Како се работи со желатин: Секогаш користете ладна вода и не го зовривајте

Фото: freeimages

Желатинот нема ни мирис, ни вкус, проѕирен е и се продава во прав. На некои места може да се најде и во вид на листови. Желатинот се користи за разни видови десерти, а со негова помош се украсуваат торти, кремови и колачи.

Најлесен начин да работите со желатин е следниот. Растворете го во ладна вода, а потоа ставете го на пареа, добро да се размати, па додајте го во состојките, кои се наведени во рецептот. Никогаш не го ставајте да проврие, додека го растворате. Тој се раствора на пареа, за да се избегне несаканиот ефект на згуснување што ќе го направи неупотреблив.

Пожелно е да користите ладна вода во која ќе го оставите да набабри, па потоа да го растворите. Желатинот се потопува во вода која е количински шест пати повеќе од него. Така стои барем половина час. Добро е да ги почитувате пропорците, за да го добиете саканиот ефект. Ако додадете 20 грама растворен желатин во еден литар течност, тогаш ќе добиете таканаречено „растресито желе“. Ако во еден литар вода растворите 50 грама желатин ќе добиете „цврсто желе“ кое се сече со нож.

Кога користите овошје во комбинација со желето, треба ситно да го исечкате, бидејќи желатинот не може да се прицврсти за крупни парчиња овошје. Не е препорачливо желето да се лади во замрзнувач, бидејќи тогаш кристализира. Секогаш обратете внимание на рокот на траење на желатинот, за да не го расипете јадењето.

Најлесното желе кое можете да го направите е она од овошје или овошен сок. Потопете 15 грама желатин во половина литар вода. По еден час додајте еден и пол литар овошен сок или сок од компот, а претходно загрејте го на 60 степени. Ставете го садот на тивко 10 минути, да се вари но да не зоврие, додека постојано мешате. Во чинии ставете сечкано овошје и прелејте го со сокот. Можете да направите овошно желе и без овошје, само со сок.

Видео на денот