КАКО НА ФИЛМ ОД ХИЧКОК: Агресивни птици напаѓаат луѓе, еден велосипедист загина! (ВИДЕО)

Секој септември и октомври Австралија се соочува со голем проблем – страчките ги зголемуваат нападите на луѓето ширум земјата.

Тогаш страчките ги добиваат своите младенчиња, па затоа се агресивни и ја бранат својата територија. Австралиските страчки се посебен вид, но имаат големи сличности со своите европски „роднини“, посебно кога станува збор за нивната борбеност.

Во неделата, нападите на страчките го однесоа првиот човечки живот. 76-годишен маж возел велосипед во Николсон Парк јужно од Сиднеј, кога на него налетале неколку страчки. Според полицискиот извештај, тој ја сменил рутата за да ги избегне, но птиците сеедно го нападнале.

Несреќниот човек добил неколку „убоди“ од остриот клун во главата, се додека не ја загубил контролата над велосипедот, удрил во столб, а потоа паднал и се здобил со тешки повреди на главата. Итно со хеликоптер бил пренесен во болница во Сиднеј, меѓутоа за жал, вечерта им подлегнал на повредите.

Поради зачестените напади, луѓето во „опасните“ подрачја веќе носат стапови и импровизирани „боцки“ на шлемовите, затоа што иако станува збор за птица од триесетина сантиметри, сепак страчките претставуваат опасност затоа што напаѓаат одненадеж, а нивните клунови се исклучително остри.

Минатата година во сличен напад, страчка за малку ќе ослепела бебе во Перт додека спиело во количка. Оваа година досега се забележани дури 1.570 напади ширум Австралија во кои имало 189 повреди. Бројката сигурно ќе расте овој и идниот месец, затоа што минатата година биле забележани над 3 илјади напади.

Австралиските страчки се заштитен вид и илегално е да се убиваат или да им се земаат младенчињата или јајцата. Од забележаните напади, 79% биле на велосипедисти, а 22% на пешаци. Поради тоа, австралиските власти издадоа упатства кои се прилично бизарни – додека птиците напаѓаат, луѓето треба да останат смирени, да се симнат од велосипедот и да не мафтаат со рацете затоа што тоа дополнително ги иритирало птиците.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот