Како Русија преку Бугарија виа Македонија го дестабилизира јужното крило на НАТО

Бојко Борисов/ Фото: ЕПА

Кога шефицата на бугарската дипломатија Екатерина Захариева кажа дека освен постоечките бугарски барања поврзани со идентитетот, Северна Македонија мора да се откаже и од “славењето на Тито” доколку сака да влезе во Европската унија, бугарските навредливи уцени кон својот сосед навидум добија и апсурдна димензија.

Актуелниот премиер е поранешен телохранител на Тодор Живков, бугарската опозицијата редовно положува цвеќе на споменикот на бугарскиот комунистички водач, па затоа Бугарија најмалку би требало да забележува на други за нивното комунистичко минато. Настрана димензијата што титовата Југославија и живковистичката Бугарија се различни како денешните Северна и Јужна Кореја.

Сепак бугарското спомнување на Тито не е само тривијалност или уште еден хир на осоколените балкански политички рекетари. Пакетот на идентитетски барања кон Македонците заедно со спомнувањето на титовото наследство е добро смислена стратегија која ја спроведува Бугарија, а која треба да биде јаболко на раздорот на целиот Западен Балкан, со посебен акцент кон земјите од поранешна Југославија.

Планерите на оваа стратегија чии корени лежат многу поисточно од бугарската престолнина многу добро знаат дека истиот или многу сличен идентитетски спор постои во речиси секоја земја од Западниот Балкан, а бугарските барања кон Македонија само го означуваат почетокот на нова националистичка бура која треба да предизвика дестабилизација, несигурност и основа за конфликт “од Вардар па до Триглав”.

Истото идентитетско прашање во моментов постои и кај црногорскиот народ, каде дел од српската јавност го оспорува постоењето на црногорска нација, јазик и црква, со истата конструкција која ја користи Бугарија дека се работи за вештачки проект за создавање на црногорски народ. Идентичен спор постои и со бошњачката нација и јазик, а доколку еден ден Србија дојде пред вратите на Европската унија речиси сигурно ќе се соочи со барања за ревизија на историјата од европската членка Хрватска и меѓу барањата може да биде и идентична формулација како сегашното бугарско барање, Србија да признае дека српскиот јазик потекнува од хрватскиот.

Речиси истиот принцип важи и за барањата за македонското малцинство во Бугарија, па така сите идни членки на ЕУ на Балканот ќе се соочат со малцински барања од сличен тип од своите соседи. Креаторот на овој план точно знае дека се работи за “совршена националистичка бура” која само почнува со Македонија, а потоа треба да го опустоши целиот Балкан.

Од земјите од поранешна Југославија денеска има четири НАТО членки, Словенија, Хрватска, Црна Гора и Македонија, плус Албанија, па така бугарската стратегија сигурно ќе предизвика основа за силен раздор на Јужното крило на НАТО.

Речиси е невозможно да се поверува дека Бугарија оваа стратегија ја спроведува сама бидејќи колку и да се бугарските барања евтина националистичка тирада која се прави воочи парламентарните избори во Софија, сепак бугарскиот државен врв не е толку кратковид или политички слеп.

Фото: EPA-EFE/LUDOVIC MARIN / POOL

Покрај влегувањето во НАТО и во ЕУ, Бугарската политичка елита од десницата и левицата не може толку лесно да се отргне од силните историско – политички врски со Москва. Бугарија во минатото беше нарекувана “шеснаесетта советска република” а денес земјата се уште е зависна од рускиот гас. Владеачката партијата на “Обединети патриоти” чиј гласноговорник е токму Красимир Каракачанов често е извор на про-руска пропаганда и преставува извор на советска носталгија.

Во 2006 година постојниот руски преставник во ЕУ Владимир Чижов кажа дека “Бугарија е во добра позиција да стане наш специјален партнер, нешто како Тројански коњ во ЕУ”. Очигледно е сега дека Русија ја ефектуира својата аквизиција и тоа со Македонија, за која Москва остро се противеше да влезе во НАТО.

Бугарската опозициска Социјалистичка партија која го има и актуелниот претседател на Бугарија, Румен Радев не ги крие симпатиите кон Русија, а Радев неколку пати се пофали дека токму тој е иницијатор на декларацијата за Македонија која ја усвои бугарското собрание. Европскиот совет за надворешни односи нотира дека во Бугарија егзистира партијата со најсилна анти-ЕУ реторика во целата унија “Атака”, која константно шири против западна пропаганда и отворено порачува дека “мајка Русија не ослободи сите”.

Бугарија можеше истите замерки кои ги даде сега во однос на Северна Македонија да ги каже и кога се потпишуваше Преспанскиот договор и кога Македонија влезе во НАТО, но тогаш постоеше многу силен притисок на САД да се заврши спорот. Сега Софија е соочена со многу помеката европска дипломатија и премиерот Борисов смета дека фактот што Бугарија е членка на унијата ќе придонесе да го амортизира и притисокот на Берлин во однос на македонските преговори за членство.

Но сепак Бугарија е мета на тешки критики од европските политичари, од интелектуалците од цела Европа и регионот, бидејќи бугарските барања се поапсурдни и од грчкиот спор околу името. Во случајот со Грција спорот беше околу суверените државни симболи, кој иако беше неоправдан сепак најде некакво место и создаде преседан во меѓународното право. Но сегашните бугарски барања се однесуваат за идентитет на дел од жителите на Македонија, што воопшто не претставува предмет на преговори меѓу држави, и Бугарија добро го знае тоа.

Сега бугарските политичари добро ги слушаат своите руски суфлери, испорачуваат барања кои не е можно да се исполнат, и така се прави застој на процесот на проширување на унијата, се блокира процесот на дебалканизација на регионот и се создава криза кај НАТО сојузниците. Бугарија вешто ги користи и изборите во САД и игра на картата на моменталниот вакуум во фокусот на Вашингтон, но таа состојба ќе заврши за некој месец и тогаш ќе видиме колку тежи зборот на Красимир Каракачанов дека ниедна земја не може да изврши притисок врз Бугарија околу условите за Македонија да ги почне преговорите со ЕУ.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот