Кацарска: Без импулсот од преговорите слабее ентузијазмот за реформите од ЕУ-агендата

Симонида Кацарска - директорка на Институтот за европска политика / Утрински брифинг

Без импулсот кој што би требало да го дадат преговорите многу тешко се мобилизираме внатре за да ги унапредиме состојбите. Потребно е да изградиме своја стратегија за тоа кои се националните приоритети во однос на пристапувањето во ЕУ бидејќи овој процес и доколку ги започнеме преговорите ќе трае многу долго. Приоритети треба да бидат јакнење на капацитетот на администрацијата и на меѓусекторската комуникација, оценува директорката на Институтот за европски политики – ЕПИ, Симонида Кацарска.

-Покрај тоа што гледаме една замореност во проширувањето ние сме традиционално добри во усогласеноста имаме портфолио од 20 години на Спогодбата за стабилизација асоцијација (ССА). Јасно е дека без еден импулс кој што би требало да го дадат преговорите многу тешко се мобиолизираме внатре за да ги унапредиме состојбите. Препорачуваме многу повеќе да се користи ССА, како инструментот кој се уште ја претставува правната рамка помеѓу Република Северна Македонија меѓутоа и во регионот во однос на односите со ЕУ. Нам на формално ниво односите ни се дефинирани преку таа спогодба и би требало да се осврнеме на тоа како можеме подобро да ги искористиме можностите кои што ги нуди овој процес. Од друга страна препорачуваме едно подолгорочно планирање во кое што нема да зависиме од секој јуни и декември. Ние мора да изградиме своја стратегија во однос на тоа кои се националните приоритети на краткорочно, среднорочно ниво бидејќи овој овој процес и доколку ги започнеме преговорите ќе трае многу долго, вели на новинарско прашање Кацарска во контекст на денешната конференција на тема „Меѓу извештаите, напредокот и усогласеноста – како до суштински квалитетен процес на усвојување на acquis на ЕУ” што ја организира ЕПИ.

За тоа како стоиме со поглавјата во однос на исполнетоста на политичките критериуми Кацарска забележува дека овие критериуми кои сега се собрани во поглавјето Темели, а на кои се додадени нови области како што се функционирањето на демократските институции и реформата на јавната администрација, не е јасно како ќе се проценуваат од ЕК, особено во однос на првото и затоа е потребно, вели, да креираме своја агенда.

-Оваа година Комисијата извади еден сет на индикатори кои што можеби ќе ги користи, но исто така е јасно дека и од страна на ЕК има тенденција да се користат овие трети индикатори меѓутоа се уште не знаеме во кој котекст. Затоа е многу важно да креираме своја агенда. Ние несомнено во правосудството стоиме добро. Ние почнавме многу рано. Дел од оние дискусии кои ги има во Србија во однос на уставните измени ние ги направивме уште во 2005 година. Мора да сфатиме дека сме земја која почнала на почетокот и не изненадува тоа што имаме добра оценка и во поглавјата 24 и 23. Меѓутоа исклучително е важно ние своите приоритети да ги поставиме таму. Јасно е дека Комисијата препорачува почеток на преговори за онаа фаза во која се наоѓаме би имале добар старт, меѓутоа мораме да влијаеме на себе си, на целокупното општетство, на сите чинители да можеме да ги придвижиме работите подалеку од таа фаза на самиот почеток на преговори, вели Кацарска.

Според неа, несомнено, дека, покрај самиот кластер Темели, очигледно е слабеењето на капацитетите, слабеењето на координацијата, особено во однос на искористувањето на средствата за ЕУ и вложувањето на капацитетите во оние административци, елитата која треба да го води процесот, кој што долго ќе трае, а потрено е да се овозможи тие луѓе да имаат и континуиран напредок и квалитет и тренинг што сеуште не сме го утврдиле.

-Приоритети треба да бидат јакнење на капацитетот и на меѓусекторската комуникација. ЕУ не работи во изолирани средини, туку работи во јавни политики за кои што е потребно да се координираат многу институции истовремено, потенцира Кацарска.

Во однос на се послабиот ентузијазам за реформи поради неизвесноста на стартот на преговори до крајот на оваа година, заради бугарското вето, но и за време на наредното фарнцуско претседателство заради претседателските избори во Франција во април, таа повторно ја подвлекува важноста од сопствена долгорочна стратегија која нема да се врзува за рокови.

-Ние мораме да ги изградиме своите приоритети во контекст на европското пристапување и да се научиме националната агенда да ја градиме комплементарно со таа на ЕУ и да ја гледаме подолгорочно, од она што се вели декември или јуни. Тоа е тешко, но доколку изградиме една стратегија за тоа каде сакаме да биде општеството за одреден период мораме на овој начин да го правиме. Несомнено би било подобро доколку го имаме примерот на источното проширување во кој земјите за седум години ги затворија преговорите. Тоа е најдобрата опција, меѓутоа ние таа ја немаме на масата, нема да ја имамме и треба да се соочиме со таа реалност дека мораме да изградиме концепт кој што ќе трае долгорочно, децидна е директорката на ЕПИ.

Извор: МИА

Видео на денот