Како се отвори и поплави „Империја“?

„Ништо не е случајно“. Ова правило е познато од дамнина. Истото може да се рече дека важи и за вчерашната брза оставка на специјалната обвинителка Катица Јанева еден час пред веста на денот дека е уапсен Боки 13. Неколку часа по неговото апсење, се дозна дека Бојан Јовановски алијас Боки 13 и неговиот другар Зоран Милевски познат како Зоки Кичеец се уапсени за изнудување пари. Подоцна ОЈО одржа прес-конференција на која потврди дека изнудувале пари од осомничен, на кого му тврделе дека можат да влијаат кај обвинител за стопирање на истрага против него.

Медиумите подолго време пишуваа за рекетарската дружина

Иако медиумите неколку пати пишуваа за извесна рекетарска дружина која „ора“ низ државата, вчера и официјално, барем делумно, беше потврдена и од ОЈО. Дел од тие тврдења се дека станува збор за бизнисменот Орце Камчец, кој токму од СЈО со кое уште шефува Катица Јанева е осомничен, притворен, па ослободен во предметот познат како „Империја“. За можната спрега и на низата прашања на медиумите вчера јавниот обвинител на Македонија Љубомир Јаневски и шефицата на Обвинителството за организиран криминал и корупција Вилма Рускоска одбија да споделат детали со јавноста во интерес на истрагата.

На нивната вчерашна прес конференција беше соопштено дека Боки 13 е осомничен за рекет од 1,5 милиони евра со ветување дека ќе влијае на истрага, преку влијание на јавен обвинител. Обвинителството побара притвор за Јовановски и Mилевски кои ги сомничи за кривичното дело примање награда за противзаконито влијание, а Боки 13 е осомничен и за кривичното дело перење пари.

Изнудата почнала кога е отворен и предметот „Империја“ на СЈО

Боки 13 и Кичеец почнале со изнудата лани, некаде на почетокот на есента. Случајно или не, тогаш е обелоденета и аферата на СЈО позната како „Империја“, поточно на 9 ноември.

СЈО, не на прес-конференција, туку преку соопштение, информираше дека „по спроведена опсежна предистражна постапка, во која се преземени десетина предмети кои се воделе пред надлежни обвинителства и врз кои воспоставена е надлежност на ова Јавно обвинителство, отворена е истрага под кодно име „Империја“ против Јордан Камчев, Сашо Мијалков, Ненад Јосифовиќ, Цветан Панделески, Ратка Куноска Камчева, Христина Камчева Стојческа, Зорица Арсовска, Лилјана Гајдовска, Владислав Стајковиќ, Тодор Мирчевски, Дејан Јанев, Ванче Мијалчев и Јованче Тасковски, поради постоење на основано сомнение за сторени кривични дела злосторничко здружување, оштетување или повластување на доверители, злоупотреба на службената положба и овластување, измама и перење пари и други приноси од казниво дело“.

Затворскиот притвор стана домашен, па се укина

Од СЈО тврдеа дека со различни истражни дејствија и со примена на посебни истражни мерки, обезбедени се доволно докази од кои произлезе основано сомнение дека во периодот од 2002 година до 2013 година осомничените ги сториле кривичните дела што им се ставаат на товар лично и преку правни лица кои биле или се во нивна сопственост. Ден подоцна беа извршени 12 претреси и уапсени беа пет осомничени кои беа изведени пред судија на претходна постапка. Без посебна најава, СЈО, предводено од Јанева, на 27 декември лани, од судот побара за Камчев, Мијалков и Панделески, затворскиот притвор да им се укине и да им биде одреден домашен притвор. Тоа и се случи. Јанева тогаш изјави дека за тој случај ги собрале сите докази и дека се ослободени, бидејќи не можеле повеќе да влијаат на истрагата. Неколку недели подоцна и домашниот притвор им беше укинат, а им беа вратени и личните исправи.

Поплава во СЈО ги потопи документите за „Империја“

Само што спласнаа работите околу „Империја“, во СЈО во март се случи чудна поплава, па беа уништени дел од материјалните докази токму за „Империја“ и за други два чувствителни случаи. Оправданието нивно беше дека пукнала цевка за парно.

На 5-ти минатиот месец јавноста дозна дека на бизнисменот Орце Камчев, осомничен во истрагата на СЈО „Империја“, му е вратен пасошот заради, како што соопштија од Кривичниот суд, неодложни службени патувања кои ги има како член на Управен одбор и задолжителна едукација. Специјалната јавна обвинителка, Катица Јанева потврди дека дала одобрение на Орце Камчев да му биде вратен пасошот. Камчев требало да учествува, како што рече „на некој Управен одбор“, но не знаеше каде.

– Правните субјекти и фирми на Камчев мора да се одржуваат и вработените да земаат плата – рече Јанева.

Како Јанева го правдаше Камчев

Во тој период судијата на претходна постапка се обратил до СЈО, од каде што добил позитивно мислење да се издаде патна исправа со ограничен рок од осум месеци важност. Орце Камчев минатиот месец беше во Келн, Германија, на финалниот натпревар Вардар-Веспрем во ракометната Лига на шампиони.

– Не би сакала да бидам адвокат на Орце Камчев во смисла на тоа да го бранам. Сметавме дека е потребно да му се даде пасошот, бидејќи во текот на истрагата е прибрана финансиската документација која се анализира во моментот – изјави потоа Јанева.

Тогаш таа додаде дека соработуваат и адвокатите и другите обвинети во предметот.

– Поентата на СЈО е да истражиме дали има коруптивни елементи, валкани пари во делот на високите функционери. Затоа тука е осомничен и Сашо Мијалков, а другите осомничени лица се помошници на Орце Камчев – истакна Јанева.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот