Каде за Нова година?

жанета скерлев
фото: Архива/Жанета Скерлев

Побрзајте, последен миг е! Сè уште не е доцна! Ако сакате сè да помине без проблеми, и вие и вашите најблиски (а за пријателите и комшилукот и да не зборуваме, зашто тие и онака главно ќе ве озборуваат), сега е вистинското време. Уплатете, претплатете се, дајте пари, купете, зашто после ќе се каете, ќе биде доцна, па немојте да кажете дека не сме ви кажале навреме. Сега или никогаш! За среќен Божиќ и уште посреќна и повесела, за попросперитетна збор да нема – Нова година!

Последните години имаше реакции дека комерцијализацијата на празниците отиде во крајност и дека бизнисите гладни за профит споулавеа и почнаа да рекламираат „сè за Божиќ и Нова година“ уште во септември. И тоа раниот септември. Бомбардирајќи со реклами на сите можни медиуми (уште цепелини и авиони со банери не видовме, ама како тргнало…) дека празниците доаѓаат, а ние, неспремни и неодговорни и… и после Цацко ни е крив што ниту мисирка ниту руска и кифлички.

A ние, разгаштени, „разбашкарени“, кој има што да покаже покажувачки и покажувачи, мали и големи деца „голомешиња“, ги впиваме топлите зраци на септемвриското сонце (календарски уште лето е), се надеваме и на она „индијанското“, пред да нè зафати традиционалното англиско сивило во комбинација со дожд.

Зимски ковид-план

А таман здивнавме. Минатата година имаше затишје, поради пандемијата. Шашардисани поради галопирачкиот број заразени и починати, само неколкумина најоптимистични го прашуваа премиерот Борис Џонсон – премиере, премиере, ќе имаме ли Божиќ? Имавме, ама во „англиска/шкотска/велшка/северноирска куќа“, во домашна атмосфера и во кругот на најблиските, ако најблиските се шестмина. Седмиот требаше самиот да си најде чаре…

Оваа година, рекламите ни кажуваат дека, да стегнеме палци, да чукнеме во дрво, да фрлиме сол со лева рака преку десно рамо и да ја „пљуцнеме“ владата против уроци (трипати), изгледите се дека ќе имаме и Божиќ и Нова година. Премиерот најави дека има „зимски ковид-план“. Триесет и три милиони возрасни над 50 години ќе добијат трета доза за „зајакнување“ на имунитетот, шест месеци по втората. Ќе се вакцинираат млади од 12 до 15 години, а можно е и враќање на задолжителното носење маски. Тоа е планот. Сега-засега.

Дијаболик од Ливерпул

Нема веќе лабаво со имигрантите. По плановите со собирни центри надвор од Обединетото Кралство, посебни правила за тоа колку пари треба да имаат и да носат со себе тие што сакаат да дојдат тука кај нас, какво образование треба да имаат и мрежите што ќе ги поставуваше среде каналот да ги лови и одвраќа имигрантите, Прити Пател, министерската за внатрешни работи, има нов план. Ќе им ги враќаме бегалците на Французите. Тие нам преку Англискиот Канал, ние ним назад преку Ла Манш. Деталите уште се договараат. Се надевам дека нема да купиме од оние машините за правење бранови што ќе брануваат на релација „Довер-Кале“, макар што, верувале или не, некои злобни јазици и такви работи спомнуваа.

Ех, не е лесно да си имигрант. Ама не е лесно и да личиш, така некако „имигрантски“, црномуресто, медитерански. Ти, кусичок, со темна коса, па уште и залижана, малку гелче, брада од четири дена, мислиш ѓоа Џорџ Клуни, ама тоа те подлажале дека супер ти стои… И седеше така човекот меѓу високите русокоси гости во ресторан во Хаг, во Холандија, кога одеднаш специјалци му фрлија вреќа на глава, го кутнаа на земја, го уапсија и го одведоа во непознат правец. Останаа впечатоците од Големата награда на Холандија во Формула 1 неподелени со синот, зашто погореспоменатиот, 54-годишен Марк Т. личеше на Матео Месина Денаро, мафијашкиот бос од Сицилија, таканаречениот „капо ди тути капи“. По Денаро, со прекар „Дијаболик“, е издадена потерница уште од 1993 година и се сомничи за 50 убиства. Италијанците побарале од Холанѓаните да постапат според меѓународната потерница против еден од најбараните бегалци во Европа. И Марк, кој бил „плукнат Дијаболик“, настрадал, ни крив ни должен.

Додека се средиле формалностите, Англичанецот сепак минал во затвор три дена. Адвокатот што му бил даден по службена должност, изјавил дека тој веднаш знаел оти овој не е мафијашки бос. „Веднаш кога отвори уста, знаев. Не е можно некој Италијанец да зборува со толку јак акцент од Ливерпул. Овој, ниту од Лондон немаше да можат да го разберат…“

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот