Како короната го менува светскиот поредок

Конфронтации – Дали коронавирусот ќе го воведе светот во нова студена војна помеѓу Америка и Кина е рано да се каже, но траекторијата на нивните односи укажува на нови конфронтации. Кина е сè уште далеку од тоа да ја замени Америка како суперсила, особено кога станува збор за воената моќ, но во постпандемискиот свет ќе биде спремна да се натпреварува за титулата

Фронталниот ковид-удар на јавното здравје, глобалната политика, економијата и социјалниот живот уште трае, неизвесноста е голема, но додека се одмеруваат димензиите на потресот, станува јасно дека коронавирусот е катализатор на промени на глобалните односи, кои го забрзуваат слабеењето на американската доминација и придонесува за појавување нова биполарност: САД и Кина.

Коронавирусот откри колку биле запоставени идеите на социјалната правда и му зададе удар на мултилатерализмот. Во првите денови беше сојузник на антиглобалистите и на поборниците на национал-држави. Го разби сонот за интеграции без граници. Овозможи авторитарните режими не само да станат сè побројни, туку и сè порепресивни.

Иако стануваше сè појасно дека на глобалниот предизвик мора да се одговори со глобален одговор, вирусот продолжи да го поткопува светскиот економски поредок, исфрлајќи на површината дека тој не е опремен соодветно да се избори со предизвиците на мегазаразите или со климатските промени.

Државите се однесуваа како вирусот да е ексклузивно нивен: затвораа граници, создаваа резерви на заштитна опрема, го контролираа извозот. Беше очигледно дека ниедна од големите сили не бара решенија во мултилатералниот систем, кој стигна до очајна состојба.

Ковид-19 ги нападна водечките демократии на Западот, наоѓајќи ги неспремни, а земјите од Истокот ја користеа конфузијата за промоција на ефикасноста на своите системи на централизирана авторитарност. Многу земји наметнаа мерки што им послужија како параван на авторитарните амбиции на нивните лидери.

Пандемијата го промени светот

Пред близу две децении, во времето на големата финансиска криза, САД го презедоа лидерството и обезбедија да бидат следени од сојузниците. Препознавајќи ја опасноста, им се придружи и Кина.

Пандемијата промени многу нешта. Кина денес е неспоредливо посамоуверена и бара можност за да го промени светскиот поредок во своја полза, профитирајќи од слабостите на унилатералниот пристап на Америка и недостатокот од стратегиско лидерство на другите западни држави.

Додека Западот во почетокот на кризата ги покажа сите симптоми на неорганизираност и недостаток на солидарност, Кина се потпре на „маски-дипломатијата“, а потоа и на агресивната промоција на супериорноста на комунистичкиот систем на „централизирана ефикасност“.

Истражувањата на јавното мислење во тие денови укажуваше на општо приклонување кон силните лидери, кои ќе умеат да се изборат со кризата. Кина се претстави како спасител.

Доналд Трамп во тоа време го лансираше поимот „кинески вирус“ и го обвини Пекинг дека ја прикрива заразата, а се покажа дека така ја прикривал шокантната некомпетентност за спротивставување на пандемијата. Коронавирусот стана елемент на нивната трговска војна.

Конфликтот се префрли и на Светската здравствена организација, која Трамповата администрација демонстративно ја напушти.

Бајден го амортизира падот

Америка доби нов претседател. Џо Бајден најави обнова на сериозно разнишаното сојузништво со партнерите во Европската Унија и во НАТО. Нема сомневања дека дипломатијата ќе ја одработи својата работа на враќање кон мултилатералноста. Сосема друга е приказната со Кина, која е цел на неговите критики поради ударите врз граѓанските слободи од Хонг Конг до Сјинѓијанг. Бајден во текот на кампањата го обвинуваше Трамп дека е премногу „мек“ во односот кон Пекинг.

