Кацински со повик до Полјаците: Да ја одбраниме црквата од протестите на жените

Фото: EPA-EFE/Tomasz Gzell POLAND OUT

Потпретседателот на полската Влада и лидер на владеачката конзервативна партија „Право и правда“, Јарослав Кацински синоќа ја отфрли можноста за преиначување на пресудата на Уставниот суд за абортусот и ги повика Полјаците по секоја цена да ја бранат црквата од протестите на жените.

– Тоа е обврска на државата, но и обврска на граѓаните. Посебно мора да ја браниме полската црква. Ги повикувам сите членови на „Право и правда“ и тие кои нè поддржуваат да учествуваат во одбрана на црквата, напиша Кацински на социјалните мрежи.

Пратеничките од опозициската „Левица“, вчера во Сејмот мирно стоеја пред него. Тие на лицата имаа маски со цртеж на молња, симбол на протестите против законот за абортус.

Поглаварот на Полската католичка црква, надбискупот Војчек Полак, кој припаѓа на либералното крило на полските католици, од почетокот апелира да се смират страстите и да се почне разумен дијалог за законот за абортус, без насилство. Тој упати и апел до демонстрантите да не ги скрвернават црквите со боја и написи, бидејќи за законот за абортус се одлучува Парламентот, а не Полската католичка црква.

– Морална обврска на христијаните е деескалација на конфликтот, а не негово интензивирање, истакна Полак.

Во Полска во изминатите шест дена протестираат активист(к)ите за женски права поради заострување на строгиот закон за абортус. Полскиот Врховен суд во минатата недела одлучи дека е неуставно да се прекине бременоста поради вродени оштетувања на фетусот, а со пресудата стриктно се забранува речиси сите абортуси во Полска.

Одлуката на судот сè уште не стапи во сила, бидејќи се уште не е официјално објавена.

Невладината организација „Федерација на жени и планирање на семејството“ соопшти дека годишно во Полска се извршуваат од од 100.000 до 150.000 абортуси, од кои некои илегално, а некои во странство.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот