Како да си го вратите доброто расположение

Променете ги вашите зацврстени шаблони на однесување, еве од каде да почнете.

Постојано се зборува за тоа како луѓето порано поубаво живееле, биле помалку оптеретени и здрави. Особено ментално. Денес во време на брзање и модерен начин на комуникација, наместо се да е полесно-се е потешко. На нашите животи влијаат финансиските проблеми, постојаната презафатеност, лошите љубовни искуства, мултитаскингот и желбата се да имаме на дланка. Размислувате да го промените начинот на живот, да живеете посреќно.

Еве, неколку совети како да го вратите своето добро расположение.

Одете исправено

Начинот на вашето чекорење низ животот влијае на тоа како се чувствувате, покажало истражувањето објавено во часописот Journal Behavior Therapy and Experimental Psychiatry. Истражувачите заклучиле дека испитаниците кои се замолени да одат со подгрбавени рамена, со минимални движења на рацете, се полошо расположени во однос на оние кои одат одважно и исправено. Подгрбавените личности во студиите имале обичај да паметат повеќе негативни отколку позитивни работи.

Совет: Подигнете ја главата, исправете ги рамената и задржете го позитивниот поглед на светот околу себе.

Вежбајте, шетајте

Луѓето кои не се активни, не шетаат во природа, не одат на пилатес, во теретана, склони се на депресија.

Совет: Излезете надвор и раздвижете се. Тоа не мора да биде долга активност, прошетајте во околината, заменете го лифтот со скалите, направете било што, можете и само да работите низ дома бидејќи и тоа ќе ве раздвижи вас и вашиот ум.

Прекинете лоша врска

Останувањето во лоша врска предизвикува помалку самодоверба. Често вашиот партнер ве убедува дека не сте доволно добри, дека не работите како што треба, дека не го сакате доволно, што доведува до ваша нестабилност.

Совет: Можеби не ќе можете сами да донесете одлука. Размислете дали постојат знаци кои покажуваат дека вашиот партнер е насилен кон вас во психолошка смисла. Побарајте одговор кај професионалец или близок пријател/член на семејството кој би можел да ви помогне да ја согледате ситуацијата и да се извлечете од лошата врска.

Не сфаќајте сè премногу сериозно

Не секое сопнување на улица е причина да се посрамотите. Наместо тоа насмејте се од срце. Смеата е придобивка, нешто што ве одржува во нормала, позитивно влијае на здравјето. Најбрз лек е против депресија и анксиозност.

Совет: Децата се одличен извор на смеа, поминете што повеќе време во нивно друштво. Пронајдете што ве засмејува и поработете на својата смисла за хумор.

Спијте доволно

Сонот е клучен фактор. Тој влијае на емотивни и ментални капацитети, исто колку и на физичките функции. Спиењето е време за регенерација на телото и без сон системот не функционира исправно.

Совет: Обидете се да пронајдете причина за несоницата, создадете амбиент за погоден сон. Опуштете се со купка или топла напивка пред спиење.

Разговарајте со луѓето не праќајте пораки

Ако премногу користите СМС пораки и друштвени мрежи за комуникација со пријателите, ви недостига вистински контакт со луѓето. Попатното разговарање на станица додека чекате автобус за на работа, не се смета.

Совет: Најдете се со пријателите на пијалок, поминете вечер со семејството, не користете мобилен телефон.

Не вршете повеќе работи истовремено

Сите во одредена мерка паѓаме во замката на мултитаскингот: јадеме на масата, го разгледуваме Фејсбукот додека гледаме телевизија и се допишуваме на Вибер. Не, не сте покорисни на тој начин, само сте под поголем стрес. Не сте свесни за случувањата кои се околу вас и не сте во состојба ефикасно да комуницирате.

Совет: Исклучете го мобилниот телефон, изгаснете го телевизорот, свртете го вниманието кон она што се случува околу вас. Дозволете на вашиот мозок да процесуира се што ви се случува во реално време, правејќи една по една работа, но без извештаи за истата на друштвените мрежи.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот