Кајмак или бурек?

Марин Гавриловски

За вкусовите секако не треба да се разговара, но она што е сигурно е дека македонската кинематографија, и уметност воопшто, е збогатена со уште едно уметничко дело, кое достоинствено веќе нè претставува пред меѓународната филмска и гледачка јавност.

Милчо Манчевски спаѓа во онаа група автори, меѓу кои се Моцарт, Гауди, Пикасо и многу други, кои се показател на тоа дека уметничкиот израз не е само резултат на човечкиот талент, туку дека сите тие творци биле допрени од божествената или космичка, како сакате, енергија, со чија помош се материјализираат нивните дела, во она што ние го гледаме, слушаме или на некој друг начин го восприемаме со нашите сетила.

На едно такво доживување бевме сведоци минатата недела кога во Македонската филхармонија премиерно се прикажуваше седмиот по ред игран филм на нашиот најдобар режисер Милчо Манчевски, едноставно наречен „Кајмак“. Милчо, како и секогаш, успеа да ги ангажира сите наши сетила, да нè насмее (во овој филм секако повеќе отколку во претходните), да нè натажи, да нè соочи со самите себе, да нè тресне од земја, да нè вивне во обаци, да ни ги постави прашањата што ние самите не сме сакале или не сме имале храброст да си ги поставиме. Едноставно да ни каже што е животот и како тој се живее.

Виртуозот на контрасти Манчевски, успеа да ни ги раскаже приказните за две семејства, и двете среќни и несреќни на свој начин, различни, а сепак слични, поставени во урбаната џунгла на силуваниот град во кој нема место за хуман живот и каде што лицата со посебни потреби поради тоа што на тротоарите се паркирани возила, мора да си го ризикуваат животот на коловозот и каде отпушокот од цигара паѓа во дворот на соседот, бидејќи помеѓу трошните куќи во скопските маала веќе подолго време никнуваат модерни облакодери без доволно простор за да се сочува каква-таква интима.

Актерската екипа, под строгата диригентска палка на Манчевски, добро ја завршила својата работа. Камка Тоциновски, Сара Климовска, Симона Спировска и Ана Стојановска, наспроти Александар Микиќ и Филип Трајковиќ ги формираат ударните тројки преку кои се одвива дејството на филмот. Петар Мирчевски заслужено како и секојпат има забележителна епизода, а за севкупноста на делото, свој не мал придонес имаат и продуцентот Јане Ќортошев, продукцискиот дизајнер Дејвид Мунс, имиња што и досега се појавуваа на одјавните шпици на филмовите на Манчевски, како и данскиот директорот на фотографија Улрик Боел Бенцен, кој премиерно се појавува во оваа продукција.

Милчо си поигрува со чувствата на гледачот, го тестира неговото минато или можеби иднина, ставајќи го во ситуација на подавалникот да избира помеѓу кајмакот или бурекот, кајмакот претставен како нешто „мрсно“, скапо и кој не се консумира секој ден (олицетворен преку убавата продавачка на кајмак Виолетка, која ја игра Ана Стојановска) и бурекот како нешто посекојдневно (олицетворен преку мајсторката за бурек Данче, која ја игра Симона Спировска). Третиот член во првата тројка, Карамба, кој со маестрална леснотија го игра Александар Микиќ, е ликот кој одлучувајќи се да го одбере кајмакот, на крај останува и без него и без бурекот, пред свои очи следејќи го мрсниот еротски дуел помеѓу Виолетка и Данче.

Причината за појавата на втората тројка е поинаква. Во неможност да имаат деца, Ева и Методи (Камка Тоциновски и Филип Трајковиќ) отстапуваат место во својот дом за Доста (Сара Климовска), која ќе биде сурогат-мајка на нивното дете. Дејството се испреплетува преку приказните за овие две (проширени) семејства, преку мотото: „За танго или за среќа (јас би рекол: и за несреќа) се потребни тројца“. Филмот кулминира со неочекуваниот пат на заталканиот куршум, кој нè потсетува на непредвидливоста на животот и тоа дека среќата и несреќата секојдневно се мешаат низ нашите животи.

Како и секој гениј, и Милчо е контроверзен и провокативен. Неговите дела не секогаш им се допаѓаат на сите, ниту, па,к тоа било некогаш негова интенција. За вкусовите секако не треба да се разговара, но она што е сигурно е дека македонската кинематографија, и уметност воопшто, е збогатена со уште едно уметничко дело, кое достоинствено веќе нè претставува пред меѓународната филмска и гледачка јавност.

А дома, за дома земете топла лепиња и право на кино, за сами да си изградите мислење за тоа што кај вас ќе предизвика кајмакот на Милчо Манчевски.

Авторот е адвокат

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот