Како сами да ги ублажите тегобите на болно грло и зарипнатост

Фото Профимедиа

Што и да користите, во случај болката во грлото и зарипнатоста да не поминат за една недела, неопходно е да се јавите на лекар, кој ќе ви одреди терапија.

Сезонски вирусни инфекции се најчест предизвикувач на воспаление на грлото, кое е проследено со болка, пецкање и иритација при голтање и зарипнатост.

Меѓутоа, болката во грлото и зарипнатоста можат да бидат и симптоми на бактериско воспаление на грлото, кое се препознава по зголемената температура и чувството на изнемоштеност.

Како да разликувате вирусно од бактериско воспаление

Вирусните инфекции на грлото имаат изразени респираторни симптоми, како што се кивавица, зарипнатост, болка во грлото, кашлица. Болката во грлото се јавува постепено. За разлика од вирусната инфекција, бактериската почнува нагло, а симптомите се поизразени – грлото е црвено, се создаваат гнојни чепчиња, па треба да се посети лекар, кој ќе ја одреди терапијата.

Сами ублажете ги тегобите на вирусна инфекција

Ако немате зголемена температура и не сте изнемоштени, непријатните симптоми на зарипнатост и болка во грлото можете да ги ублажите и сами. Веднаш по појавувањето на првите симптоми можете да си помогнете со облоги, чаеви, сирупи и инхалација.

Солена вода, јаболков оцет, жалфија, куркума

Растопете една лажичка морска сол во два литра млака вода и со овој раствор правете гаргара на грлото 2-3 пати на ден.

Грлото можете да го промивате и со јаболков оцет кога ќе се јават првите симптоми на болка. Ако јаболковиот оцет го разблажите во однос 1:5, можете и подолго да го употребувате.

За промивање на усната празнина и грлото корисен е и млак чај од жалфија, кој во народната медицина се користи како средство против различни воспаленија.

Куркумата е позната како чистач на наталожените токсини, па е добра и за третман на болно грло. Во 2 децилитра млака вода треба да се додаде пола лажичка куркума и прстофат сол и со овој раствор да се прави гаргара 2-3 пати на ден.

Мед и млеко

Иритираната слузокожа на болното грло може да ја смират мед и млеко. Напитокот се прави така што во шолја млако млеко ќе се раствори лажица мед и полека се пие, а по неколку часови постапката се повторува. Медот и млекото се препорачуваат за деца кои ги мачи грлото, особено пред спиење.

Мед и лимон

Сокот од лимон измешан со млака вода, без шеќер, е стар рецепт против болки во грлото. Ако не можете да го убедите детето да испие незасладена, млака лимонада, додадете една лажичка мед. Треба да се пие во мали голтки. Сокот од лимон може да се помеша и само со мед, бидејќи го чисти грлото од слузта која се слева, а медот ја смирува слузокожата.

Што и да користите, во случај болката во грлото и зарипнатоста да не поминат за една недела, неопходно е да се јавите на лекар, кој ќе ви одреди терапија.

 

 

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот