Управата за јавни приходи не може да каже во кои компани работодавците си земале плата од 50.000 евра, а на сметка на работниците исплаќале минимални плати, или плата од само 5 денари, но оттаму, за „Слободен печат“, објаснија како е воопшто можна исплатата на плата од само 5 денари.
– Во системот за интегрирана наплата работодавачот пресметува плата, внесува износ на пресметана нето плата, но и износ на ефективна нето плата која се исплатува на сметка на работникот која претставува пресметана нето плата намалена за задршките на плата. Работодавачот има законска обврска за исплата на платата на работникот, а доколку постојат одредени задршки на плата (кредит, осигурување, сметки за телефон, доброволно здравствено осигурување) работодавачот ја намалува платата за овој износ, а износот на задршката има обврска да го уплати согласно предметот на задршката – објаснија од УЈП.
Оттаму појаснуваат и дека „ако работодавачот го злоупотреби механизмот на задршки на плата, треба да сноси санкиции согласно Законот за работни односи по кој постапува Државниот инспекторат за труд“.
Директорката на УЈП Сања Лукаревска во интервју за А1 он обелодени дека даночните инспектори чешлаат една група на фирми каде работодавците земаат огромни плати, а на работниците им даваат „минималец“, или по неколку денари.
На нашето прашање дали е можно да се каже кои се тите фирми, или барем колку се и со колкав број на работници, од УЈП ни одговорија:
„Управата за јавни приходи е должна да го почитува начелото на даночна тајна согласно чл.9 од ЗДП“.
Сепак, директорката Лукаревска претходно рече дека станува збор за повеќе компании и тоа големи, со многу работници.