Како да преживееме?!

мендо димовски
Мендо Димовски, Фото: Архива

Од ова што ни се случува во општеството и државава ми се насобра голем немир и неспокој. Најпрво ме трогнаа состојбите во здравството, во кое откако навлезе короната го направи толку не здраво, што безмалку сите се разболевме и станавме очајни. И, како да кажеме дека добро се чувствуваме, кога толку луѓе (најмногу во Европа) умираат дневно од короната?! Навистина прифатливи се објаснувањата и оправдувањата на одговорните за преземањето и (не)почитувањето на мерките за заштита од пандемијата, меѓутоа остануваат отворени и неодговорени прашањата зошто токму кај нас се поразителни последиците од вирусот?! Има тука некои работи што не одат како што треба, за што кажуваат компетентни и стручни познавачи на причините за ваквата состојба.

Проблемот е поголем што најмногу страдаат обичните граѓани кои тешко се справуваат со вирусот и поради финансиската немоќ. И лекувањето е во прашање зошто нема соодветен протокол, а за скапите лекови и да не зборуваме?! Ставени пред свршен чин луѓето се задолжуваат за да купат лекови, особено клексани и други средства против згрутчувањето на крвта, од што најмногу се умира. За да спасат глава многумина се лекуваат во приватни болници, а најпосле големи проблеми настануваат и со остварувањето на правото за рефундација на потрошените средства.

Но, не е „болно“ само здравството! Пандемијата го разболе и образованието, а МОН не најде доволно време да се подготви и превентивно да делува во борбата со коронавирусот. Затоа сега ќе се раководи според диктатот на епидемијата: ќе отвора и ќе затвора училишта, ќе става во карантин и изолација ученици и просветни работници и ќе презема разноразни и нелогични мерки и постапки?! Ништо подобро не е во културата, во сообраќајот и бизнисот, во стопанските дејности како и во другите пори на животот и работата на луѓето. Состојбата, навистина загрижува, иако таква процена нема од таму од каде што треба да има.

Овој проблем е во фокусот на медиумите, иако вниманието им го одвлекоа проектираните и тековните активности на Владата, како што се пописот и локалните избори. Власта и опозицијата од петни жили прават напори за да ја зголемат привлечноста и да придобијат поголем број гласови од граѓаните. Притоа ангажираат „свои“ новинари и медиуми кои ги прикажуваат и величаат нивните „успеси“ за да ги намамат гласачите за поддршка. За среќа ваквите гласноговорници и „големи“ стручњаци за толкување на состојбите не се толку значителни и насекаде присутни. Меѓутоа, има некои агресивци што се понесени од „регулираната обврска“ спрема газдите и по секоја цена ги фаворизираат наредбодавачите и заплеткувајќи се во сопствените мрежи, ни продаваат магла, а за бламажата и губењето на авторитетот (ако го имале) и да не зборуваме?!

Такви конформисти, полтронисти и други како нив исти вешто ги прикриваат промашувањата, а сведочат за божемните успеси на работодавачите и ги штитат нивните, но и своите интереси?! Затоа не е тешко да се препознаат и селектираат тие потрчковци, особено кога јавно настапуваат. Така, еден автентичен аналитичар и апологет на „доброто што ни се случува“ неодамна нудеше решенија за продолжување дури и за подобрување на таквата состојба, но само ако го послушаме што да правиме и за кого да навиваме на претстојните локални избори. Во фалењето на неговите фаворити, тој главно беше фокусиран на надворешниот изглед, на ликот и фигурата на кандидатите за градски татковци. Импресивен впечаток ми остави описот на актуелниот градоначалник на нашата метропола, како „сосема пристојна и репрезентативна величина“, како човек со „репрезентативен габарид… кој се заплакнал и се напил од чиста изворска (не знам дали вардарска) вода“?!

Се восхитував на лирското искажување за габаридот и пиењето вода, ама ништо не прочитав за успесите во работата и делата на фалениот градоначалник?! Дали тој навистина ги има или навистина ги нема тие успеси?! Тоа е најважното што ги интересира граѓаните, иако тие добро го познаваат, дури и повеќе од аналитичарот. А тој, пак, во желба да не увери во вистината, прави компарации со други кандидати и постојни градоначалници кои, како што вели, не се покажале како добри татковци. Уште да кажеше за немилосрдното трошењео на буџетските пари, се ќе му беше потаман и ќе ги прелажеше граѓаните, а вака навистина се сомневам! Можеби, пак, не знаел за тоа дека, освен кај неговиот и кај неколку други градоначалници, повеќе од половината од буџетот се одвојувало за хонорари и надоместоци на администрацијата. Од тој „грабеж“ речиси ништо не останало за капитални проекти и затоа пред избори локалните власти ги прекопуваат парковите и со асфалт ги замачкуваат улиците за да им ги замачкаат очите и на гласачите?! Сепак, треба да му се оддаде признание на аналитичарот за брилијантниот заклучок во колумната каде истакнува дека „локалните избори се работа за комунални прашања, она де, околу јавниот превоз и изнесувањето ѓубре“.

Е, тука навистина ме погоди и во целост се согласувам за чистењето на ѓубрето, кое мора што побрзо да го изметиме и исфрлиме! Бездруго, тоа треба да го направиме пред изборите, ако сакаме и ние малку да се напиеме од бистрата водичка што ја пијат моќниците од изворите на водите. Така и нам ќе ни нарасне габаридот, па ќе можеме да им се спротивставиме на проблемите за да преживееме?!

Затоа, не потклекнувај мој народе! Верувај дека има надеж, зашто таа навистина последна умира?! Треба да ја црпиме и од делата на нашиот великан Блаже Конески, кој истакнува дека и во тешки моменти има начин за преживување: „Какви порази сме морале да издржиме, какви срамови, какви поруги. Боже, умот дури ми се свртува! Ни помагало нешто, нѐ крепело нешто, некаква смешка, некаква површност – и по сето тоа во нас некаква надеж, некаква желба, некаква скриена смисла безрасудно пак изртува!“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот