Како грчките медиуми известуваа за распуштањето на македонското Собрание
„Распуштено Собранието во Северна Македонија“; „Северна Македонија: Предвремени парламентарни избори на 12 април“; „И официјално оди кон избори Северна Македонија“; „Северна Македонија: Распуштено Собранието – предвремени парламентарни избори“, се дел од насловите во грчките медиуми, кои ја пренесуваат веста објавена од грчката новинска агенција АНА-МПА, јави дописничката на МИА од Атина.
Во текстот на АНА-МПА, пишува дека за распуштањето на Собранието „гласаа пратениците од сите партии“ и дека изборите ќе се одржат на 12 април 2020 година.
– Одржувањето предвремени парламентарни избори, побара минатиот октомври, тогашниот премиер на Северна Македонија, Зоран Заев, по одбивањето на Европскиот совет да започнат пристапните преговори на Европската унија со Северна Македонија – пишува грчката новинска агенција.
Паралелно, во посебни извештаи, грчките медиуми ја пренесуваат и изјавата на претседателката на Европската комисија, Урсула Фон дер Лајен, за време на неформалната работна вечера во Брисел за Западен Балкан.
– Претседателката на Европската комисија Урсула Фон дер Лајнен изјави дека сака балканските земји да се поврзат колку е можно потесно со Европската унија, обидувајќи се да ја сменат атмосферата на разочараност поради инсистирањето на претседателот на Франција Емануел Макрон да не одобри почеток на интегративниот процес – пишува АНА-МПА.
– Европски извор објасни дека целта на оваа неформална работна вечера беше „да започне политички дијалог на највисоко ниво со Северна Македонија, Србија, Косово, Албанија, Црна гора и Босна за да се сфатат нивните очекувања пред да започнат подготовките за самитот во Загреб на 17 мај“ – пишува „Катимерини“ во текстот во кој користи информации од грчката, германската и француската новинска агенција.
Во продолжение, ги пренесува и изјавите на албанскиот премиер Еди Рама и на шефот на македонската дипломатија Никола Димитров, кои лошото време во Брисел и тешкотиите со кои се соочија при слетувањето, метафорично ги искористија за да се осврнат на европскиот пат на двете земји.