Кина сега е активен учесник во политизираниот марш на вакцинацијата. Од Индонезија преку Унгарија и Турција, па сè до Бразил, во тек е моќна кампања на Пекинг, но Бајден нема да дозволи глобалниот здравствен Пат на свилата да ги оствари предвидувањата на мнозинството Европејци, кои сметаат дека Америка паднала и дека во деценијата што доаѓа Кина ќе биде помоќна. Вашингтон нема да се откаже од амбицијата да ја спречи Кина да стане светска сила Број еден, иако Кина е единствената голема економија што во 2020 година избегна економски пад и забележа раст на бруто-националниот приход за 2,1 отсто. Оваа година, пак, очекува раст од големи 8,2 проценти, со што е на цврст пат до 2028 година да избие пред САД на првото место во светот.

Судир на идеологии

Ривалството на двете водечки економии го обележуваат новиот светски поредок во раѓање, иако има различни толкувања на природата на тој судир. Едни се уверени дека идеологијата се враќа во меѓународните односи и дека се засилува битката помеѓу демократијата и авторитарноста. Други проценуваат дека конфликтот значително се разликува од идеолошкиот судир од времето на американско-советскиот натпревар за време на Студената војна. Не се работи за судир на капитализмот и на социјализмот, тврдат, туку за борба за глобална економска и финансиска надмоќ.

Дали коронавирусот ќе го воведе светот во нова студена војна помеѓу Америка и Кина е рано да се каже, но траекторијата на нивните односи укажува на нови конфронтации. Кина е сè уште далеку од тоа да ја замени Америка како суперсила, особено кога станува збор за воената моќ, но во постпандемискиот свет ќе биде спремна да се натпреварува за титулата.

Во контекстот на тоа ривалство, не значи дека меѓународните организации нема да го задржат статусот на арени во кои се водат геополитички игри. Многумина, вклучувајќи ги Русија и Кина, настојуваат да го задржат поредокот, кој им овозможува да ги зачуваат своите позиции.

Русија и ЕУ по свој пат

Новиот биполарен свет несомнено ќе претставува голем предизвик за Русија, но Москва не би сакала да биде вклучена во овој судир на демократијата против авторитаризмот. Русија и Кина се согласуваат дека треба да се промени поредокот што е концентриран на Америка и на Европа, но Москва не сака да стане член на блокот предводен од Пекинг. Може да се очекува дека токовите на руската надворешна политика повеќе ќе бидат насочени кон Европа, Индија и Јапонија.

Големи предизвици стојат и пред Европската Унија. По повеќегодишната криза, ЕУ ги покажа недостатоците во системот на владеење, менаџирањето на кризи и ефикасноста на механизмот за одлучување. Поредокот на Унијата, како парадигма на либералните вредности, е загрозен од подемот на евроскептичните сили и притисоците од Русија и од Кина.

По сите трауми во првите денови од пандемијата, дефицитот на елементарна солидарност и координација, Унијата по една година заздравува. Пандемијата ќе ги разбуди подзаспаните демократии и ќе ги потсети дека само во содејство со целиот свет може да обезбедат здравје на луѓето и на планетата, просперитет и социјална правда на граѓаните, на кои заборавија.

Глобална свест

Државите со разни стимулативни мерки ќе се обидат да спречат економска катастрофа и да го запрат трендот на губење доверба од јавноста, предизвикани од пандемијата. Ќе останат прашањата за демократијата, за авторитарните режими, за односот на власта кон јавноста, а потоа повторно на ред ќе дојдат глобалните односи, кои ги одредуваат локалните дострели на моќта.

Ако ковид-19 можеше да го урне претседателот на Америка, би можел и значително да го преобликува светот. Коронавирусот стана метафора на колапсот на глобалната власт, но свеста за тоа може да биде нејзин единствен позитивен придонес за човештвото, кое некако и ќе се навикне на новиот биполарен свет на променета Америка и на непроменета Кина.

Светскиот поредок има тенденција во почетокот да се менува постапно, а потоа наеднаш во целост. Ќе видиме.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот