Како се заборави на моралот, на човечноста?

весна дамчевска
Весна Дамчевска. /Фото: Слободен печат

Како македонскиот газда стана толку бесчувствителен? Како тој што зема 50.000 евра месечна плата може да го погледне работникот в очи откако му префрлил 5 денари на сметка како „минималец“?

Новиот директор на Дирекцијата за технолошко-индустриски развојни зони Јован Деспотовски се изненадил „во негативна смисла“ кога ги видел платите на вработените во технолошко напредните фирми. Директорката на УЈП Сања Лукаревска е решена да открие кршење закон во фирми каде што газдите си делеле плати од по 30.000 и 50.000 евра, а на работниците им давале „минималец“, па и плати од 5 денари. А поранешниот директор на Агенцијата за електронски комуникации Роберт Ордановски јавно кука дека неговата жена го остава затоа што веќе нема директорска плата.

Овие случувања од минатата недела, всушност може да бидат некаков сублимат на нашата реалност – неконтролирани и семоќни бизнисмени и државна директорска класа која во земјава се воспоставува според партиски клуч, а има огромни овластувања и привилегии, државни платежни картички и се занимава со финансиски трансакции многу поголеми од тоа што може да си дозволат со плата, па дури таа да е и директорска.

Во таква ситуација излегува дека за странските директори и не е многу чудно што дале срамно ниски плати и тоа во компании што работат за најпознатите и најскапите имиња во автомобилската индустрија. Според принципот – ако некој не си го почитува својот народ, зошто да му го почитува некој странец? Она што зачудува е токму тоа – како македонскиот газда стана толку бесчувствителен, како тој што зема 50.000 евра плата може да го погледне работникот в очи откако му префрлил 5 денари како минимална плата? Како се заборави на целото воспитување кое претходната генерација го имаше и која го пренесуваше на оваа што сега „владее“? Каде ги снема, како се заборави на моралот, на елементарната емпатија, на човечноста?

Секако, во ниту една земја во светот во која има пазарна економија, нема закон што ќе ги обврзе газдите на тоа како да ја формираат својата цена, како да си определат плата. Како што вели професорот Ванчо Узунов, да му се каже на газдата колку пари да земе за себе, а колку да им даде на вработените е уривање на идејата за приватна сопственост.

Во тоа толкаво потенцирање на приватната сопственост во пазарната идеја, некаде се загуби фактот дека во градењето на таа приватна сопственост учествуваат и сите тие работници. Да, газдата ја имал идејата, го имал капиталот, го имал знаењето, можеби и врските во деловниот свет, но тој не можел сѐ да направи сам. Ама, затоа можел да зграби голем дел од колачот, што доведува до емпирискиот податок дека Македонија има најголема профитабилност во Европа. И, нормално, има рамен данок. Идејата за прогресивно оданочување се напушти со молскавична брзина. Законот веќе една година е во мирување, треба да мирува три, ама кој знае дели некогаш ќе види бел ден. Всушност, „жртви“ на големите бизнис-лобија за идејата за средна класа преку прогресивниот данок беа и поранешниот министер за финансии Драган Тевдовски и неговиот советник Бранимир Јовановиќ, едниот е сега во Светска банка во Вашингтон, а другиот во Институтот за економски анализи во Виена. Изневерени се очекувањата и на професорот Узунов, кој потроши многу време за да ја објасни идејата на СДСМ за средната класа, во време кога партијата беше во опозиција.

Во меѓувреме, за жал, ништо не се смени. Ниту приватните газди станаа почовечни и пооданочени, ниту државните помалку привилегирани и нафатирани.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот