглед на заштитените добра и на амбиенталните објекти, а максималната дозволена височина на изградените објекти не смее да биде повисока од приземје и два ката, во согласност со Планот за управување со Охридскиот регион, таа е максимална дозволена катност за стар Охрид.

Во меѓувреме, откако со одлука на Владата запреа градежните активности на урнатиот ресторан Парк и формираната комисија на Министерството за транспорт и врски ја разгледува документацијата во врска со овој случај, граѓанските здруженија за заштита на охридското крајбрежје се шокирани од обвинувањата кои на нивна адреса ги упати првиот човек на Управата за заштита на културното наследство, Ацо Костов, според кого активистите не сториле доволно за да се заштити вредниот објект на Парк.

„Не можеме да се изнасмееме на изјавата на директорот на Управата за заштита на културното наследство – Ацо Костов дека Парк е урнат бидејќи граѓанските активисти имале цела година да ја поднесат иницијативата за заштита на „Парк“, се вели во реакцијата на Охрид СОС.

Тие го потсетуваат директорот на највисоката државна институција за заштита на културното наследство во државата дека, според законите, иницијативата за заштита ја поднесуваат овластени државни институции, а не граѓани. Костов за Слободен Печат минатата недела изјави дека не му се допаѓал фејсбук-активизмот и дека ако активистите сметале дека тој објект треба да се сочува, требало да превземат иницијатива порано.

Иако поднесоа барање за заштита на објектот на ресторанот до надлежните институции како вредно архитектонско наследство од 20. век со цел да го стопираат процесот на негово уривање и изградба на голем хотел до самото езеро, инвеститорот беше побрз од граѓанските здруженија. Откако за само еден дел беше урнат Парк, Владата донесе одлука за преиспитување на случајот и за замрзнување на градежните работи на терен додека не се прочешла целата документација.

„Го прашуваме директорот на Управата дали воопшто го има прочитано законот за заштита на културното наследство и што работат тој и неговите колеги од Завод за заштита на спомениците на културата и музеј Охрид откако се партиски наместени на функциите“, стои во реакцијата на Охрид СОС, кои сметаат дека после ваков скандал директорот на Управата за културно наследство треба да си поднесе оставка од морални причини, а не да прозива активисти дека нему ја завршиле неговата работа.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот