Каде заврши државната финансиска помош наменета за задржување на работните места?

Над 700 фирми добиле поддршка од државата за исплата на плати, но парите не стигнале на „адреса“ на вработените.

Дури 700 фирми од Скопје, Тетово, Гостивар, Струга, и од други населени места, направиле малверзации односно зеле финансиската поддршка од државата за исплата на плата на вработените, но не ја исплатиле на работниците.

Директорката на Управата за јавни приходи Сања Лукаревска на прес-конференција соопшти дека 281 работодавач во април примиле поддршка во износ од 9 милиони 995 илјади 565 денари, а не ја исполниле обврската за исплата на плата за 722 вработен и во мај 427 компании воопшто не исплатиле плата за 984 вработени, а добиле финансиска поддршка во износ од 13,698,998 денари.

Според направената анализа од УЈП утврдено е дека 120 даночни обврзници кои добиле финансиска поддршка не исплатиле плата за своите вработени и за месец април и за месец мај, а осум даночни обврзници исплатиле помалку плата за двата месеца и покрај милионската поддршка која ја искористиле од државата.

Најголем дел од нив се на територијата на Скопје – 84, потоа Тетово 38, Гостивар 23, Струга 20 и Куманово 16.

Лукаревска потенцира дека сега на работодавачите кои користеле финансиска поддршка, а не извршиле исплата на плата доставени им се опомени за неисплатена плата и доколку не извршат исплата во определениот рок, ќе следи спроведување на постапка на присилна наплата на парите.

Дополнително, додаде, Законот за придонеси од задолжително социјално осигурување во ваков случај предвидува изрекување на глоба за сторен прекршок, а работодавачот ќе биде задолжен да ги врати добиените финансиски средства во целост, заедно со камата, во спроведена постапка на УЈП во соработка со Државниот инспекторат за труд.

-Управата за јавни приходи, располага со детални податоци за искористеноста на финансиската поддршка и будно ја следи состојбата на искористеност на мерките, но и почитување на обврските од законот, додава Лукаревска.

Апелираше до сите работодавачи да ги користат правата од Уредбата за финансиска поддршка, но и да ги почитуваат обврските утврдени во истата, Законот за придонеси од задолжително осигурување и Законот за работни односи.

Таа појасни дека рокот за исплата е поминат, но сепак ова законско право треба да го остварат работниците.

Управата за јавни приходи дополнително ќе соопшти податоци од анализата за спроведување на мерката за месец јуни.

Во јуни годинава финансиска поддршка е дадена на 17.905 компании во износ од 1 милијарда 404 милиони 470 илјади и 647 денари, за вкупно 101 илјади 148 вработени.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот