Кадровско кадрирање

александар шољаковски
Александар Шољаковски, Фото: Архива

Претходникот можеби знае и верува дека неговиот наследник ќе биде добро решение. Но, што станува со стотиците илјади следбеници на партијата што сега првпат слушаат за него.

Заев поднесува оставка и ја отвора кадровската напнатост и непознаница. Кој ли ќе го наследи!? Кај нас, во политиката, никогаш и не се знаело кој треба природно, логично, само по себе дадено, да го наследи лидерот, да стане нов лидер.

Најинтересно е дека токму претходникот, значи самиот Заев, чија политика всушност доживеа неуспех (според негово наоѓање, впрочем) сега ќе треба да го одреди новиот лидер! Малку изместено, но кај нас тоа е така. Заев, кој рака на срце тешко да биде објективен и кредибилен, особено во вакви моменти, врз основа на свое наоѓање и допаѓање, треба да ја одреди судбината на партијата за која гласале неколку стотини илјади граѓани. Претходникот можеби знае и верува дека неговиот наследник ќе биде добро решение. Но, што станува со стотиците илјади следбеници на партијата што сега првпат слушаат за него. Што ако Заев погреши или ако биде субјективен или, пак, суетен?

Кај нас врвните кадровски решенија никогаш не биле последица од  активизмот, идејноста, популарноста, знаењето и умеењето за политика. Не било логично напредување, качување по скалата според заслугите од претходно направеното. Затоа во политиката имавме и имаме и понатаму неверојатни клипани, недоделкани политички силеџии и добар број мангупи од криминогена насока. И затоа е нормално кога се сомневаме во решавачката  волја на претходникот, односно на шефот во мирување (!?). Ова го посочувам од простото сознание дека  кај нас кадровската политика се води во сосема тесен круг. Ако воопшто еден или двајца можат да направат круг.

Со демократизацијата од пред триесетина и нешто години, кадровската политика е најнетранспарентниот дел од политиката на партиите, чии активности по правило се секогаш обвиени со некоја тајна!  Кој можеше да претпостави дека Кљусев ќе стане премиер? (Освен ако не беше Глигоров.) Кој ќе се кладеше дека наместо веќе промовираниот Гошев, првиот партиски премиер ќе биде едвај израснатиот приправник -политичар Црвенковски. Потоа сè беше полесно: Љубчо го доби своето прво вработување како премиер за потоа да му го отстапи, по сопствена волја и неочекувано, местото во партијата на Груевски… Се редеа така, според мое мислење, неодржливи решенија, неподдржани од самата партија. Хари може за премиер, но без безусловна поддршка од партијата. Бучко, да, ама под будното око на Бранко.  И потоа дојде она со Радмила (кога сите лаѓи пропаднаа): Ајде да те видиме што ќе направиш без нас?! Сите овие  досетки и сопки се редеа низ годините. И секогаш на штета на паријата и на стабилното владеење.

Првите успешни години на Бранко завршија кога почнаа да му пречат оние кадри што не сосема се сложуваа со него. Па, така, се случи Миљовски да биде заменет од Бузлевски, а потоа колата тргна надолу. Љубчо почна со менување на најверните: Змејко и Доста. Потоа за министри доаѓаа луѓе што политичкото образование го беа стекнале по митинзи, дипломати што се тепаа по кафеани.

Персоналната политика, креирањето и привлекувањето кадри кои ќе може да се соочат со најтешки државни проблеми, е најчесто најглавната, основната, партиска активност и задача. Од таа кадровска политика зависи и проектирањето на партијата во иднина. Не случајно толку време се негува досетката за мангупите во нашите редови.

Во развиените западни демократии конкурентите за највисоките функции водат големи и беспоштедни битки во партијата и во јавноста. Тие сочелувања на претендентите почнуваат многу рано, многу пред да се изврши смената и се знае отприлика кој може сериозно да претендира и да конкурира за највисоките функции. Анонимците се исклучени, случајните ни случајно не можат да претендираат. А за да се доберете до врвот, ви треба богами добра биографија, професионални и политички достерли, популарност и колку-толку, харизма. А потоа и убедливост, позначајна од конкурентите.

Затоа нашето  разбирање на кадровската политика и смените во партиите ме потсетува на еден виц од времето: репортер интервјуира работник во некоја фирма: Како е со производството? Супер, расте, вели работникот. А општествената исхрана? Како во кафеана. Платите? Растат! А со кадри како стоите? Одлично, ние кај Кадри на Бајрам, Кадри кај нас на Велигден!

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот