Кацарска: Резолуцијата за Бугарија е исчекор кон единствено македонско општество

Македонската Декларација има поголемо значење за внатрешна употреба во Македонија и добро е што е постигнато единство, како прв исчекор во општеството кое помина низ тубулентен период на компромиси, вели Симонида Кацарска, директорка на Институтот за европска политика.

– Нема ништо спорно во македонската Резолуција. Бугарската Декларација е документ со екстремни ставови, со кои имаме проблем, без разлика дали имаме резолуција во Собранието или не. Сметам дека Резолуцијата има поголемо значење кај нас дома и добро е што се постигна консензус. Не гледам дека може да има влијание, во смисла да го отежне постигнувањето на решение со Бугарија. Потребна е политичка волја во Бугарија за да се реши ова прашање – вели Кацарска за „Слободен печат“.

Во бугарските медиуми засега нема анализи и оценки за тоа какво влијание врз разговорите меѓу двете земји може да има македонската Резолуција, која вчера беше усвоена во Собранието на предлог на опозициската ВМРО-ДПМНЕ со 95 гласа „за“, еден воздржан и ниеден „против“.

Со неа се утврдени црвените линии за македонскиот идентитет и јазик, како одговор на бугарската декларација од 2019 година, со која Софија ги прогласи нашите идентитетски атрибути за бугарски производ. На тврдењето дека Македонците се прелажни Бугари, а македонскиот јазик е само бугарски дијалект е спротиставена државната позиција на Македонија дека македонскиот народ е автохтон, со јазичен, историски, кутурен и религиски идентитет, а македонскиот јазик и неговите дијалекти имаат свој просторен и временски континуитет.

Двата документа се донесени со општ консензус во националните парламенти и се задолжителни за владите.

 

Видео на денот