Каевски: Не смееме да ги заборавиме спортистите

фото/фејсбук/амс

Спортот пред десетина дена доживеа потрес откако од Македонскиот олимписки комитет (МОК) алармантно објави дека се заканува „суспензија“ на спортот во нашата држава. Причината за ова е барањето на Интернационалниот олимписки комитет (ИОК) статутите на спортските федерации да се усогласат со матичните федерации и да се оддели политиката од спортот.

– На Федерациите со законот за спорт и законот за здружение на граѓани и фондации им се нуди тотална автономија и независност и во делот на одлучување и во делот на работење на самите федерации. Присуствував на последниот состанок на УО на МОК каде што разговаравме за сите овие теми и ми укажаа дека тоа е писмо што било праќано во неколку наврати во последните години, така што не е нешто ново и се апелира на проблеми во законот за спорт. Јас укажав дека сè што е спорно и што не е во корелација со меѓународните статути кои што важат за нашите федерации, ќе бидеме во насока да го подобриме. Нашите определби во Законот за спорт предвидуваат секоја федерација да го усогласи статутот со нивната матична меѓународна федерација, Законот за спорт и Законот за здружение на граѓани и фондации. Секако законот е жива материја, се менувал, се менува и ќе се менува и во иднина со цел да биде во функција на спортистите, спортските работници и федерациите, клубовите. Ние сме тука да ги подобруваме стандардите и условите и во таква насока ќе работиме – вели за „Слободен печат“ Дарко Каевски, директорот на АМС, кој вели дека е подготвен да се разреши ситуацијата со МОК.

фото/фејсбук/агенција за млади и спорт

– Ми укажаа дека може да одиме во Лозана, Швајцарија на разговори во седиштето на ИОК. Ние како АМС и како држава им стоиме на располагање. Се залагаме за што подобри односи со сите меѓународни институции, федерации кои ни помагаат и ќе ни помагаат да го развиваме спортот со нашата држава. Единственото нешто што АМС го бара од федерациите е почитувањето на законот за спорт и секако апелираме и мониторираме за да има едно рамноправно и неселективно однесување кон сите спортисти затоа што ние сме највисоката институција во државата за спорт и секако се ставаме во заштита на сите спортисти и спортските клубови. АМС, МОК и федерациите постојат поради спортистите и тој факт во ниту еден монент не смееме да го заборавиме и треба да им бидеме сервис и служба на спортистите.

Иако поминаа 15-тина денови од апелот на МОК за ревидирање на Законот за спорт, сепак меморандумот кој требаше да се потпише, сè уште не е пристигнат во АМС.

– Декларација или меморандум не е пратена, единствено до нас е пратено покана да се сретнеме со челниците на ИОК во Лозана. Ние сме подготвени да разговараме за тоа. Ние апсолутно се согласуваме и на УО на МОК потенцирав да ги потпишеме тие работи за да не чекаат, но доставете го до нас и за неколку денови ќе ви одговориме и ќе го потпишеме идејќи е во насока на подобрување на спортот. Конкретно што треба да се менува во Законот за спорт, МОК нема ништо пратено и сметам дека малку повеќе треба да ја гледаме суштината бидејќи се крена поголема фама во јавноста. Јас сметам дека во ниту еден момент Законот за спорт не се коси со било која меѓународна институција, вклучувајќиу го и ИОК затоа што тие пред сè се во насока да ги подобрат условите. Лага и шпекулација е дека ние сме кочничари – потенцира Каевски.

Барањето за почитување на законите, АМС ја внесе во нов конфликт и со Фудбалската федерација на Македонија. АМС не го признава годишното собрание на на ФФМ на кое Муамед Сејдини беше избран за претседател.

– Законот уредува фудбалските клубови од прва и втора лига да бидатдиректни учесници на собранието. Во разговорите со претставници од клубовите одф двете лиги тие порачаа дека се согласни со тоа дури и тие поднесоа петиција за такви промени кои се во насока на подобрување на фудбалот. Тоа не е против актуелниот претседател или Управниот одбор. Зашто во минатото никој не се потрудил тоа да го усогласи со законот, не знам, но сигурно е дека ќе има постапка. Бидејќи и самото непостапување е кривично дело тоа може да доведе и до постапки и за моите претходници во АМС. Јас како директор на АМС ветив дека уште од самиот старт транспарентно ќе се борам за правичност, праведност и законитост на сите акти кои се носат од АМС и од федерациите. Праведно и правилно е клубовите од првата и втората лига за кои постои фудбалот во Македонија да бидат активни учесници во собранието и ова го предвидува законот. Тоа е нашето барање кое нема никаква допирна точка со тоа кој ќе биде претседател.

АМС во борбата доследно да се почитуваат законите, поднесе кривична пријава против неколку лица од ФФМ.

– Поднесена е кривична пријава и немаме информација до каде е работатата. Ние се што сметавме дека е надвор од законското уредување го поднесовме до надлежните институции и така треба да функционира системот, а ние да се јавуваме и да прашуваме. Нашата должност е се што е спорно да го поднесеме до надлешните институции, а тие да се изјаснат и со конкретни судски пресуди ќе укажат дали нешто е незаконско и дали луѓето од ФФМ кое беа одговорни за работата во федерацијатра треба да одговараат за пропустите или не – вели Каевски за „Слободен печат“.

Еден од проектите кој започнаа оваа година и има за цел да им помогне на екипите се ваучерите.

– Проектот со ваучерите започна во јуни и сум задоволен. Позитивната работа е тоа што голем број од реализирањето на ваучерите го следиме и до крајот на месецов би требало да имаме состанок со сите кои што не го резлизирале ваучерот за да ги откриеме причините. Дополнително јас, како директор на АМС сум во контакт со 20-тина бизнисмени сопственици на големи компании и корпорации во нашата држава кои имаат голема добивка и можат да покријат дел од ваучерите. Во моментов доделуваме ваучери и за второлигашите во екипните спортови и тоа се дополнителни еден милион евра за нив покрај трите милиони евра за екипите од првите лиги. Тоа значи дека се вложува сериозна сума во спортот и за прва година од овој проект сум презадоволен – вели директорот на АМС.

facebook.com/AMSMacedonia

ОЧЕКУВАМЕ ПОВЕЌЕ ОД ЕДНА ОЛИМПИСКА НОРМА

Македонија по пауза од 12 години конечно обезбеди олимписка А норма благодарение на борачот Могамедгаџи Нуров, а АМС веќе прави план и за Олимписките игри во Париз 2024.

– Инвестираме големи суми и во потенцијалните олимпијци за Токио, конкретно за борачот Нуров, целосните подготовки за настапот на СП беа на товар на АМС заедно со Федерацијата за боречки спортови. Овозможивме подготовки за одбојкарите во Маврово, ОФМ предложи, а ние ги одобривме и ги финансирав ме со цел да бидат конкурентни на ЕП од каде донесоа две големи победи. Сите овие резултати не се случајни. Во минатите три олимписки циклуси сме без А норма, но оваа година очекуваме повеќе норми освен таа на Нуроив. Очекуваме Македонија со А норма да има учесник на ОИ во Токио и во теквондо, карате, уште еден борач и се надеваме уште од еден спорт. Тука сме да помогнеме, потребна е спортска среќа. Ова е нова ера во спортот каде се вреднуваат и финансираат спортистите и програмите за да може да се имаат најдобри услови за подготовките, а помагаме и во носењето на врвни светски стручњаци и тренери со цел нашите спортисти да имаат најсоодветни подготвки, а тренерите да имаат доедукација која ќе им користи во иднина – потенцира Каевски кој вели дека АМС уште сега се подготвува и за Игрите во Париз 2024 година.

– Имаме проект со стипендирање на деца од 10 до 16 години кои се од олимписките спортови и се детектирани од матичните федерации. Федерациите заедно со нас и со Факултетот за физичка култура, правиме евалуација на секои 3-4 месеци и гледаме каков е нивниот напредок со една цел, да бидат подготвени за ОИ во Париз 2024 година.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот