Како Мицкоски и неговиот одбор јунаци ја пропуштаат историјата?

Џабир Дерала / Фото: СП. архива

За кои пари се работи? Тоа се пари на граѓанките и граѓаните на Северна Македонија, истите што ВМРО-ДПМНЕ разбојнички ги трошеше 11 години за да спроведува режим и истите што и сега ги троши, според Законот за финансирање на партиите. Како ги троши е уште една тревожна приказна која ги засегнува македонските национални интереси. Всушност, оваа постапка на политичките мултимилионери (Мицкоски и неговиот одбор јунаци) е уште една илустрација за тоа како ја пропуштаат историјата.

СДСМ предложи политичките партии да се откажат од буџетските средства за нивните партии во полза на борбата против ширењето на корона вирусот во нашата земја. Овој предлог го најави министерката за правда, Рената Дескоска, за потоа и претседателот на СДСМ, Зоран Заев, да соопшти дека партијата се откажува од буџетските средства за партиите. ДУИ прво „елегантно“ молчеше за предлогот, а потоа предлогот го оквалификува како „несериозен“. Дека тие се многу сериозни. Особено кога се работи за пари.

Со малку фемкање, навестување дека би ги вратиле парите, ама не би ги вратиле, барем не сите, се појавија и другите партии. Некои недвосмислено ја поддржаа иницијативата. За една од партиите не знаеме ништо, но ќе дознаеме. И онака се пајтон партија и лапаат „само“ околу 100.000 евра годишно („само 300.000 евра ќариле до сега). Поточно, нивниот шеф ги лапа и ги инвестира во сопствени бизниси низ Скопје и Штип.

Што направи ВМРО-ДПМНЕ, најбогатата политичка партија во Европа, а задолжена, според нивно признание, со осум милиони евра? Се разбира, како и секогаш, го искористи овој прилично неповолен момент за нив, да се обиде да ја сврти ситуацијата во своја полза. На иницијативата ѝ фрлија димна бомба и се обидоа да го пренасочат јавното внимание кон платите на функционерите. Па така, рекоа дека би се согласиле да се откажат од својот милион евра под услов функционерите на СДСМ да се откажат од платите. Диверзијата ја почнаа на Фејсбук, а ја продолжија на своите партиски гласила како Република, ТВ Алфа и другите медиуми од класата „куртон“ што ја дефинира д-р Латас. Ни збор за платите на своите функционери во таа иста влада, се разбира.

За кои пари се работи? Тоа се пари на граѓанките и граѓаните на Северна Македонија, истите што ВМРО-ДПМНЕ разбојнички ги трошеше 11 години за да спроведува режим и истите што и сега ги троши, според Законот за финансирање на партиите. Како ги троши е уште една тревожна приказна која ги засегнува македонските национални интереси. Всушност, оваа постапка на политичките мултимилионери (Мицкоски и неговиот одбор јунаци) е уште една илустрација за тоа како ја пропуштаат историјата.

На контото на ВМРО-ДПМНЕ, само за оваа година се одвоени 1.116.000 евра (еден милион и сто и шеснаесет илјади евра!) од буџетот на граѓан(к)ите. Со тие пари располага Христијан Мицкоски и неговиот одбор јунаци. И повеќе од очигледно е дека не сака да ги врати парите. Ако навистина сакаше да покаже грижа за јавното здравје и да спаси човечки животи, тогаш нема ништо поедноставно од тоа да ги врати парите и тоа само од оваа година.

Спомнавме најбогата партија во Европа… Скуп и НоваТВ во своето истражување во 2016 година, открија дека ВМРО-ДПМНЕ поседува ниви и пасишта во Сарај, Могила и други места. Во тоа време, според истражувањето, партијата располага со 91 имотен лист за имот од над 33.000 квадратни метри и тогашна пазарна вредност од над 60 милиони евра. Каде се тие имоти, каде се парите од киријата што ја наплаќаат? Или, подобро прашање од тоа би било ОД КАДЕ, а дури потоа да прашаме каде се сега парите, имотните листови, печатот со кој се оверува секоја поважна одлука во и за партијата. Одговорот на двете прашања е едноставен, лесен и познат. Од каде се парите и имотите? Од опљачканите граѓанки и граѓани. А где је печат? Во Будимпешта.

Инаетот е голем. Можноста ова да биде барем еден микроскопски плус во односот на партијата кон државата и граѓан(к)ите, партискиот агитпроп не го препозна и продолжи со деструктивниот однос кон секое прашање, како да не беснее пандемија, како да се од друга планета… Имаа можност, со наши пари (не со милионите што ги украдоа претходно), да се направат „џекови“, ама ја пропуштија. Како што ја пропуштија и историјата што им се случуваше и им се случува веќе три години. Како малолетни деликвенти избегани од школо, додека трае часот по светска историја…

Кога ќе се делат „свидетелствата“, арамиите ќе останат надвор, во дворот и ќе ги бројат парите што ги украдоа. Не помислувајќи дека знамето на НАТО се крена без нив, дека македонското име, јазик и идентитет се запечатени, дека од бездната се вративме на автострадата што води кон модерна Европа, колку и да е погодена од пандемијата во овој момент.

Тоа што во очите на обичните смртници е незамислива сума – милион евра (!), за Груевски и неговиот намесник навистина се ситни пари. Но, и тоа не го даваат (назад) за заштита на здравјето на луѓето, без оглед на тоа што и онака се народни пари, од буџетот на (нели, никогаш) Северна Македонија… Патриоти…

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот