Кацарска за бременоста на Јанкулоска: Среќна сум што ништо не и се случи, не дај Боже да и се случеше нешто – Слободен печат
ВестиМакедонија

Кацарска за бременоста на Јанкулоска: Среќна сум што ништо не и се случи, не дај Боже да и се случеше нешто

Кацарска кажа дека причината за долгото траење на рочиштата била кај обвинетите, бидејќи нивните адвокати постојано приговарале, а во 15 часот барале одлагање, бидејќи поминало работното време.

На денешната седница на Судскиот совет, на која се разгледува барањето на екс министерката Гордана Јанкулоска за разрешување на судијката Добрила Кацарска, Кацарска посочи дека 33 години, колку што е судија, нема ниту една дамка во кариерата и дека знае да ги цени само фактите.

Во врска со бременоста на Јанкулоска таа изјави:

– Среќна сум што ништо не и се случи, не дај Боже да и се случеше нешто. Да и се случеше јас немаше да одговарам законски, но до крајот на мојот живот тоа ќе го носев до себе.

Во врска со барањето за нејзино разрешување, Кацарска рече дека не слушнала ниту еден факт или аргумент дека ги прекршила одредбите од Законот за кривична постапка (ЗКП).

– Моја должност е да ги почитувам одредбите на ЗКП. Максимално се трудам да не прекршам ниту една одредба од ЗКП. Во врска со наведените причини за мое разрешување, дека начинот на постапката сум ја водела пристрасно, намерно сум го повредила начелото за правично судење и дека сум нанела груба повреда на судскиот кодекс, ќе кажам само едно. Можеби нескромно ќе звучи, но јас немам дамка ниту во кариерата, ниту во мојот приватен живот – рече судијката Добрила Кацарска во сослушувањето од страна на тричлената комисија во Судскиот совет.

На обвинувањето на адвокатот на Јанкулоска дека имало пристрасност во изрекувањето на пресудата кога Кацарска рече дека, Јанкулоска го поттикнала Ѓоко Поповски да го фаворизира економскиот оператор “МакАутоСтар” ДООЕЛ Скопје да го купи возилото мерцедес, судијката возврати:

– Очигледно дека поднесителот не сфатил дека тоа е диспозитив на обвинението, кое не смеам да го менувам.

Кацарска потенцираше дека Јанкулоска веднаш не го известила судот за нејзината бременост.

– Да и се случеше нешто, јас немаше да одговарам законски. Но, ви тврдам до крајот на мојот живот ќе го носев со себе. Драго ми е што го изнесе својот плод и роди здраво бебе – кажа Кацарска.

Таа рече дека е неспорно дека судењата  за „Тенк“ траеле долго, но образложи зошто тоа било така.

– Рочиштата за Јанкулоска траеја само неколку часа. Нејзе и беше овозможено од моја страна, 60 дена по породувањето да нема судења. Уште од првиот ден ја прашав, кога сака да има пауза. Паузата траеше час и половина. Од снимките од главната расправа може да се слушне мојот глас како и велам да не брза, без никакви последици кога и да дојде ќе продолжи расправата – рече Кацарска.

Кацарска кажа дека причината за долгото траење на рочиштата била кај обвинетите, бидејќи нивните адвокати постојано приговарале, а во 15 часот барале одлагање, бидејќи поминало работното време. Судијката Кацарска рече дека ЗКП и судскиот деловник не предвидуваат дека ако завршило работното време на судот, завршува и главна расправа која е предвидена за тој ден.

Претходно, свое излагање имаше Влатко Илиевски, адвокат и сопруг на екс министерката Гордана Јанкулоска, која бара разрешување на Кацарска како судија.

Преземањето на оваа содржина или на делови од неа без непосреден договор со редакцијата на Слободен Печат значи експлицитно прифаќање на условите за преземање, кои се објавени на сајтот.

Тагови

Напишете коментар

Вашата адреса за е-пошта нема да биде објавена. Задолжителните полиња се означени со *

Close