Каде си, Данелааа?

Марин Гавриловски

За да се заклучи дека градоначалничката Данела Арсовска лошо го менаџира градот, доволно е да се прошета по улиците низ главниот град и да се забележи дека речиси ништо не е направено во изминатите седум месеци и дека ниту е на повидок некаква активност што би ја оправдала платата која Арсовска ја зема.

Пред седум месеци во Македонија се одржаа локални избори на кои во Скопје убедливо победи независната кандидатка за градоначалник на Скопје, поддржана од најголемата опозициска партија ВМРО-ДПМНЕ, Данела Арсовска. Таа претходно ја извршуваше не токлу експонираната функција претседател на Сојузот на стопански комори, а кандидатурата за прв човек на главниот град ѝ беше прв посериозен обид за влез во високата политика. Токму поради тоа нејзината победа над искусниот, но сепак самобендисан Петре Шилегов, беше дочекана со доза изненадување и неизвесност како таа ќе се справи со оваа одговорна функција.

По седум месеци поминати во бараките до Градскиот парк, слободно може да се каже дека станува збор за едно големо фијаско. Од каде и да се почне со анализа на нејзините постапки, дали на почетокот кога одби да одговори на прозивката од владејачката партија дека е бугарска државјанка или пак на крајот, кога не ги повика новинарите на одбележувањето на денот на пожарникарите за да не ѝ поставуваат прашања, епилогот е ист, однесувањето на Данела Арсовска, во најмала рака е несоодветно и разочарувачко.

Но, да одиме по ред. Во текот на предизборната кампања за локалните избори владејачката СДСМ излезе со информација дека тогашната кандидатка за скопска градоначалничка има бугарско државјанство. Данела, сега слободно може да се каже, во нејзин стил, одбегна да даде конкретен одговор на прозивката замајувајќи ја јавноста дека по тоа прашања ќе се произнесе откако ќе завршат изборите. Се разбира, таа не го испочитува ветеното и јавноста сè уште е ускратена за информацијата дали Данела Арсовска, скопската градоначалничка има бугарско национално чувство, што е основа да се побара и добие бугарско државјанство. Ако ништо друго, потврдниот одговор на тоа прашање ќе беше од голема помош при градењето на нашата преговарачка позиција во разговорите со Бугарија, бидејќи наводното оспорување на правата на Бугарите во Македонија остана како единствена сламка за која се фати бугарското државно раководство бранејќи го ветото за почеток на преговорите на нашата земја со ЕУ. Фактот дека „кметот на столицата“ на Република Северна Македонија има „блгарски происход“, во голема мера ќе ја разоружаше бугарската официјална политика според која Бугарите во Македонија биле дискриминирани или угнетени. За Данела тоа ќе значеше дека, колку-толку, направила нешто корисно во изминатите седум месеци.

Секако, за историјата ќе биде запаметен и најголемиот нејзин досегашен успех, кој јавноста го дозна благодарение на единственото „сериозно“ интервју кое Арсовска го даде за еден квазиновинарски портал, инаку расадник на лажни вести и дезинформации. Кулминацијата на интервјуто беше моментот кога во тримуфалистички манир таа откри дека нашла каде се наоѓа споменикот на Ќосето, отстранет од пред Судската палата од страна на претходната градска власт (патем, за жал, тоа беше единствената позитивна работа која поранешниот градоначалник на Скопје ја направи во врска со проектот „Скопје 2014“). На Данела ѝ требаа неколку месеци и мобилизација на скоро целата градска администрација за да дознае каде бил складиран споменикот на Ќосето. Информација што средствата за јавно информирање ја има објавено непосредно по отстранувањето на споменикот и која можеше да се открие само за неколку минути поминати во пребарување на интернет.

Сите оние граѓани што редовно поминуваат дел од своето слободно време во рекреативни активности покрај кејот на реката Вардар, сигурно, многу добро знаат, дека поради големиот број на мушички и други инсекти скоро е невозможно непречено да се извршуваат спортски активности. Или устата треба да ја држите постојано затворена или повторно да ги побарате веќе подзаборавените маски за лице со цел да се спасите од тоа устата да ви се наполни со инсекти во текот на трчањето или возењето на велосипед. Исто така, носењето очила е задолжително доколку сакате да избегнете некој инцидент и да се судрите со некој велосипедист или трчач. Во спротивно очите, исто како и устата ќе ви се наполнат со инсекти. Неспособноста на градската администрација, предводена од Арсовска, да се справи со овој проблем негативно се одразува врз здравјето на граѓаните.

Уште еден гаф на градоначалничката Арсовска е раскинувањето на договорот за користење принтери, кој патем истекувал во октомври, што резултираше со повлекување на изнајмените принтери и ги остави вработените во Градот Скопје без можност да ги печатат потребните  документите и списи, па од подрумите или магацините на бараките покрај Градскиот парк повторно во функција се ставани веќе застарени принтери кои ни од далеку не можат да одговорат на потребите на градската администрација, следствено на тоа, на потребите на граѓаните на главниот град.

Но, Данела не застанува тука. Во јавноста се појави информација дека таа за секретар на градската управа поставила лице кое веќе било советник во Советот на општина Чаир. За ова е отпочната постапка пред Комисијата за спречување на корупцијата, а доколку се утврди повреда на член 44 од Законот за спречување на корупција и судир на интереси, односно доколку се утврди дека не се почитувани правилата за неспоивост на функција на избрано и именувано лице со извршување друга функција, тоа ќе биде уште еден удар врз и онака нарушениот рејтинг на скопската градоначалничка.

Најверојатно поради сето ова, Данела Арсовска не сака да се сретне со претставниците на медиумите, па неодамнешното одбележување на денот на пожарникарите го поминала без присуство на новинарските екипи, заборавајќи дека односите со јавноста и информирањето на граѓаните за работата на избраните функционери е нивна елементарна задача.

Ова ме потсетува на времето кога во Македонија строго се контролираше и се филтрираше протокот на информации и кога поранешниот премиер истапуваше во јавноста единствено со претходно договорени прашања, повеќето од нив доставени до послушните медиуми директно од страна на прес службата на Владата. Ова deja vu  малку ме плаши, бидејќи може да биде почеток на повампирувањето на едно време кое сметавме дека е засекогаш поминато.

За да се заклучи дека градоначалничката Данела Арсовска лошо го менаџира градот не е потребно да се прочита овој текст, доволно е да се излезе надвор и да се прошета по улиците низ главниот град и да се забележи дека скоро ништо не е направено во изминатите седум месеци и дека ниту е на повидок некаква активност која би ја оправдала платата која Арсовска ја зема, а во буџетот ја обезбедуваат граѓаните на Скопје. Обиколката на Скопје можете да ја направите бесплатно со новите еколошки автобуси, или не?

Сето ова нека биде поука дека и од лошо може да има полошо и дека секој граѓанин треба да биде свесен за одлуките кои ги носи во моментот на заокружување на бројот на гласачкото ливче, бидејќи последиците од тој чин треба да се трпат четири или пет години, во зависност од траењето на мандатот на избраниот функционер. Но, како и за се, очигледно е дека и нам како нација ни треба период на ферментирање и зреење за да не дозволиме повторно опскурни ликови да ни ја кројат денешнината и иднината.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот