Како се калеше победата на Тотенхем над Сити
Португалецот кој седи на клупата на тимот од Лондон, на интересен начин ја опиша победата над големиот ривал.
Менаџерот на Тотенхем, Жозе Мурињо беше пресреќен по големата победа од 2:0 над Манчестер сити во деветтото коло од Премиер лигата.
ВИДЕО: Мурињо подобар од Гвардиола, Тотенхем е „гладен“ за титула!
Тотенхем со триумфот над еден од главните фаворити за титулата победнички ги продолжи настапите во Премиер лигата по репрезентативната пауза и ја забележа четвртата победа во низа со која се искачи на врвот на табелата. Менаџерот на Тотенхем, Жозе Мурињо објави колку труд беше вложен во претходните две недели за да се оствари овој триумф.
– Фудбалерите немаа време да работат, но затоа ние имавме. Јас, асистентите, аналитичарите и момците од ИТ одделот. Го вежбавме теоретскиот дел од играта, успеавме да го дефинираме секој детал. Како да играме кога не напаѓаат со четворица играчи, со тројца, како да реагираме кога ќе не притиснат и кога ќе попуштат – изјави Мурињо.
Португалецот исто така изјави дека сите фудбалери беа фантастични.
– Сите ги поврзува големо пријателство и солидарност. Сите беа фантастични. Сити е фантастичен тим, но успеавме да го победиме со нашата стратегија – додаде Мурињо.
Сенка на победата над Манчестер сити фрли повредата на Тоби Алдервеид кој најверојатно подолго време ќе отсуствува од терените.