Како ковид кризата влијае на медиумската индустрија?

Фото: МИА

Пандемијата на коронавирусот е глобална криза која дефинира генерации. Но, како влијае таа на оние од кои зависиме за критични, релевантни и точни информации?

„Парадоксот на сегашноста е дека медиумите одамна не биле читани / гледани толку колку што се за време на пандемијата и дека тие се првиот избор на граѓаните ширум светот, додека нивниот опстанок никогаш не бил позагрозен и неизвесен отколку сега. Од една страна, имаме огромна потреба од консумација на вести, а од друга страна, постои закана за опстанокот на медиумите“, објаснува непрофитната организација „Меѓународна медиумска поддршка“.

Рекламирањето виси на тенка нишка

На глобално ниво, многу компании ги намалија своите буџети за маркетинг или ги пренасочија своите трошоци за рекламирање на други платформи, честопати драматично намалувајќи ги приходите на медиумите во процесот. „Глобалната економија за рекламирање ќе се намали за 11,8 проценти на 517,5 милијарди долари“, се вели во соопштението на „Медија пост“.

Со оглед на тоа што многу медиуми сè уште многу се потпираат на приходите од реклами, постојат стравувања дека пандемијата може да доведе до истребување на многу издавачи ширум светот. Многу независни медиуми се свртуваат кон други видови на деловно работење – поврзување со корисниците и создавање заедници преку видови на членарина и претплати на овие медиуми. На овој начин, медиумите помалку се потпираат на факторите врз кои не влијаат и градат основа на стабилност и ги подобруваат односите со своите читатели.

Влијание врз редакциите и новинарите

Загубените приходи од рекламирање доведоа до отпуштања и затворања во сите медиумски сектори ширум светот.

Во Јужна Африка, во мај, 17 списанија исчезнаа поради затворањето на две издавачки куќи, Какстон и Асошиеjтед Медиа (АМП). Два месеци подоцна, Медиа24 – друга јужноафриканска компанија – објави затворање на пет списанија и два весници, пишува њуз24. Приказната се повторува одново и одново, без оглед на земјата. Единствената константа е дека ниту еден вид организација не останува недопрена.

Постојат голем број директни последици врз новинарите и новинарството. Најочигледно е дека илјадници новинари останаа без работа и имаат помалку можности за повторно вработување на друго место.

Оние кои остануваат честопати се соочуваат со постојана неизвесност, пад на платите и зголемување на обемот на работа, а сè тоа додека работат од дома во исто време – со сите дополнителни проблеми што тоа ги воведува.

Хонорарните новинари се соочуваат со овие, но и со други предизвици. Хонорарците кои работат на истражувачки задачи се соочуваат со дополнителни предизвици поврзани со нивната лична безбедност.

Забрзување на долгорочните трендови

Несигурноста во работата не е ништо ново во светот на новинарството.

Финансиската криза од 2007 година доведе и до голем број отпуштања во медиумскиот сектор. Во меѓувреме, децениската миграција на приходите од рекламирање кон дигитални платформи, како што се Гугл и Фејсбук, влијаеше на традиционалните деловни модели на многу медиумски куќи.

Промената на приходите и механизмите за доставување вести создаваат слика дека секторот е во состојба на постојана нестабилност. Преструктуирањето (како што е преселбата на Интернет) стана начин на живот за многу новинари, создавајќи нестабилност и несигурност во работата во редакциите ширум светот, пишува wnip.com.

Се чини дека луѓето постепено ја губат почитта кон професијата, бидејќи новинарите честопати не се третираат со должно почитување или имаат потешкотии да воспостават добра соработка со цел да добијат информации.

И покрај сите предизвици со кои се соочуваат, издавачите ширум светот продолжуваат да бараат нови начини за одржливо работење. Меѓу нив, се издвојува дигиталната претплата, како единствен начин да се зачуваат независните и објективни медиуми.

Извор: Вијести.ме

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот