Како Алтернатива на Африм Гаши стана и власт и опозиција

Љубиша Николовски
Љубиша Николовски. / Фото: Слободен печат

Трговецот од Горњи Милановац во договор со стариот лисец од Мала Речица, успешно го изменаџираа влегувањето на Алтернатива во власта, отстапувајќи му рамномерно високи министерски функции, но и бројни директорски места во државни институции.

Ете, и тоа бидна. Алтернатива конечно влезе во Владата, го зголеми парламентарното мнозинство и ја затвори политичката незивесност што ја наметна опозицијата со барањето за гласање недоверба на Владата на Заев, барем привремено, до неговото конечното заминување од премиерската позиција.

Ова тешко ќе беше можно доколку зад овие преговори не застана Зоран Заев, во сослужение на Али Ахмети.

Трговецот од Горњи Милановац во договор со стариот лисец од Мала Речица, успешно го изменаџираа влегувањето на Алтернатива во власта, отстапувајќи му рамномерно високи министерски функции, но и бројни директорски места во државни институции. За СДСМ многумина очекуваа ваков потег, но ДУИ се надмина себе си, отстапувајќи тешко стекнати позииции во преговорите кога се составуваше сегашната Влада.

Секако, Заев мораше да го ослободи од „морална одговорност“ својот омилен министер за здравство, Филипче, и министерската фотеља да им ја препушти на Алтернатива. Но, со тој потег, од една страна, ги задоволи барањата на јавноста за негова смена поради трагедијата со тетовската болница; но, од друга страна, го убеди Ахмети во сериозноста од зачувување на Владата, па и за прифаќање отстапки во министерствата во корист на новодојдената Алтернатива.

На тој начин, овие двајца успеаја да го привлечат младиот лидер на Алтернатива, Африм Гаши, кој максимално го искористи политичкиот момент и стана личност (на крајот) на годината. Ја внесе партијата во влада на најдобар можен начин, во најлошо можно време. И постигна две невозможни цели: стана власт на централно ниво, а остана опозиција на локално. Опасно игра на два фронта. И засега успешно го прави тоа.

Но, да не заборавиме дека Алтернатива еднаш веќе беше дел од власта, така што и не е толку нелогично нејзиното повторно влегување во истата. Само што понекогаш треба да излезеш, за да се вратиш, посилен.

Сега оние што останаа во опозиција можат да се лутат и да пуштаат отровни стрели кон Алтернатива, но не треба да се заборави дека секоја политичка битка е да се биде на власт. Забелешките дека Алтернатива влегла во влада во која седи „корумпираната ДУИ“, можат да им ги упатат на тазе стекнатите компањони во опозицијата од БЕСА, кои до скоро удобно седеа во неа и ништо не им пречеше.

Владата сега може мирно да се посвети на поставените програмски определби или на приоритетите кои ѝ се наметнуваат патем. Еден од нив е и заокружување на европската агенда, која како предуслов беше истакната како лајт мотив во преговорите со Алтернатива, а заради што на некој начин се кандиса и ДУИ.

Она што може да се заклучи е дека, иако почнат со недоверба и воден од изборната математика, сепак, договорот на Зоран Заев со Али Ахмети е очигледно доволно силен и стабилен за да го издржи сериозниот здравствен, економски и политички предизвик во кој се најде државата, без нејзина волја.

Заев, од своја страна, уште еднаш покажа дека е политички лидер кој тешко дека некој наскоро ќе го надмине на македонската политичка сцена, особено во коалицискиот капацитет и во моќта за стабилизирање на една толку идеолошки и етнички хетерогена Влада. Очигледно, многу повеќе му оди во дејствувањето зад затворени врати, одошто пред камерите.

Али Ахмети, пак, покажува сериозен сенс за државотворност, секако воден од интересот на колективитетот на кој му припаѓа, но кој од геостратегиски аспект се поклопува со севкупниот национален интерес. Дури, може да се каже дека албанската етничка задница го одржува европскиот курс со повеќе оптимизам, одошто мнозинскиот, македонски народ, кој е донекаде оправдано подложен на евроскептицизам.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот