Каде грешиме со сексуалното образование?

Фото: Архива

По скандалот со извидничкиот камп и оној со невкусна анкета спроведена меѓу основци, се поставува прашањето како треба да изгледа сексуалното образование во училиштата и каде е тенката линија меѓу борење против табу теми и трауматизирање на децата.

Од оваа година во четири основни училишта почнува пилот-програмата за сеопфатно сексуално образование на Министерството за образование, Бирото за развој на образованието, Министерство за труд и социјална политика, Министерството за здравство и Министерството за финансии и организацијата ХЕРА. Предметот ќе биде изборен.

– Сеопфатно сексуално образование опфаќа учење за когнитивниот, емоционалниот, социјалниот и физичкиот аспект на сексуалноста. Сексуалното обраозование започнува рано во детството и продолжува низ адолесенцијата и зрелоста. Опфаќа седум компоменти: род, врски и односи, тело и слика за телото, сексуално и репродуктивно здравје, сексуалност и сексуално однесување, насилство и граѓански аспекти, вели Мери Цветковска од ХЕРА.

Во прирачникот за животни вештини што повеќе од една деценија се реализира во наставата на одделенски час од шесто до деветто одделение, има совети за децата околу тоа како да се снаоѓаат во животот, па во тој контекст се споменуваат и теми поврзани со сексуално образование, но сепак се многу малку опфатени и без сликовити прикази.

Експертите со кои разговаравме се сложни дека овие теми се многу сензитивни бидејќи секој различно ги доживува. Многу од родителите мислат и дека со сексуално образование се нанесува повеќе штета, и дека многу треба пазење за тоа што им се сервира на учениците, посебно во рана возраст.

-Генерално грешиме во тоа што се направи негативна кампања од самиот старт. Со негативната кампања се направија табори и веќе влегуваме во некои екстремни ставови. Тоа главно се должи на тоа што упорно сакаме да сме конзервативно општество и сето ова влијае на моменталната ситуација. Оваа програма треба да ја сработат стручни лица, која знаеме дека низ светот покажува позитивни резултати. Што се однесува до случувањата со кампот, не знам зошто кампот се поврза со Сеопфатното сексуално образование (ССО), кога таму немало обучен кадар, ниту тоа е програмата на ССО. Имам впечаток како некои луѓе едвај да чекаа да се случи некој скандал. Ние, за жал, често сме сведоци и на страшни примери во црквите со случаи на злоупотреба на деца, па сепак не зборуваме за укинување на црквите, туку се стремиме да се воведе ред и некој да понесе одговорност. Во моментов како да се користи ситуацијата за да се укине некоја програма што некој не ја разбира и му пречи. Јас не сум за укинување на ССО. Во развиените европски земји имаме добри програми за деца од основно образование. Можеби не можеме да станеме развиена земја преку ноќ, но можеме да ги преземаме корисните програми. Ние во 5-то одделение учевме за репродуктивни органи. И сега, наместо да се движиме напред, ние имаме отпор кон ССО. Не знам дали е заради политичката ситуација, но црните кампањи се на штета на народот и најмладите, вели за „Слободен печат“ психологот Давид Тасевски.

Тој посочува дека во контролирана и проверена програма во рамките на училиштата, некој треба да им даде на децата информации околу основни работи кои им се од интерес, како на пример кога девојчињата треба да ја добијат првата менструација.

– И има уште многу вакви прашања. Со ССО, битно ни е да ги заштитиме децата од сексуално насилство затоа што дете кое е подготвено и знае што значи негова интимност, има помалку шанси да биде плен на сексуален предатор и знае од што да се пази. Моето мислење е апсолутно дека мора да се воведе ССО, или не мора да ја нарекуваме ССО, но сепак, да биде програма која ќе се прилагоди на возраста на децата. Не смееме да дозволиме изолирани настани да бидат пресудни во едукација на децата. И мораме да почнеме да зборуваме на овие теми, додава Тасевски.

Според извршниот директор на ХЕРА, Бојан Јовановски, сексуалното образование не се однесува само на биомедицинските аспекти, туку опфаќа многу различни компонети, како на пример за родовите стереотипи, за нееднаквиот третман на жените во општеството, за телото, за сликите, за здравствените аспекти, како да се користат кондоми, каде да се купи контрацепција, за насилството.

-Сексуалното образование е неопходен сегмент од севкупното образование на децата и младите. Несомнено е дека овој тип на образование треба да биде дизајниран и реализиран со особена внимателност поради опасностите кои недоволно адекватното и ненавременото реализирање ги носи со себе. Од една страна, недоволната информираност на децата и  младите, односно оставањето на неселективно нивно информирање преку интернет за што во актуелниот момент постојат неограничени можности ги доведува во ситуација недоволно и неадекватно едуцирани да се соочат со сопствената сексуалност и физиолошките сексуални потреби. Од друга страна структурираната, контролирана и соодветна едукација низ образовниот систем ја дава можноста за навремени соодветни информации и едукација на децата и младите за сексуалноста и разликувањето на соодветни  начини за реализација на сексуалните потреби од сите други облици кои можат со себе да донесат далекусежни последици во севкупниот психосексуален и сеопшт развој на младите индивидуи. Секако дека во таквата едукација е потребна сериозна посветеност, внимателност и индивидуализиран пристап кон децата и младите, и програмата треба да биде изработена од обучени лица. На тој начин младите би се едуцирале и зајакнале да препознаат и да се заштитат од вакви случаи каде може да има преминување на граници или злоупотреба, вели за „Слободен печат“ Андромахи Наумовска, специјалист по медицинска психологија.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот