Како работат респираторите и зошто се клучни за спасување на пациентите со коронавирус

EPA-EFE/GIUSEPPE LAMI

Сите држави во светот во изминатиот период се обидуваат да набават поголем број на респиратори со цел да одговорат на потребите на сѐ поголемиот број заболени од новиот коронавирус. И покрај тоа што повеќето луѓе заболени од ковид-19 чувствуваат благи симптоми на болеста, на околу 6 отсто пациенти им е потребна болничка нега, а во таа статистика најчесто спаѓаат постарите граѓани и хроничните болни.

Соба со респираторни машини во болницата Вивантес Хумболдт во Берлин, Германија / 26 март 2020, Берлин, Германија / ФОТО: EPA-EFE/CLEMENS BILANEPA-EFE/CLEMENS BILAN

Респираторите се клучни во борбата за човечкиот живот во времето на пандемијата. Без респиратори, многу пациенти што во нормални околности и би го преживеале вирусот, поради тежината на инфекцијата умираат.

Главната причина за оваа криза е фактот дека нема доволно респиратори за сите на кои им е потребен, а пациентите без респиратори умираат, предупредил проф. Дејвид Стори од Универзитетската болница во Мелбурн за „Гардијан“.

Што е респиратор и како делува?

Извор: BBC.com

Механичкиот респиратор е алатка што се користи за на пациентите со тешка респираторна состојба, меѓу кои е и воспалението на бели дробови, да им се олесни дишењето.

Пред пациентот да биде приклучен на респиратор, медицинските лица мора да го интубираат, а тој процес најчесто го водат анестезиолози. Откако пациентот ќе биде успиен, му се провлекува цевка низ устата, до белодробните крила. Иако станува збор за рутинска постапка, во случајот кај пациентите заболени од коронавирусот, медицинските лица треба да работат со посебна внимателност за да не се заразат.

Таа цевка е споена со респираторот, па лекарите потоа можат да ја прилагодат количината на кислород што се „пумпа“ во белите дробови на пациентот.

Кога пациентот мора да биде поврзан на респиратор?

Пред пациентите да бидат поврзани на респиратор, лекарите бараат сигнали дали пациентот се соочува со респираторни тешкотии. Некои од јасните знаци се зголемен број вдишувања, покачување на јаглерод диоксид во крвта и чувство на поспаност кај пациентите.

Монитор на респираторна машина кој ја прикажува состојбата на пациент во болницата Вивантес Хумболдт во Берлин, Германија / 26 март 2020, Берлин, Германија / ФОТО: EPA-EFE/CLEMENS BILAN

Просечниот број на вдишувања по минута е 15, но кога бројот на вдишувања „скока“ на 28 по минута, тогаш медицинскиот персонал веќе размислува за приклучување на пациентот на респираторна машина.

Во нормални околности, лекарите најпрвин разгледуваат помалку инвазивни методи на подигнување на нивото на кислород, но во случај на ковид-19, тие методи се избегнуваат затоа што често ги поттикнуваат пациентите повеќе да кашлаат, со што лекарите и останатиот медицински персонал се изложени на ризик од зараза.

Колку долго пациентот треба да биде на респиратор?

Доктор Ранганатан тврди дека од моментот кога лекарот ќе процени дека на пациентот му е потребен респиратор, во следниот период треба да се мисли на тоа пациентот што пократко да биде приклучен на машината.

„Може да се купи време со користење мануелни методи како маски или пумпи со кислород, но пациентот треба да биде приклучен во следните 30 минути кога ќе стане критично“, вели Ранганатан.

Во случајот на акутно респираторен синдром, пациентот треба да остане на респираторот неколку седмици. Во најкритичните случаи, пациентите би можеле за кратко време да починат ако не се приклучат на ваква машина.

 Stanislav Krasilnikov / TASS / Profimedia

Зошто е клучно да се избегне недостигот на респиратори?

Еден од најочигледните начини да се избегне недостигот на респиратори е намалување на бројот на заболени од коронавирусот, а тоа се постигнува со почитување на препораките на надлежните служби.

Со намалување на бројот на новозаболени од ковид-19, се намалува оптоварувањето на здравствениот систем во државата, па дури и да има „нормален број“ на новозаболени во подолг временски период, здравството ќе може да реагира соодветно и на располагање ќе бидат горе-долу сите респиратори за пациентите.

Во случајот на одредени делови од Кина, Италија, а сега и Шпанија, тамошниот здравствен систем во краток период беше преоптоварен и недостигот на респиратори ги принуди лекарите да ја носат најтешката одлука во својата кариера – да одлучуваат кој ќе живее, а кој не.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот