Како да се однесуваат мажите во јавни куќи без курви!?

Стратегиските советници не можат да сторат ништо ако шефот на парадата обожава да организира трибини за тоа како да се однесуваат жените в црква. Или мажите во свет без жени. Во кафеани без алкохол. Во јавни куќи без курви. Во политика без корупција. Таа доктрина не може да биде сервисирана ниту од најпаметната памет. Крај. Таквата доктрина не ги собира стратегиските советници за да биде советувана, туку за да ги има како интелектуално покритие за својата ригидност. Како алиби за недоволноста на примитивноста. Која најдобро се гледа во ставот дека Македонија е смртно пропадната земја во моментот кога влегува во НАТО и ЕУ и добива највисоки оценки од најрелевантни меѓународни инстанци. Па, уште со тврдењето дека тоа пропаѓање почнало во моментот кога Македонија се ослободила од нив, односно од злосторничкиот режим на вмро-дпмне и решила да му се потчини на диктаторот Заев!? На диктаторот Заев!? На шефот на октоподот!? Замислете! Борко Ристовски ќе треба да им објаснува на спортистите дека Заев не е Боб Гелдоф на македонската и регионалната политика, светски човек пред освојување на Нобеловата награда за мир, туку локален Брејвик кој ги треби младите Македончиња со новиот калашников на својата антимакедонштина и предавство!? Кој тука може да помогне!? Кој може да ја совлада таа нестварна разлика меѓу стварната стварност и таа што ни ја произведува застарената лабораторија на опозицијата низ која по ретортите полни со антракс, шетаат дебели стаорци. Никоја, драги мои, никоја, а таа памет што се пријавила и дала согласност за некакво стратегиско партнерство, ги изложила на крајни ризици своите интелектуални, професионални и морални кредити и интегритети, ставајќи ја својата стручност, прво, во функција на таа идејно невозможна мисија (будали), а, второ, на услуга на најголемата злосторничка инсталација која до пред три години ја пустошеше Македонија (приклонување кон злото), а денеска внимава да не случајно мрдне напред.

Самоубиствена заглупавеност

Го забележувате ли, почитувани, интензивното треперење на воздухот.

Таа испрекршена светлина што во пустината го најавува присуството на вода во форма на фатаморгана, а во Македонија зипуваните надежи на луѓето дека некоја несреќа, каква било хаварија, природна, политичка, лична морална, криминална итн., ќе го спречи дефинитивното европеизирање на земјата. Прво преку компромитација на датумот за почеток на преговорите, а потоа во сè друго.
Јас сум сведок на драматичните промени на континентот, посебно на ширењето на Европската Унија, односно заедница, од бројот шест, до бројот 28 и не се сеќавам дека внатрешниот политички конфликт во која било земја успеал да се деформира во такво ниво на самоубиствена заглупавеност како во Македонија.

Во драматично ментално заболување, во опасна форма на општа психоза и хистерија, во која, односно со која, заболените се однесуваат прилично ненормално, така зборуваат, така пишуваат, така гестикулираат, просто, не се во состојба да носат рационални одлуки, односно се соочуваат со феноменот на одземената деловна способност. Милчин уеј!

Убеден сум дека станува збор за убедливо малцинство, но доволно големо за да влијае врз општиот дискурс, особено што во таа групација со одземена деловна способност да се занимаваат со општите работи, се многу видни луѓе, политичари, новинари, режисери, професори и професорки, спортисти, актери итн. Стратегиски советници. Опасни играчи чиј деструктивен и субверзивен капацитет се гради во разликата меѓу нивната ментална хендикепираност и нескротливата амбициозност да работат на прашањата на општото добро.

Зошто е тоа така!?

Луѓето што беа емоционално погодени со промената на уставното име и уште повеќе со форсираната и агресивна кампања против промената, која го жареше тоа расположение кај граѓаните, но самата не се водеше од емотивни и идентитетски причини, туку од политички, даваат одредена нијанса на општото расположение, но не доминантно. Слични нијанси удираат и оние што од различни причини не ја мирисаат Европа, некои затоа што се русофили, други затоа што се плашат дека нема да можат да печат ајвар и ракија во Европската Унија, трети затоа што не можат да ѝ ги простат на Европа историските гревови во однос на нашата слатка земјичка, но главниот тон го даваат оние што мислат дека во хаваријата на европскиот проект ќе го урнат Заев и ќе дојдат на власт. При што еднакво им се важни и хаваријата и доаѓањето на власт. Односно на власта гледаат како на антиевропски инструмент и во вредносна смисла (во тој поглед се апсолутно надвор не само од европските, туку од сите цивилизациски текови) и во интеграцискиот, односно, во геополитичкиот аспект.

Европа е остварување на македонскиот сон

Европа е остварување на македонскиот сон. Самосимнување од статусот национално и државно прашање и поместување во статусот европски историски, политички, геополитички, државен и национален субјект. Место на масата во клубот кој решава. Матичен број. Заверка. Лиценца. Градежна дозвола. Идентитет што се докажува затоа што е тоа природен и културен ред на нештата, а не затоа што е негиран.

ВМРО-ДПМНЕ има два, односно три главни проблема во врска со ваквите перспективи: прво, во еден правно, политички, институционално и морално уреден свет, тие не би имале што да кажат и да бараат, односно за да преживеат би морале да се променат толку многу што ниту баба Нада не би можела да ги препознае и, второ, тоа симнување на македонското национално прашање со дефинитивна потврда во најрепрезентативниот контекст, за нив не е алтернатива на самосимнувањето преку исчезнување, опција за која триесет години интензивно се борат со сите средства, независно од тоа колку се за тие аспекти свесни или не се свесни. Затоа што тоа самосимнување преку исчезнување зависи од нивната доктрина многу повеќе отколку од нив. Таа линија на резони ја исклучува можноста Македонија да ја води вмро-дпмне во овој трибален формат.

Проектот за интегрирање на Северна Македонија во НАТО и во ЕУ е по дефиниција проект за нејзиниот опстанок како најдобра или, можеби, најмалку лошата опција за овој дел на светот. Во тој проект, кој на времето се прикажуваше како најуспешна приказна на европската надворешна политика, се вложени многу енергија, трпение, знаење, па и пари. Танкерот на светската политика на темата за Македонија го има тој правец кон Брисел, а така големи габарити правецот не го менува воопшто или го менуваат многу тешко. Тој проект не е завршен. За минимална историската заверка на неповратноста на процесите и за внатрешна имплементација, ќе требаат уште десет години. Време во кое не е убаво да се очекува или да се работи на смена на власта со доктринарно и политички, па и со медицински, нездрави опции. А ако се работи како што тоа го работи Мицко, тоа е една прилично бесмислена активност во која будалите што немаат друга работа можат да ја празнат својата страст. И дркаџиството пружа некакво задоволство.
Тоа е просто така. Така мора да биде. Т

оа е минимум сигурност за инвестицијата која се вика иднина на Македонија. Минимум разумниот свет тоа ќе го разбере и ќе гледа своите аспирации да ги задоволува преку конструктивна критика на власта и преку смени во власта без промени во концептот, на доктрината и на филозофијата. Тоа ќе ја осипе опозицијата за оној дел кој ги врзуваше своите очекувања, не толку за вмро-дпмне колку за брзата промена на власта. И ќе ги зголеми шансите на власта.

Но, главниот адут е драматичната промена на перспективите. Внатрешното ослободување и надворешното интегрирање. Никогаш не сме биле во посјајна позиција. Резултати остварени во само две години. Со страшни внатрешни отпори на тие што би да дојдат на власт. Хахаха. Не, драги пријатели, ова не е апологетство, а и да е – што, ова е разумност која си дозволува да апелира да се здружиме околу власта во остварувањето на приоритетните национални и државни, граѓански интереси, односно во остварувањето на безбедносен и вредносен контекст, во кој допрва ќе можеме да водиме реален демократски, плурален натпревар. Ова тоа не е. Ова е да се биде или не! Така тоа се прави во сите држави.

Така се демонстрира државотворната, национална и граѓанска свест. Ослободете го страничниот поглед, погледнете ја пошироката слика, прекршете ги низ перспективите на своето семејство реалните импути и кажете им збогум на кретенизирачките тралалајки. Или појдете на трибина кај што ќе ви кажат како треба да се однесувате за да бидете будала.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот