Каде што е опасно да се биде…

жанета скерлев
фото: Архива/Жанета Скерлев

По бодењето на Стивен Тимс, убиството на Џо Кокс и смртта на полицаецот Кит Палмер, кој го загуби животот бранејќи го парламентот во 2017 година, смртта на Сер Дејвид Ејмас е стравичен потсетник дека помеѓу заканите со силување и навреди, многумина пратеници се изложени на опасност вршејќи го она што им е работа.

Го знам нашиот пратеник. Се гледаме често. Се движиме во слични кругови, живееме во Вимблдон, се среќаваме на локалните настани, изложби, концерти, театарски претстави и во истиот паб (тој „гинис“, јас „космополитен“), па, според мене, океј е. Висок, во години, како помлад очигледно бил шизик, со добар вкус…з а облекување, зашто партијата на која припаѓа не ми е (баш) омилена. Ама секогаш бил со свои ставови, па дури едно време беше во немилост кај неговите, зашто со логика и со факти и застапувајќи ги нашите и, без да знае, моите ставови во врска со брегзитот, беше во немилост кај неговите. Па дури и му го зедоа/замрзнаа пратеничкиот „вип“, односно го отстранија од партијата, кога заедно со уште 21 не гласаше како што му наредија. Ваквиот пратеник ми е, искрено речено, ептен кул – да има три чисти или, што би рекле, „пркос“, да се спротивстави на партиските решенија на водачот и на неговите, зашто за него се неприфатливи, нелогични, нефер и згора на сè, спротивни на она што мнозинството од неговите гласачи го сакаат и го мислат. Меѓу кои и јас.

Потоа, кога видоа дека умните пратеници, кои се побунија да бидат гласачка машина (меѓу кои и внукот на Винстон Черчил) и кои патем добија голема поддршка од јавноста, дури и од нивните „обични гласачи“, а згора на сè не можеа да обезбедат мнозинство во парламентот, ги повикаа назад во партијата. Нашиот пратеник, токму поради ова, победи повторно на следните избори и пак е член на парламентот. За малку, ама сепак.

Пратеници на мета 

По бодењето на Стивен Тимс во 2010 година, убиството на Џо Кокс во 2016 година и смртта на полицаецот Кит Палмер, кој го загуби животот бранејќи го парламентот во 2017 година, смртта на сер Дејвид Ејмас е стравичен потсетник дека помеѓу заканите со силување и навреди, многумина пратеници се изложени на опасност вршејќи го она што им е работа.

Се разбира, помага тоа што во последно време се зајакна борбата против интернет анонимноста, па оние што „им се силат“ почнаа да ги ловат како глувци, но велат дека парламентарците во Вестминстер живеат како во едно село. Делат канцеларии, јадат на исти места и се релаксираат во исти барови и пабови. И сега, по најновиот настан со убиството во црква на пратеникот сер Дејвид, се предлагаат нови мерки за нивна заштита.

Сепак, оние што водат кампања за заштита на пратениците предупредија дека крајот на анонимноста на интернет е меч со две острици, зашто ќе ги доведе во опасност и свиркачите и продемократските активисти. И додека едни бараат закон за заштита, други, како Бернард Џенкин, на пример, посочија дека и пратениците и политичарите треба да се преиспитаат кога зборуваат за цивилизирано зборување во политиката. Се потсетивме што сè се изнаслушавме за време на дебатата за брегзит – јазикот што се употребуваше од говорницата на парламентот, па и надвор од него, беше во најмала рака вознемирувачки.

А ние за Лондон

Што, ќе се враќате назад во Лондон, ме прашува другар ми Душан од Белград, во муабет откако го прераскажавме летото во кое ние неколкупати одевме наваму-натаму, а во Белград не стапнавме. И, за да нè убеди дека треба да останеме уште малку, тука на југ, со престој кај него на гости (умира од здодевност), вели: „Шта ћеш у Лондону, па тамо све поскупело, убијају политичаре у црквама, нема бензина и ето видиш, расте број заражених“.

Ги погледнувам најновите податоци и кога тоа, навистина, бројките растат. Повисоки се, велат податоците, од ова време минатата година, кога делови од Англија беа во делумен локдаун. Тоа е лошата вест. Добрата вест е дека благодарение на вакцината, има помалку случаи на сериозно заболување поради кое луѓето треба да одат во болница. Но, растечките инфекции, кои се повисоки од оние во некои европски земји    (уф, тешко ми оди дека не сме европска земја… добро, сме во Европа, ама не сме во ЕУ, па тоа малку ме теши), значи растечките инфекции се сепак загрижувачки. Зашто има поголеми шанси да ја пробијат одбранбената линија на вакцините. Во последните денови, повеќе од 40.000 нови случаи на ковид-19.

Го гледав натпреварот на Арсенал со Кристал Палас. Трилер. Во последната минута од продолжението дадовме гол и… ама тоа зборувам како намачена навивачка на Арсенал, друго ми беше зборот. Видовте ли некој со маски во публиката? Ни јас! Во ред, Емиратите не беа исполнети до последното место, ама имаше збиени редови, се влегуваше и излегуваше во редици, а знам како е со транспортот – најголемиот дел дојдоа и заминаа со метро. Обединетото Кралство ги релаксира рестрикциите побрзо отколку поголемиот дел на Западна Европа. Луѓето во Англија, Велс и во Шкотска ова лето можеа да одат во ноќни клубови и да се собираат во неограничен број. И почнаа да не носат маски. А истражување по истражување покажува дека маските помагаат вирусите да не се пренесуваат меѓу луѓето, посебно таму каде што има голема концентрација. На луѓе и на вируси.

Една од традициите на Британците е да се жалат. И да пишуваат петиции. А општините да ги разгледуваат тие петиции, какви и да се. Така и со жалбата за изгледот на грмушката во дворот во Ворвикшир, која Ричард Џенкинс ја потшишал во вид на кренат среден прст, откако ќефлеисаните гости од пабот отспротива се мајтапеле со неговата хортикултура. Дошле општинарите, го виделе кренатиот среден прст и му рекле да го сецне, срамота било. Дури и полицијата се вмешала. Но друштвото „Љубители на грмушката во вид на среден прст“ повеле петиција, медиумите ја прославиле, Ричард се заинатил, и сега грмушката е локална знаменитост. Блазе си им на луѓето на ваквите проблеми. Одиме да ја видиме грмушката. И локалниот паб, се разбира.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот