Јурова: Стотици напади во ЕУ против новинари на интернет, пред сѐ против жени

Фото: EPA-EFE/JOHANNA GERON / POOL

Вера Јурова, потпретседателката на Европската Комисија задолжена за вредностите на ЕУ, им вети на европратениците дека ќе се смени пристапот на Брисел кон медиумите за поголема заштита, јави дописничката на МИА од Брисел.

Јурова ова го изјави попладнево на пленарната седница на Европскиот Парламент посветена на ситуацијата со слободата на медиумите во Словенија, во Полска и во Унгарија.

Ако до скоро таргетирани беа главно Полска и Унгарија, последните месеци се забележуваат засилени напади врз новинарите и медиумските куќи, вклучително и државната агенција, од страна на словенечката влада и на премиерот Јанез Јанша.

Потпретседателката на ЕК нагласи дека состојбата со медиумите е влошена во речиси сите земји на ЕУ и потсети дека медиумскиот плурализам е суштински за функционална демократија.

– Внимателноста е многу важна, мора да ги гледаме прашањата во широк контекст, и треба да извлечеме поуки од скорешното минато кога влади станувале автократски, тоа е истата шема, се онеспособуваат механизмите на надзор како независното судство и независните медиуми, се стеснува просторот за граѓанското општество и им се вели на граѓаните да бидат активни секои четири години на избори, а во меѓувреме им се вели да молчат, изјави Вера Јурова во Европскиот Парламент попладнево откако ги ислуша европратениците кои ја предупредија за загрозувањето на медиумските слободи во Полска, Унгарија и Словенија и од неа побараа да реагира со конкретни мерки.

Таа ги увери дека новиот извештај за владеењето на правото ги покрива овие прашања, но и дека ЕК никогаш во историјата не посветувала толкаво внимание на медиумите како сега.

– Имаме двајца убиени новинари, имаме и стотици напади кон новинарите, пред сѐ на интернет и пред сѐ кон жени новинарки, истакна Јурова, алудирајќи, меѓу другото, на нападите на Јанша кон новинарката на „Политико Европа“, Лили Бајер, и новинарката на „Њујорк Тајмс“, Матина Стевис на Твитер.

Јурова меѓутоа призна дека ЕК сѐ уште не располага со доволно алатки за да се справи со заштитата на медиумските слободи поради застареното законодавство на ЕУ.

– Ова влошување не било предвидено од законодавците, тие сметале дека секогаш медиумите ќе работат без страв и без политички и економски притисоци, но сега ја гледаме вистината, и сметам дека сега навистина се потребни нови мерки и алатки, мора да престанеме да ги гледаме медиумите само како економски чинител на внатрешниот пазар, тоа беше смртоносна грешка, изјави Јурова.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот