Кацарска: Пратениците да не се мајтапат со Уставот!

Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска
Претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска/ Фото МИА.мк

Интерес Ваков несериозен однос кон Уставниот судот немало во изминатите речиси 60 години од неговото постоење. Се прашувам дали пратениците знаат која е улогата на овој суд и кој е тој кому му одговара ваквата состојба? Навистина е несфатливо зошто не го почитуваат Уставот, вели претседателката на Уставниот суд Добрила Кацарска.

Претседателката на Уставниот суд, Добрила Кацарска, очекува пратениците „веќе од утре“ да почнат да работат, ако треба и по 20 часа, за конечно да ги избера уставните судии за да не се случи Судот да стави клуч на врата.

Кацарска за „Слободен печат“ вели дека нема намера повеќе да се среќава со престедателката на Комисијата за избори и именувања или со претседателот на Собранието за да се забрза изборот на судиите бидејќи смета дека тие си ги знаат своите обврски.

Претседателката на Комисијата Марија Ѓеоргиевска чека спикерот Талат Џафери и координаторите на пратеничките групи денеска да ја договорат динамиката на работа на парламентот и се надева дека ќе се забрза изборот на судиите.

Кацарска потсетува дека пратениците обврските со изборот на судии требаше да ги завршат пред една година.

– Работиме на работ на кворум со петмина судии, а Уставот предвидел девет. Зарем треба да му се случи нешто на некој од судиите и да ставиме клуч на Уставниот суд? Не постои друг орган што ја има нашата надлежност да врши контрола на законите кои се носат или да ги штити правата и слободите на граѓаните. Никој не им го дал тоа право на пратениците да се мајтапат со Уставот и навистина е несфатливо зошто не го почитуваат? – се чуди Кацарска.

Таа додава дека ваков несериозен однос кон Судот немало во изминатите речиси 60 години од постоењето на Уставниот суд.

– Се прашувам дали пратениците знаат која е улогата на овој суд и кој е тој на кого му одговара ваквата состојба? Собрани се повеќе од 40 предмети, цела година не може да добијат мнозинство, закочени се многу процеси поврзани со работењето на Уставниот суд. Единствената средба на оваа тема со изборот на уставните судии беше со државниот врв на 30 мај после која беше направен многу мал напредок во Комисијата, па ако апелите и предупредувањата од претседателите на Владата, на државата и на Собранието се небитни за пратениците тогаш ние како држава имаме сериозен проблем – констатира престедателката на Уставен суд.

Претседателката на собраниската комисија, Георгиевска, вели дека по координацијата кај Џафери, во зависност од агендата за работа на Собранието, веднаш ќе ја закаже седницата. Таа очекува дека ќе се забрза динамиката на работа на Комисијата, бидејќи поентата е новите судии да се изберат поскоро, иако вели дека динамиката зависи и од опозициските пратеници кои практикуваат активна блокада.

Собраниската Комисија за избори и именувања, по речиси една година откако Уставниот суд работи со намален број судии, на 13 мај ја почна процедурата за избор на нови уставни судии. За четирите испразнети места во Судот пријавени се девет кандидати.

Досега е утврден само еден предлог на владејачкото мнозинство – Фатмир Скендер, актуелниот судија во Апелацискиот суд Скопје. Одбиен е предлогот на ВМРО-ДПМНЕ професорката од Правниот факултет „Јустинијан Први“ во Скопје Родна Живковска да биде избрана за уставна судијка. Членовите на Комисијата треба да ја завршат расправата за предложената Тања Васиќ Бозаџиева и допрва ќе треба да се разгледуваат биографиите и на републичкиот јавен обвинител Љубомир Јовески, универзитетскиот професор Саво Климовски, судијата во пензија Бранко Секуловски, обвинителот Тодор Витларов, судијката од Управниот суд Весна Јовановска и Војислав Димоски, јавен обвинител од Охрид.

До декември истекува мандатот на уште еден судија и ако до крајот на годинава не бидат избрани уставните судии на Македонија ѝ се заканува уставна криза.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот