Каде се денес мигрантите кои ги прими Меркел во 2015-та година?

Меркел со мигрантите/ Фото EPA-EFE/THOMAS LOHNES / POOL

Пред шест години, германската канцеларка Ангела Меркел, која во тоа време беше во својот трет мандат како шеф на владата, ги донесе една од најсериозните одлуки во нејзината политичка кариера.  

Меркел одлучи да ги отвори германските граници за бегалците кои режимот на Виктор Орбан ги третираше нехумано во Унгарија. Тоа беше еден вид пресврт во бегалската криза, која се водеше на границите на Европската унија со години, а летото 2015-та година, под влијание на разорната војна во Сирија, почна да се прелева и во ЕУ, пишува ДВ.  

Меркел и Орбан/ Фото EPA/OLIVIER HOSLET

Влез на милион бегалци во Германија  

Хуманитарната акција на Меркел заврши пролетта 2016-та година со затворање на балканската рута во режија на тогашниот австриски министер за надворешни работи Себастијан Курц и договорот на Меркел со Ердоган, според кој Европската унија и вети многу поголема помош на Турција околу бегалците.  

Во 2015 и 2016 година, Германија прими повеќе од милион бегалци и мигранти, што предизвика големи контроверзии во германското општество, а на антиимигрантската платформа, до тогаш маргиналната нова партија Алтернатива за Германија (АфД) стана парламентарна.  

Меркел тогаш изговори една реченица по која дефинитивно ќе остане запаметена: „Wir schaffen das“. („Ние можеме да го направиме тоа.“). Многумина тврдеа дека таа направила голема политичка грешка со тоа, дури и членовите на нејзината партија ЦДУ бараа да се повлече.  

Но, по шест години, излегува дека сегашната германската канцеларка во заминување, која полека се повлекува од канцеларија, не погреши. 

Бегалци во Германија/ Фото EPA/ANGELIKA WARMUTH

Губење на контрола 

Според официјалните податоци, речиси половина милион луѓе побарале азил во Германија во 2015 година, а 750.000 следната година. Тогашниот министер за внатрешни работи, Томас де Мезиер, кон средината на август минатата година за јавната телевизија АРД призна дека имало „моменти кога контролата била изгубена“.  

Неговиот наследник, Хорст Зехофер, тогашен премиер на Баварија, ја нарече ситуацијата во 2015 година „правило на неправдата“. Но навистина, било потребно време и бројни кадровски промени за да започне задоволителна работа со бегалската криза, да се сместат сите бегалци, да се организираат образовни програми, да се воспостави врска помеѓу бегалците и германската економија, на која очајно и се потребни работници итн.  

Притоа, политичката опозиција честопати имаше повеќе разбирање за Меркел отколку за нејзината партија. Ирина Михалиќ од Зелените коментираше дека „правилно беше канцеларката да не ги затвори границите во тоа време, бидејќи алтернативата ќе бидат хаотични услови во срцето на Европа, со незамислив потенцијал за конфликт“. 

Поранешниот германски министер за внатрешни работи, Томас де Мезиер/ Фото EPA-EFE/FELIPE TRUEBA

Половина од бегалците работат во Германија

Колку од овие луѓе се интегрирани во германското општество во меѓувреме?

Според официјалните податоци, мигрантите се уште се многу поретко вработени од просечниот Германец. Половина од луѓето кои дошле во Германија од 2013 година се вработиле, според студијата на Институтот за истражување за вработување (ИАБ) во Германија во 2020 година, покажа истражувањето.

Тешкотиите на пазарот на трудот, исто така, првично доведоа до зголемување на криминалот. Според годишниот извештај за криминалот во контекст на имиграцијата издаден од германската полиција, имигрантите биле несразмерно вклучени во насилни злосторства, вклучувајќи убиства, убиства од небрежност, напади и силувања.

Работници во фабрика/ Фото: Архива на Слободен Печат

Подемот и падот на криминалот

Германската федерална канцеларија за криминални истраги забележа зголемување на криминалот, вклучително и насилни злосторства, помеѓу 2014 и 2016 година, поврзувајќи го трендот со приливот на миграција.

Процентот на баратели на азил прогласени за виновни за такви злосторства, исто така, се удвои во истиот период. Сепак, повеќето од овие злосторства беа во засолништа за бегалци во кои првично беа сместени бегалци и мигранти. До 2017 година, бројот на вкупно евидентирани злосторства се намалуваше. Минатата година, криминалот во Германија падна на најниско ниво во последните 18 години. 

Германското општество е се уште поделено околу имигрантската политика. Околу 60 проценти од Германците веруваат дека земјата може добро да се справи со бегалците, додека 40 проценти веруваат во спротивното, покажаа релевантните истражувања. Политикологот Херфрид Менклер за Дојче веле рече дека во 2015 година „откри раздор во германското општество“ и ја радикализираше политиката. 

„Тенденцијата кон политичкиот центар, што ја имавме порано, е напуштена“, предупреди тој. 

Меркел не згреши  

Во секој случај, со големите напори на германската држава и општество, денес може да се каже дека интеграцијата на бегалците кои дојдоа во 2015 и 2016 година беше претежно успешна. Сето ова донесе големи промени во германското општество, но исто така помогна и во економската стабилност на Германија. Имаше и негативни последици, кои во меѓувреме се намалуваа. 

Дали Маркел беше во право кога изјави дека Германија може да одговори на предизвикот за интегрирање на милион бегалци? 

Секој ќе има свој одговор на прашањето, но минатото искуство и релевантните податоци покажуваат дека Меркел не згреши. 

Ангела Меркел/ Фото Архива на Слободен печат

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот