Како предвидувањата во анимираната серија Симпсонови станаа вообичаена појава

Фото: Принтскрин/Фокс

Едно од нивните најпознати предвидувања, меѓу многуте други, е тоа дека Доналд Трамп ќе стане претседател на САД.

Од тоа дека Доналд Трамп ќе стане претседател на САД, крајот на популарната серија „Игра на тронови“, терористичкиот напад на 11 септември во Њујорк, грчката економска криза…Како и што сѐ предвидоа култните и светски познати ликови во серијата Симпсонови?

Пред триесет години, поточно на 17 декември 1989 година, емитувана е првата епизода од цртаната серија „Симпсонови“. Оттогаш до денес, оваа ултрапопуларна анимирана серија на гледачите ширум светот со речиси 700 епизоди (досега се направени 673 епизоди), со секојдневните случувања на Хомер, Марџ, Барт, Лиса и Меги Симпсон, преку сатиричниот и критичен пристап кон општеството им понуди многу забава. Но, она што ја импресионира масовната публика во нивниото повеќедецениско постоење е начинот на кој серијата е инкорпорирана во настаните кои всушност треба да се случат во иднината, пишува „Блиц“.

Самата серија набрзо по првото емитување стана еден вид на глобален феномен. Години во минатото, на децата во училиштата во САД им беше забрането да носат маици со ликот на Барт Симпсон бидејќи тој е лош пример.

Од друга страна, гостувањата на многу славни личности беше и е потврда за нивната успешност. Ал Џин, сценаристот на серијата, еднаш рече дека секогаш го фасцинирал фактот што луѓето секогаш се подготвени за соработка, особено во Велика Британија, и ја истакна како пример епизодата со тогашниот премиер Тони Блер.

Што сѐ Симпсонови успеаја да предвидат?

Претседателот Доналд Трамп

Едно од нивните најпознати предвидувања, меѓу многуте други, е тоа дека Доналд Трамп ќе стане претседател на САД. Пред 19 години, групата на автори кои ја креираат серијата седнале и ги разгледале можности за тоа која позната личност би можела да стане претседател на Соединетите Држави. Тогаш одлучиле дека тоа би можело да биде тогаш активниот бизнсмен Доналд Трамп.

– Кога во 2000 година разговаравме за тоа која славна личност би можела да стане американски претседател, на памет ни падна дека тоа може да биде Трамп. Но, Трамп беше еден од 2.000 – рече Ал Џин, писател и сценарист на серијата. Самиот процес на „предвидување“ на иднината, односно настанувањето на серијата, членовите го опишаа како креативен процес кој им доаѓа како еден вид на психотерапија во кој многу се забавуваат, кажуваат шеги и на крајот доаѓаат феноменални решенија.

„Седите во соба со десет до 20 духовити луѓе. Можеби најдобро е кога Трамп ќе направи некоја глупост, па многу луѓе коментираат и се шегуваат на таа тема. Но да, многу се забавуваме – рече своевремено Ал Џин.

Некои одат толку далеку што во револтот на Лиса Симпсон против Трамп ја препознаа младата еколошка активистка Грета Тунберг од Шведска.

Нападот на близначките

Меѓутоа, колку и Трамп да беше банално решение кое потоа стана вистинито, Симпсоновите минаа низ не толку нежниот радар на јавноста откако објавија епизода која подоцна е поврзана со терористичкиот напад на 11 септември на кулите-близначки во Њујорк.

Талентот за предвидување на иднината создаде плодно тло за оние кои веруваат во теориите на заговор, особено по емитување на епизодата во која Симпсонови стигнуваат во Њујорк, а во неа има многу симболики и алузии на терористичкиот напад на 11 септември 2001 година.

– Членовите на семејството купија водич за Њујорк на кој заедно со фотографијата на познатите кули-близначки, стои и цената од девет долари, што личеше на датумот 9.11, но тоа всушност беше чиста случајност – појаснил Ал Џин.

Фото: Принтскрин/Фокс

Во стотината епизоди имаше многу случувања кои ја предвидуваат иднината, но сѐ тоа е само, тврдат авторите, чиста случајност.

– Ако на маса ставите доволно предвидувања, по законот на веројатноста 10 отсто од нив навистина ќе се случат – смета Ал Џин и додава дека тие се како некои футуролози, бидејќи има настани кои ги предвидуваат и по 10-тина месеци однапред.

Кризата во Грција

Во јануари 2013 година, визионерите кои стојат за креирањето на оваа цртана серија емитуваа епизода во која на кајронот за време на едни ТВ вести оди насловот: „Европа ја продава Грција на E-Bay“. Години подоцна оваа шега воопшто не им беше интересна на Грциите, кои навистина паднаа во сериозна економска криза.

Змеј уништува село

Во една епизода од 2017 година, Барт, Лиса, Хомер и Марџ гледаат како змај го уништува нивното село.

– Го сакам нашиот живот – рече Хомер во таа сцена, која неверојатно потсетува на онаа кога змај го уништи градот King’s Landing во серијата „Игра на тронови“, која постигна вртоглава гледаност.

Легализација на марихуаната

Истражување на пазарот или чиста случајност, видовитите Симпсонови ја предвидоа и легализацијата на марихуаната во Канада.

Во епизодата стара 14 години, Хомер Симпсон, Нед Фландерс и Апу патуваат во Винипег во Канада за да пронајдат лекови на рецепт. Додека во една аптека ги купуваат потребните медикаменти, на Нед Фландерс му приоѓа негов двојник од Канада и во тој момент му нуди марихуана.

– Земи, овде е легално – вели канадскиот Нед.

Во Канада од минатата година продажбата на марихуана и навистина стана легална.

Нобелова награда

Ликот Милхаус во 2010 година предвиде дека Бенгт Р. Холмстром ќе ја освои Нобеловата награда за еконимја. Тоа и навистина се случи, но дури во 2016 година.

Лејди Гага на Супербол

Во епизодата емитувана во 2012 година, Лејди Гага леташе над публиката на концерт, додека виси на жици. Пејачката на полувремето на 51-виот Супербол во 2017 година навистина прелета до сцената од покривот на стадионот и носеше слична гардероба како онаа во цртаната епизода.

Видео-повици

Во епизода од 1995 година во која Лиса е мажи, во еден момент таа и Марџ зборуваат преку телефон кој има и екран преку кој можат да се видат, нешто во оваа година беше навистина незамисливо.

Риба со три очи

Во епизодата емитувана во 1990 година, Барт улови риба со три очи во река покрај една нуклеарна електрана. Единаесет години подоцна, во резервоар во Аргентина навистина е пронајдена риба со три очи, а како што се покажа, резервоарот е полнет со вода која доаѓала токму од нуклеарна електрана.

Паметни часовници

Идејата дека можеме да разговараме преку своите часовници, Симпсонови ја претставија во 1995 година, речиси 20 години пред на пазарот да се појави паметниот часовник на компанијата „Apple“.

Фото: Принтскрин/Фокс

Интересни факти за семејството од анимираната серија

Зошто се жолти

Заслугите за тоа зошто Симпсонови се жолти одат на контото на поранешниот аниматор кој добил задача да ги обои оригиналните цртежи на креаторот Мет Гронинг.

„Жолтата боја е избрана поради косата на јунаците. Не им беше нацртано каде им завршува челото, а почнува косата, па аниматорот ја избрал жолтата боја бидејќи личи и на бојата на лицето и на бојата на косата“, изјавија еднаш дел од авторите.

Но, постои друга теорија, која вели дека Мет Гронинг намерно ги обоил ликовите жолти за да се „истакнуваат додека луѓето ги менуваат ТВ-каналите“.

Име зад облаците

На почетната шпица може да се види презимето на јунаците на серијата како се појавува зад облаците. Во моментот кога се открива името на серијата и на познатото семејство, во еден момент може да се забележи само зборот „Тhe Simps“, што е намерно направено за публиката да има време да сфати дека станува збор за едноставни, поточно малку глупави луѓе. „Simps“ е скратеница за „симплтонс“ – глупави луѓе.

Зошто Спрингфилд

Името на градот е позајмено од хит-ситкомот од педесетите години „Father knows best“, бидејќи, според зборовите на креаторот на серијата, звучи досадно баш како што требало.

– Во една епизода рековме дека источен Спрингфилд има големина колку три Тексаси, а во друга го гледаме Хомер кој наутро чисти снег пред неговата куќа, а навечер пие лимонада на лежалка во неговиот двор – рече еден од продуцентите.

Без Брус Спрингстин и Том Круз

Три „Битлси“, Стивен Хокинг, Елизабет Тејлор, Мајкл Џексон – тоа се само некои од имињата кои ги позајмија своите гласови за серијата. Оние кои никогаш не прифатија да се појават во серијата, иако се канети неколку пати, се Брус Спрингстин и Том Круз.

„Доу“

Познатата изрека на Хомер „доу“ кога нешто ќе му тргне наопаку влезе во Оксфордскиот речник во 2001 година. Како што стои во речникот, со овој извик се „изразува фрустрација кога ќе сфатите дека работите тргнале во погрешна насока или онака како што не сте планирале, или некој направил нешто невнимателно“.

Славни личности

Меѓу многуте познати кои го позајмиле својот глас во Симпсонови се: Мерил Стрип, Лиса Кудроу, Стивен Хокинг, Ким Бесинџер, Џорџ Харисон, Пол Мекартни, Ринго Стар, Дени Девито, Мик Џегер, Кит Ричардс, Илон Маск, Софија Вергара…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот