Кацарска за „Слободен печат“: Колку и да е осамена, Бугарија ќе истрае во ставот за Македонија
Според Симонида Кацарска, директорка на Институт за европска политика, јасно изразената поддршка што ја добивме од словачкиот и чешкиот министер Иван Корчок и Томас Петричек не значи дека ќе се случи пробив во евроинтеграциите на Македонија.
– На сите ни беше добредојдена таа реакција од чешкиот и словачкиот министер, но рано е да предвидуваме дали ваквото спротивставување на двете земји ќе биде одлучувачко за тоа дали ќе има пробив во македонските евроинтеграции или не. Сепак, одлуките во ЕУ се носат со консензус и сѐ додека Бугарија се спротиставува, нема да има исчекор – вели Кацарска за „Слободен печат“.
Таа се согласува дека директното спротиставување на Чешка и Словачка ја изолираат Бугарија во нејзините идентитетски и историски барања кон нас, но додава дека до тамошните избори не може да очекуваме ништо.
– Ние овде имаме перцепција дека Бугарија е излоирана во својот став кон Македонија, но колку и да е осамена, до изборите ќе истрае на ставот. Во дискусии со познавачите на процесите се согласуваме дека за време на португалското претседателство има сосема мала шанса за некаков исчекор кон крајот на мај или јуни, но тоа ќе зависи од исходот на изборите и структурата на идната бугарска влада – вели Кацарска.
Министрите Корчок и Петричек вчера во заедничка колумна за „ЕУ обсервер“ изразија недвосмислена поддршка Македонија да ги почне преговорите со ЕУ за време на португалското претседателство и потенцираа дека Унијата не смее да да стане колективен судија за историски толкувања, бидејќи тоа би било големо отстапување од принципите што досега го регулираа процесот на проширување.