Како досега!
Само Гаши, владејачкото мнозинство, но и албанската опозиција може да мислат дека ги пренеле граѓаните жедни преку вода, кога наместо политичка и морална одговорност на вториот човек во државата, интерпелацијата ја сведоа на етничката припадност на претседателот на Собранието, на гола политика и на нова неформална опозициска коалиција меѓу СДСМ и Левица.
Африм Гаши останува претседател на Собранието. Но не затоа што, како што во благодарницата до колегите пратеници по неизгласувањето на интерпелацијата, вели оти надвладеал разумот над предрасудите, туку, многу едноставно и просто, претседателе, зашто надвладеа меѓупартискиот договор да не се растури владината коалиција.
Гаши и натаму ќе биде втор човек во државата, иако и на самата седница направи преседан со тоа што избега од седницата и немаше доблест ни да ги удостои пратениците за лично да ги слушне критиките, а богами и „одбраната“ на скандалите што ги направи за само два месеца претседателствување со Собранието. Важно, пост фестум заклучи дека на седницата за интерпелација е откриена вистината за пропагандата.
За каква пропаганда зборува спикерот на парламентот?
За извртените тези дека интерпелацијата е за неговата верска и етничка припадност, дека е поради албанофобија и исламофобија и дека е против евроатлантска интеграција, посветеноста за добрососедски односи и меѓуетничка хармонија? Па белким и самиот не верува во тоа што го зборува, зашто Македонија веќе во два мандата имаше Албанец претседател на Собранието и технички премиер Албанец, па државата не застрани во суштинските определби.
Само Гаши, владејачкото мнозинство, но и албанската опозиција може да мислат дека ги пренеле граѓаните жедни преку вода, кога наместо политичка и морална одговорност на вториот човек во државата, интерпелацијата ја сведоа на етничката припадност на претседателот на Собранието, на гола политика и на нова неформална опозициска коалиција меѓу СДСМ и Левица.
Без ниту еден издржан аргумент зошто Гаши треба да остане во претседателската фотелја и со куп неиздржани обиди да ги оправдаат неговите скандали, во стилот дека интерпелацијата не била за неговата работата во Собранието, ВМРО-ДПМНЕ, Вреди и ЗНАМ го оправдаа однесувањето на собранискиот спикер.
Па нели претседателот на Собранието 24 часа ја претставува државата и во зградата на парламентот и надвор од неа? Или не беше така?
Ако одговара само за работата во Собранието, тогаш кој му дал ингеренции да го истрча личното обезбедување на скопскиот аеродром за како шериф да ја спасува косовската претседателка од задолжителна контрола? По чија наредба се креваа рампите на преминот Блаце и за роднините на претседателот? Или на обезбедувањето на Гаши и на раководителот на граничниот премин, туку така им текнало за дополнителни активности, за да се истакнат пред претседателот. За власта тоа е доволно, виновниците се најдени и казнети, а Гаши е чист.
А кога веќе власта инсистира дека е одговорен само за работата на Собранието, тогаш зошто не слушнавме дека Гаши треба да понесе политичка одговорност за свечената изјава што ја даде прво на албански, па на македонски јазик, за двојазичните материјали, за молитвата во Собранието?
Ќе беше смешно, да не беше тажно да се слушаат владините партнери како го бранат Гаши – демек, еве, ние сме принципиелни и натаму ќе критикуваме и ќе укажуваме на грешките и на пропустите на Гаши и коалицијата Вреди, ама ќе си останеме во Владата, важно е дека мнозинството е обединето и стабилно.
Или бледото издание на експретседателот на Собранието и експонент на ДУИ Талат Џафери и неговите зборови дека Гаши грешел ама интерпелацијата е етничка и затоа нема да ја поддржат.
За жал, интерпелацијата покажа дека ни актуелната власт не е подготвена да ги повика на политичка одговорност и да разреши сопствени функционери. Дека „не се сите исти“, „има разлика“ и „никој не е над законот“, омилените фрази на премиерот Христијан Мицкоски, но и на Вреди се само голи флоскули. По што Вреди се разликува од ДУИ кога наместо одговорност за Гаши влезе во матрицата на интегративците за антиалбанство?.
Власта како и претходните владини коалиции потврди дека најбитна им е стабилноста на Владата, наместо одговорност на функционерите што ги прекршиле Уставот и законите.
По целодневната седница за интерпелацијата на Гаши, заклучокот се сведува на сега веќе легендарната сугестија на лидерот на ДУИ Али Ахмети до експремиерот Димитар Ковачевски за тоа како ќе функционираат: „Како досега“, а која, пак, Мицкоски редовно ја употребува во контекст дека нема да владеат така.