Како се трауматизирав од пеењето на Новак Ѓоковиќ

Фото: Слободен печат

Трауматизиран до коска од грешката на Тамара Тодевска при изведувањето на македонската химна во американска амбасада во Скопје, немав сили да го проследам и музичкото видео објавено од Новак Ѓоковиќ, кој поздравувајќи ги своите фанови од Македонија ја отпеа „Македонско девојче“.

– Не можам, немам срце и храброст – си велам во себе – што ако Ноле направил грешка во стиховите? Што ако наместо „китка шарена“ отпеал „кикиритка варена“? Или кога авторот во песната реторички прашува „Дали има на овој бели свет поубаво девојче од Македонче“ и пред да дојде очекуваниот одговор во кој нормално се вели дека нема, Ѓоковиќ не го отпее она симпатично и неформално „има ли“, кое ги омеѓува стиховите од втората строфа.

Велам поучен од катастрофата што ја предизвика Тамара, не собрав храброст да го пуштам видеото на Фејсбук. Си викам џабе ти се Новаче и петнаесет Гренслем титули и 100 милиони долари заработени од турнири и уште пет пати повеќе од спонзори ако си ја утнал „Македонско девојче“, односно доколку под притисок на Американците, Данајците, Сионскиот приориум и лажната светска историја, си го пропуштил стихот „Нема, нема не ќе се роди, поубаво девојче од Македонче“, а наместо тоа два пати го пееш „лична е, и полична, од самовила.

Тоа што е прв рекет во светот нема да му биде од никаква помош, кога ќе му „турат крст“ од „Радио Кавадарци“ и кога патриотските здруженија на социјалните мрежи ќе го прогласат за „персона(л) нон-грата!!1“.

Новак само си мисли дека Рафаел Надал е неговиот немесис, ама ако наместо „да се ноќе на небо, ден ќе раздени“, тука се мисли на нејзините очи, отпееше на пример – „да се ноќе на небо, дан ќе раздени“, ќе видеше тој што е вистински непријател кој ти вика да си пееш српска народна музика само, како „Липе цвату“ или „Криво је море“.

Затоа почекав со преслушувањето на материјалот, а во чекањето не ме премисли ниту благодарницата потпишана од премиерот лично. Не е тој меродавен, треба да се почека на судот на оние корисници на Фејсбук, кои името и презиметот ги имаат додадено придавките македонски, кои на профилните ја имаат „Ѕвездата од Кутлеш“ и кои не одат на одмор во Грција туку строго во Егејска Македонија.

И конечно пред полноќ се осмелив да ѕирнам во тоа телефонот и ми олесна кога се увервив како нацијата слави. Најдобриот тенисер на денешницата, ма на сите времиња, ја пее „Македонско девојче“ и вика поздрав до Македонија и до Македонците! Значи ни го признава нашето вистинско име, ни ја признава нацијата, историјата, етничките граници и правото на користење на „Павловиќева маст“.

„Нема, нема не ќе се роди, подобар тенисер од Ѓоковиќ Новак“, овие стихови ечеа по интернет длабоко во ноќта, предизвикувајќи општ хаос во односите со Швајцарија и Шпанија.

Нормално дека тенисот по една ваква „бомба“ нема да остане ист. Слушам дека Роџер Федерер го откажал планираниот одмор во Ломбардија и со фамилијата ќе ја посети „Галичка свадба“, каде има намера да проба како е да се јава магаре свртен наопаку. Рафаел Надал по Вимблдон ќе упишел забрзан курс по „тешкото“, а Жо-Вилфред Цонга поднел барање до Француската академија на науки и уметности, песната „Ја излези Ѓурѓо“ да биде вметната во редот со класиците од француската шансона.

Само уште се чека реакцијата на Матс Виландер, па слободно да ја прогласиме и Првата македонска тениска револуција, односно моментот кога „белиот спорт“ им влезе во порите на Македонците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот