Како се подготвува јагнешко месо во различни делови од Македонија?

Бидејќи овој Први мај ќе го поминеме дома поради забраната за движење, многумина наместо традиционалната скара, за семејниот ручек за овој празничен ден ќе изберат да подготват печено јагнешко месо.

Покрај скарата која најчесто се состои од свинско и пилешко месо, традиционално за прославата на Денот на трудот се пече и јагне. Во различните краеви на Македонија, подготовката на овој вид месо е различна.

Во различните краеви на земјава, јагнешкото различно се подготвува

Во Источна Македонија, на пример, традиционално за Први мај се пече цело јагне. Подготовката трае од 4 до 8 часа, бидејќи за тоа време домаќините ја загреваат фурната на дрва, го подготвуваат јагнето што го полнат со претходно кратко пропржен ориз. Вака подготвеното јагне се залева со вода, бело вино и зачини и го ставаат да се пече околу три часа.

Во Битолскиот крај, пак, традиционално покрај скарата за Денот на трудот, се подготвува јагнешко месо исечено на ситни парчиња, кое се потпекува со млад спанаќ, сето тоа прелиено со кисело млеко и јајца.

Сепак, најчесто се приготвува јагнешкото месо исечено на парчиња и комбинирано со компир и друг вид зеленчук во рерна. Вака подготвената комбинација на месо со зеленчук, најчесто се јаде со свежа сезонска салата.

Следете ги советите на искусните домаќинки

Иако подготовката на овој вид месо за поискусните воопшто не претставува проблем, сепак за оние што сега за првпат сакаат наместо скара да постават на празничната трпеза младо јагнешко месо, неговата подготовка претставува вистински предизвик.

Имено, под терминот младо јагнешко месо се подразбира да не биде постаро од три месеци. Доколку имате намера за претстојниот празник да си купите јагнешко месо, а притоа не знаете како да го подготвите, следете ги следните неколку совети, кои многу ќе ви го олеснат целиот процес.

Маринирајте го со ароматични зачини

Јагнешкото месо, поради својата силна арома, важи за месо што многумина не сакаат ниту да го пробаат, а не пак редовно да го јадат.

За да го намалите неговиот интензивен мирис, треба најмалку 12 часа пред да го обработите термички, да го маринирате со ароматични билки.

Со крупна сол убаво посолете ја целата површина на месото, а потоа исечете ситно лук и малку рузмарин и ставете ги врз месото. Важно е да се напомене дека мора да внимавате на количината на рузмарин за да го „маскирате“ мирисот на јагнешкото месо. Доколку искористите поголемо количество од оваа билка, комплетно можете да го уништите целиот ручек.

Внимавајте на температурата

Важно правило кога подготвувате јагнешко месо е да внимавате на температурата. Никогаш не ставајте го јагнешкото месо од замрзнувач или од фрижидер директно во загреана рерна. Наместо тоа, месото најпрвин оставете го да отстои на собна температура околу 3-4 часа, а потоа зачинете го и ставете го да се пече.

Печењето на овој вид месо треба да трае приближно по еден час за секој килограм. Ако месото е тешко три килограми, тогаш најдобро време за подготовка би било околу три часа.

Преливајте го месото додека се пече

За да добие убава боја и тоа еднаква од двете страни, најдобро е јагнешкото месо да го печете на ражен. Доколку не сте во можност да го направите тоа, печете го во рерна.

Како и да го печете месото, не заборавајте да го преливате со водата и маснотијата во која се подготвува. Исто така, многу поубава боја и арома ќе добие доколку еднаш или двапати во текот на печењето, го прелиете со бело вино или со пиво.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот