Како не им здодеа на Бугарите толку многу да нè сакаат – Слободен печат
Колумни

Како не им здодеа на Бугарите толку многу да нè сакаат

Нема потреба никој никому да дели совети, но користејќи ја античката мудрост, може да се рече дека со мера и ум, сè може да се оствари.

  1. Одмереноста, наоѓањето мера во сите нешта во животот е мудрост. Без таа мудрост, особено денес, тешко е да се водат какви било преговори и договори или да се занимавате со политика. Никој не може да има ништо против потпишување договори за пријателство, посебно со соседите. Тоа е еден вид мудрост и наоѓање мера, но не е мудрост и наоѓање мера кога истите тие соседи постојано ја кршат мерата со екстремни, во најмала рака чудни и неблагопријатни изјави.

Тоа се изјавите за нас како народ, нација, за нашите симболи и идоли, и конечно, за нас како луѓе и живи суштества. Зашто, тоа е едно исто, од човекот сè поаѓа, од неговите сфаќања, желби и стремежи, од неговото достоинство и самочувство како битие и од моралните начела. Нашите соседи, искажуваат „љубов и почит“, а покрај таквата посесивност ви доаѓа да извикате: аман, и премногу љубов не е на арно. Зар тоа веќе не здосадува? Зашто, и на тој начин се губи мерата и одмереноста, а со тоа и мудроста.

Некој постојано да ви стои над глава, како во театарот на апсурдот, и упорно да повторува дека вие не сте тоа што сте (а вие тие што не сте тоа што сте), треба тоа беспоговорно да го прифатите, да бидете задоволни и среќни, а потоа како птица весело да летате, од Црното Море дур до Охрида.

Нашата кочија на разумот

Ако во ваквата ситуација и со ваквите екстремности, не ја почитуваме одмереноста како мудрост, тоа би било штета токму за договорот или договорите за добрососедство и пријателство, сегашни или идни. Умереноста е врв на мудроста уште од антиката. Потрагата по неа ја обележува севкупната античка филозофија, но таа потрага продолжува натаму низ целата историја на човештвото. Да се изнајде мера е заложба што најмногу е поврзана со практичниот живот и моралот, но и со потрагата на сите духовни вредности.

Да се изнајде мерата не е едноставно, но очигледно е дека таа го држи балансот на светот, помеѓу доброто и злото, помеѓу љубовта и омразата, пријателството и непријателството. Хераклит, еден од првите умови на дијалектиката, буквално вели: „Светот… бил и ќе биде, вечно жив оган, кој со мера се пали и со мера се гаси“. Ако некој прекумерноста, неодмереноста, постојаното кршење на етиката,  ги смета за конечно изнајдената мера, толку полошо за мудроста, која во тој случај е лажна и не може да придонесе за пријателството.

А токму пријателството и непријателството (кои се клучни), филозофот Емпедокле ги смета за движечки сили на светот. Тие ги ставаат во погон основните елементи на постоењето: земјата, водата, воздухот и огнот. „Непријателството разединува, а пријателството (и љубовта) спојуваат. Со нивното делување условено е бескрајното менување и постоење во природата“. Или уште поубедливо кажано: „Љубовта спојува во едно, а омразата  нештата ги раздвојува и расфрла на разни страни. Омразата е создадена од караниците“.

Платоновата етика што се потпира врз учењето за душата разликува три дела: разумен, потоа огнен (волјата), и третиот, страствен (сетилен) дел. Тоа е митолошката слика на Платон за „колата на душата“, која е  впрегната со еден чифт коњи. Едниот коњ е огнениот, другиот е страствениот, а со колата управува кочијашот – разумот. Совладувањето на страственоста (чувствениот дел) е еден вид  добродетел, вештина на умереноста и разбирањето. Сите овие три дела раководени од разумот го сочинуваат принципот на праведноста. Моралниот живот е тежнение кон највисоката идеја, а тоа е идејата на доброто.

А до каде сме ние со нашата кочија на разумот и умереноста? Не успевајќи да ја најдеме мерата, таа кочија  во борбата за праведноста и пријателството постојано се движи кон бездната, со голема опасност да се струполи во неа. Постојано се расправаме кој е чиј е, кои сме и што сме. Само одмереноста, а не екстремите, може да ни го покаже патот кој води до освојувања на можни решенија кои ни се толку неопходни. Мерата може да се прекрши, да се јават противречности, но кои нема да водат во деструкција, туку освојување на нови простори кои ќе делуваат обединувачки  и конструктивно. Внимавајќи притоа на достоинството. Колку и да сака да биде, политиката не е уметност.

Прекршување на мерата и нормите во уметноста, можат да доведат до нови простори за креација, нови творечки трагања и обликувања. Но во политиката не е така. Подолгорочното неостварување на мерата и некористење на одмереноста како мудрост во разговорите и преговорите, доведува до непријатни ситуации. Нема потреба никој никому да дели совети, но користејќи ја античката мудрост, може да се рече дека со мера и ум, сè може да се оствари. Но не и со префорсирани и навредливи негации, кои често се квалификуваат како топло-ладно однесување.

Ситуации на присвојување

Историските процеси и личности не смеат да подлежат на импровизации и случајности. Затоа што во иднина можеме да дојдеме до разни комични и трагикомични ситуации. Не можат да се присвојуваат личности, па дури ни оние што имаат главно митска и поетска димензија и кои се присутни кај балканските народи во нивните легенди и народната поезија. Што ако некој утре посака да си го присвои Крале Марко само за себе? Тоа се сосема поинакви, хипотетични ситуации, за разлика од онаа со Гоце Делчев.

Сепак, и таквите ситуации на присвојување еднакво би биле апсурдни и комични. Ајде, да се простиме и од Крале Марко (што е невозможно), но што ако го побараат и Болен Дојчин? Е, Болен Дојчин не го даваме, никако. Онака болникав, легнат во постела, меланхоличен и раскостен, некако многу наликува на нашиот македонски дух и табиет. Но сепак, тој наеднаш станува и се справува со Црна Арапина. Го победува, се враќа дома и – умира! Чисто македонско јунаштво и несреќа, затоа тој си е наш, и не го даваме. Згора на тоа, ниту има сабја наострена, ниту коњот му е поткован, комплетно е запустен и предаден од пријателите. А сепак, победува. На крајот, шегата настрана, овој текст треба да се сфати не како кршење на мерата, туку како  барање мудрост и одмереност во изјавите и јавните настапи. Заради доброто на двете страни.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close