Димитар Тасевски

Како изгледа преносот на Јутјуб од натпревар во ПМФЛ во 2025 година

Реалност на следењето домашни фудбалски натпревари: не е само недостиг на сјај, ова е целосно отсуство на стандарди. Нема обид да се развие спортот, нема визија за пристапност, нема загриженост за луѓето што навистина сакаат да гледаат. На еден директен пренос има само размрдана камера, застарено лого и човек во првиот ред што го навредува линискиот судијата.

Знаете ли како некои фудбалски фанови зборуваат за „автентичното искуство“? Шармoт на локалниот фудбал? Душата на играта, далеку од мултимилионските стадиони и кореографираните вечери во Лигата на шампионите? Па, гледањето на натпревар од Првата македонска фудбалска лига во 2025 година е потсетник дека не секоја автентичност е романтична. Всушност, понекогаш е чист хаос, пренесен преку тресење на камерата и обвиткан со мизерија.

Прво, нема никакво телевизиско покривање. Ниту една телевизија во земјата, дури ни националниот ТВ-канал, не пренесува натпревари од најквалитетната лига. Говориме за лига чиј врвен клуб игра во квалификации за Лигата на шампиони и Лигата на конференции на УЕФА – и не можете да ги гледате на телевизија. Натпреварите се пренесуваат исклучиво преку Јутјуб, што веднаш исклучува цела една генерација фанови. Повозрасните луѓе, кои сè уште ги следат своите локални тимови, не знаат каде да кликнат или како да го следат натпреварот на својот ТВ. Тие се заробени во прашања како да го најдат преносот или како да слушаат извештаи додека пијат кафе во локалната кафеана. За нас, останатите што ќе го најдеме преносот, нè поздравува нешто што повеќе личи на проект изработен за задача во седмо одделение отколку на фудбалски пренос.

Претпремиерната презентација е 30-минутна статична слика која ги покажува двата тима со нивните логоа, имињата на тимовите, името на стадионот, датумот и времето на натпреварот, и – бизарно – името на градот во кој се одржува натпреварот. Кој денес вклучува име на град на графика за натпревар? Сите знаат каде се одржува натпреварот ако веќе го гледаат. Се чини како да е тоа пополнување на празнините – обид да изгледа официјално, но јасно е дека не знаат што друго да прикажат.

Клубови – како да се банки

Имињата на тимовите, сами по себе се на друго ниво на формалност што граничи со пародија. Секое име ја вклучува кратенката „АД“ на крајот, што значи „акционерско друштво“. Ниту еден фудбалски фан во историјата на спортот не се грижи за правната структура на клубот пред почеток на еден важен натпревар. Гледате Вардaр или Шкендија, а не „Вардар АД“, како да е некоја банка. Додаток на тоа е вклучување на „ФК“ пред секое име – како некој што гледа фудбалски натпревар да треба да биде потсетен дека ова се фудбалски клубови. Сето тоа почнува да изгледа како некој бизарен бирократски кошмар.

Музиката во заднина во оваа претпремиерна „слика“ е уште една катастрофа. Тоа е некоја повторувачка инструментална мелодија што звучи како да е земена од реклама за детергент од 2005 година. Таа се повторува бескрајно цели 30 минути додека играчите се загреваат зад графиката. Можете да ги видите во заднина – тешко – затоа што графиката зафаќа повеќе од половината од екранот.

Потоа – логоата. И ќе помислите дека барем ќе го направат тоа како што треба. Но, не. Тимот што го гледав имаше погрешно лого на екранот. Нестилска верзија, застарено и издолжено лого, во неправилна форма кое не се користи со години. Замислете клуб кој игра во квалификации за европски натпревари и нема исправно лого при покажувањето на единствениот пренос што го добива за цела година. Ова не е петта лига и некој аматерски тим, ова е фудбал од најквалитетната лига.

И сега – почнува натпреварот! Или барем се обидува да почне. Графиката што ги покажува почетните состави излегува како непоканет гостин: еднаш, кратко, за две секунди, а потоа исчезнува, за повторно да се појави на уште неколку мигови и повторно да исчезне. Не можете ни да ги прочитате имињата на играчите, освен ако не сте со рефлекси како на брзиот суперхерој „Флеш“ и ако не притиснете пауза на точниот момент. Потоа, конечно натпреварот почнува и се појавува семафорот во горниот лев агол, но изгледа како некаква импровизирана табла, направена без многу внимание на дизајн или детали, како нешто склопено само колку одвај да си ја врши работата. Тежок, нецентриран, со неусогласени фонтови и без ажурирања за време на играта.

И еве ја најголемата поентa: нема коментар. Воопшто! Она што го слушате се нефилтрираните звуци од стадионот, вклучувајќи ги фановите што седат блиску до камерата и пцујат до максимум. Ја слушате секоја клетва упатена кон судијата, секој вик на неточно додавање на топката, секој крик како интегриран психолошки напад насочен кон играчите. Како да гледате натпревар со најгласните и најнервозни ваши чичковци.

Нема статистики за време на игра

Нема статистики за време на игра. Нема процент за кој ја поседува топката повеќе за време на играта, нема статистика за тоа кој колку удари на голот упатил. Не добивате никакви графики кога некој постигне гол. Нема графика за жолт картон. Нема порака на екранот за замена. Ништо! Ако се одморите на секунда и не гледате во екранот само на момент, можеби ќе пропуштите гол и никогаш нема да дознаете кој го постигнал. Ова е како да гледате фудбал во временска машина пред и најосновните елементи на пренос да бидат измислени.

И да ги додадеме овие моменти: камерата се тресе цел натпревар. Цели 90 минути изгледа како да има мал земјотрес на стадионот. Аглите се непредвидливи, движењата се тромави, а понекогаш има моменти на замаглување кои ќе ве натераат да се запрашате – дали леќата на камерата е замаглена или вашата интернет мрежа едноставно се предаде.

Ова е реалноста на следење фудбалски натпревари во земја чии клубови конкурираат за натпреварувањата на УЕФА и чија репрезентација има амбиции да стигне на наредното Светско првенство на ФИФА. Ова не е само недостиг на сјај, ова е целосно отсуство на стандарди. Нема обид да се развие спортот, нема визија за пристапност, нема загриженост за луѓето кои навистина сакаат да гледаат. На еден директен пренос има само размрдана камера, застарено лого и човек во првиот ред кој го навредува линискиот судијата.

Некои го нарекуваат ова „автентично“. Некои го нарекуваат „хард-кор“. Но, бидете искрени: ова е срамно!

ЈАЗИКОТ НА КОЈ СЕ НАПИШАНИ, КАКО И СТАВОВИТЕ ИЗНЕСЕНИ ВО КОЛУМНИТЕ, НЕ СЕ СЕКОГАШ ОДРАЗ НА УРЕДУВАЧКАТА ПОЛИТИКА НА „СЛОБОДЕН ПЕЧАТ“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 100 ДЕНАРИ

Видео на денот