Кај кого се британските нуклеарни шифри додека Џонсон е во болница?

Фото: EPA-EFE/FACUNDO ARRIZABALAGA / POOL

Според британскиот устав, единствено британскиот премиер може да нареди и да одобри нуклеарен напад.

Британската влада засега одбива да соопшти кој е одговорен и кој ги поседува нуклеарните шифри на Обединетото Кралство, додека премиерот Борис Џонсон се наоѓа на одделот за интензивна нега, поради компликациите предизвикани од коронавирусот.

На прашањето на британските медиуми дали можеби назначениот заменик, министерот за надворешни работи Доминик Раб, ги има шифрите, од владата кратко одговорија  дека постојат добро развиени и добро поставени протоколи, притоа одбивајки директно да дадат одговор кој во моментов  ги има шифрите, за евентуална употреба на британското нуклеарно оружје.

Според британскиот устав, единствено британскиот премиер може да нареди и да одобри нуклеарен напад.Тоа предвидува дека единствено премиерот кој ги има шифрите за атомско оружје може да ги предаде на нуклеарната постројка или подморница од каде би бил изведен ударот.

Но од британската влада засега одбиваат да одговараат на прашања поврзани со националната безбедност, коментираат британските медиуми.

Владата во Лондон официјално соопшти дека актуелниот шеф на дипломатијата Доминик Раб е назначен за заменик на премиерот и ќе раководи со Велика Британија се до опоравувањето на Борис Џонсон. Се додава и дека засега, не се размислува за намалување на вонредните мерки кои Британија ги воведе како превентива од ширењето на коронавирусот.

Во меѓувреме, британските медиуми информираат дека премиерот Борис Џонсон е префрлен на интензивна нега поради проблеми предизвикани од коронавирусот. Со цел да се спречат евентуалните шпекулации околу здравствената состојба , „Даунингстрит” 10 информираше дека Џонсон добил кислород, а бил хоспитализиран како мерка на претпазливост по влошувањето на неговата здравствена состојба,

За потсетување, Џонсон, една седмица откако се утврди дека е позитивен на коронавирус, мина во изолација во станот во Даунинг стрит,, Џонсон се обидувал по пат на видео врски и електронски пораки да раководи со ситуацијата, но постојано кашлал и состојбата не му се подобрувала.

Даунинг стрит соопшти дека Џонсон во петок нема да се врати на работа, како што се очекуваше, доколку и натаму има зголемена телесна температура. Здравствената состојба на британскиот премиер не се подобрувала, па во сабота навечер  итно беше пренесен во болница. Даунинг стрит соопшти дека Џонсон е примен во болница поради одредени тестови, по совет на лекарите. Вчера, околу 20.30 часот е соопштено дека Џонсон е примен на одделот за интензивна нега.

Изворите кои информираа дека Џонсон примил кислород не беа демантирани, но Даунинг стрит ги негираше тврдењата на руските медиуми дека тој е приклучен на респиратор, оценувајќи ги како дезинформации.

Личната борба на Џонсон со коронавирусот ја вознемири британската влада но и британската јавност, особено што влошувањето на неговата состојба доаѓа во време во кое, според медицинските експерти, Британија влегува во најтешката фаза на пандемијата.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот