Како да го отстраниме злото што ни се случува?!

По неколку години, за среќа, пред голем број почитувачи на пишаниот збор и мене ми се даде можност по вторпат да застанам на сцената во Клубот на љубителите на книгата при Здружението на пензионери „Солидарност – Аеродром“ – Скопје. Во 2014 година настапив со првата книга „Чекорења низ животот“, а на 26 ноември требаше да ја промовирам мојата четврта книга „Што ни се случува?!“

Така беше регулирано триесетина дена пред самиот настан и прецизно испланирано во договор со претседателот на Здружението и претседателот на Клубот, којшто го имаше главниот збор во претставувањето на делото. Токму кога сè беше стокмено и извежбано со промоторите, речиси пред самиот настап, добив известување дека промоцијата нема да се одржи од „технички“ причини. Веднаш дотрчав кај претседателот на Здружението со молба да ми ги објасни причините. И тој така ми објасни сè за ништо да не ми објасни?! Но, „за мое добро“ „човекот“ ме предупреди да не кревам „џева“ за да не ги комплицирам работите, зашто навистина причината била во постоењето непричина?! И што заклучив: суштината на оправдувањето е во немањето суштина, а целта ги оправдува средствата?! Очигледно е овде дека станува збор за забрана на промоцијата на мојата книга „Што ни се случува“ за некој да ја негира и убие вистината и креативноста?!

Но, кој тоа го направи?! Кој се осмели да стави забрана на оваа активност – го прашав претседателот на Здружението „Солидарност – Аеродром“?

Со полунаведната глава тој почна да се оправдува: „Како најодговорен во здружението, нема да дозволам да ми се префрла вината, зашто Клубот не е ниту мој, ниту на претседателот на клубот, туку на пензионерите…“

И така, кажува нешто што држи вода во решето?! Згора на тоа, многу претседатели на здруженија му се јавиле и го насочиле како да постапи, зашто и тие се препознале во книгата, а јадни толку биле безгрешни?! За волја на вистината, не сакаше да ги наброи поименично „советниците“, а можеби не можеше и нив да ги измислува?! За предомислата, дури се обиде да ми докажува дека немало ветување за сигурно претставување на книгата. Божем не знаел каква проблематика третира, а признава дека се препознал во колумните што ги опфаќаат изборните активности на некои пензионерски здруженија и раководства. Демек, не може да се согласи со моите ставови и кажувања за неправилностите, неработата и непочитувањето на законитоста во пензионерската организација, зашто верува дека тој навистина е исправен?!

И, што може да се каже за ваквото размислување и оправдување, за запирањето на креативниот дух и потребната критичка мисла?!

За жал, или за среќа, разговорот се одвиваше пред очите на секретарот на Здружението, кој чудно гледаше и поткреваше раменици од немоќта да проговори и да се спротивстави?! И јас да му полтронирав ќе му „поверував“, иако на моменти мислите ме носеа кон „засегнатите“ лидери на Здружението, и си велев можеби немаше да дојде до оваа забрана ако тие не инсистирале на тоа?!

Ми надојде и прашањето зошто пред самиот настан некој се обидува да ги лиши љубителите на книгата да ја дознаат вистината за проблемите и слабостите во пензионерската организација?! Си велев, можно е тука некој поголем чауш (башчауш) да ставил рака, па почнав да нагаѓам. Искрено, се посомневав дека иницијативата потекнува од „центарот“ за (не)информирање во Сојузот, зашто имам сведоштва за извршен атак врз пензионери кои присуствуваа на промоцијата на актуелната книга минатиов месец во Домот на АРМ. Едноставно, го препознав гласот во оној од пред три години, кога неколкумина водственици од Сојузот по ваков повод се упатија кон промоцијата на мојата книга „Јас“. И, тукушто тргнале од седиштето на „уќуматот“, една придружничка упатила чудно предупредување кон друга на кумановски дијалект: „Куде си пошла на Мендину промоцију, знаш да ќе ти се љути претседател“?!

Малку подоцна увидов дека тогашната и сегашна (с)уредничка, навистина била во право?! Не само што се налути тој деспот од претседател, туку неосновано и без факти ме нападна, ме обвини, ме накуди, па дури и напуди. Нему, пак, не му се допаѓаше „откажувањето послушност“, а и моите пишувања во „Слободен печат“, па почна јавно и јадно да реагира за да ги демантира?! Од хумани причини не сакав да му одговарам, ама сега орото е толку заплеткано што е можно и тој да ја поттикнал или наредил забраната?! Своевремено моќникот не дозволи во истиот клуб да се промовира гореспомнатата книга, која не му се допаѓаше и поради насловот: демек, кој сум јас, да сум јас, кога јас не сум јас?! Дури чудно и смешно звучи, нели?!

Но, чудно и жалосно е денес во нашата демократија, кога на сите устата ни е полна со слобода на говор и разнократија, да има некој, дури и во пензионерската организација, да го ускратува правото на пензионерите, особено на љубителите на книгата да ја знаат вистината?! Виновникот сигурно брзо ќе се препознае и појави, како и оние другите што се препознаа!

Но, што сакав да кажам на неодржаната промоцијата токму за ова што ни се случува? Како и на многумина други, и мене почнаа да ми се случуваат неубави работи: разни подметнувања, кодошења, измислувања, невистини и други неправди. Почнав да пишувам за тоа и да ја бранам вистината во име на сите обесправени и засегнати. Се трудев моите кажувања и укажувања да бидат одраз на видувањата и мислењата на тие обични и добронамерни луѓе што не можеа и сѐ уште не можат да се помират со: безредието, со злосторничкото здружување, со непочитувањето на законитоста, со неправдата, со „самоволизмот“ и „лигавизмот“, со конформизмот, непотизмот и пизмот…

И насловот на книгата „Што ни се случува?!“ произлезе токму од чудењето што се провлекува низ содржината на колумните за тоа навистина што ни се случува и кон каде ни е свртен компасот?! Тој восклик и предупредување излегува длабоко од душата на обичните граѓани што бараат чаре за сплотеност, за подобро и поквалитетно живеење и за јакнење на правото и правдата во државата! Бараат решение за тоа што ни се случува за повеќе да не ни се случува!“

И конечно, сите да се заложиме да го отстраниме ова зло што нè опкружува, па и во пензионерската организација!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот