Јункер: Изборите во Албанија да се одржат на 30 јуни
На заедничката прес конференција со премиерот на Албанија, Еди Рама, претседателот на ЕК, Жан Клод Јункер, рече дека луѓето не треба да бидат спречени да го реализираат тоа демократско право, додавајќи дека одложувањето на изборите ќе ја одложува европската перспектива на Албанија.
Иако одби да се меша во дебатата помеѓу Претседателството и мнозинството во Албанија за 30 јуни, Жан Клод Јункер одговори на прашањето на новинарот на Топ Чанел, велејќи дека доколку се одржат изборите, никој не треба да ги спречи граѓаните да го изразат своето мислење.
– Сакам да ја истакнам, иако тоа е тешка работа, важноста на политичкото единство во остварувањето на целите на Албанија. Сите политички партии во земјата треба конструктивно да се ангажираат за демократски институции. Изборите се предвидени за крај на јуни, граѓаните не треба да бидат спречени да ги остварат своите демократски права. Не можете да го блокирате изразувањето на волјата на албанските граѓани, па затоа мислам, без да се мешам во оваа внатрешна дебата, дека изборите треба да се одржат, инаку европската перспектива на Албанија ќе задоцни – рече Јункер.
Рама пак одбил да зборува во Брисел за конфликтот со албанскиот претседател Илир Мета, но истакнал дека се согласува со мислењето на Јункер.