Како се справува регионот со енергетската криза: И на фирмите им се помага да се справат со цените на струјата

ЕВН - ЕЛЕМ струја светилки (2)
ЕВН - ЕЛЕМ струја / Фото: Слободен пешат / Драган Митрески

Федерација БиХ наложи ценовни ограничувања на струјата за компаниите, Владата на Србија ѝ препорача цена на Електропривреда, а Бугарија воведе субвенции на индустриските потрошувачи

По растот на цените на енергенсите, реакциите на стопанствениците насекаде се исти – поскапувањето на струјата и на гасот може да предизвика затворање на многу фирми, отпуштања и инфлација. Владите во регионот реагираат, кој како знае и какви можности има. Мерките се насочени и кон самата енергетска криза, но и кон нејзините последици, односно цените. Србија кон крајот на годината ги замрзна цените на краток рок, а истото го направи и Македонија. Но, тоа е краткорочно решение бидејќи прашањето останува и по завршувањето на јануари затоа што, според прогнозите од берзите, не се очекува смирување на енергетската криза.

Во Македонија, освен малите компании што се наоѓаат на регулираниот пазар и кои добија цена иста како и домаќинствата, сите други фирми се на слободниот пазар и за нив нема заштита од ценовните шокови на струјата. „Слободен печат“ направи кус пресек на тоа како реагираат некои од владите во соседните земји на случувањата во енергетиката.

Владата на Федерацијата БиХ одлучи поскапувањето на струјата за компаниите во 2022 година да не надминува 20 отсто во однос на цените во 2021 година. Ова се однесува на договори за купување струја со траење од најмалку една година или подолго. Сојузното Министерство за енергетика, рударство и индустрија на БиХ било задолжено да ги анализира ефектите од спроведувањето на оваа одлука три месеци, па евентуално да предложи некои корекции и да ги достави до Владата на Федерацијата на БиХ.

Владата на Србија ѝ препорача на Електропривреда Србија да склучи договори со клиентите на комерцијалниот пазар за периодот од 1 јануари до 30 јуни 2022 година по цена од 75 евра за мегават-час, а со индустријата за оружје за 68 евра. Одлуката на Владата на Србија е продолжување на државната интервенција на пазарот на електрична енергија поради енергетската криза, а досега српската влада двапати реагираше наложувајќи ѝ на ЕПС да не ги менува цените за стопанството во ноември и декември, што значи дека цените се „замрзнати“. Слична одлука како сега Србија, донесе пред неколку денови и Република Српска.

Бугарскиот парламент уште кон средината на декември минатата година одлучи да ги замрзне цените на струјата, на парното и на водата за домаќинствата до крајот на март 2022 година. Народното собрание на Бугарија воведе мораториум за какви било промени на цените, објавија локалните медиуми. Парламентот, исто така, изгласа формирање привремена комисија задолжена да предлага мерки за ублажување на ефектот од енергетската криза врз домаќинствата и индустриските потрошувачи на електрична енергија. Инаку, уште на крајот на октомври, привремената влада на Бугарија одлучи да воведе субвенции за индустриските потрошувачи како олеснување за високите цени на електричната енергија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот