Јубилејното издание на „Скопје филм фестивал“ ќе се одржи во Кинотеката

Со отворањето на изложба на плакати по повод 25 години „Скопје филм фестивал“ (СФФ) на 9 септември во галеријата на Кинотеката на С Македонија, со почеток во 19 часот, и потоа во 20 часот со проекцијата на канскиот победник „Триаголник на тагата“, ќе почне јубилејното 25-то издание на фестивалот.

– Среќни сме што го дочекуваме јубилејното издание на Скопскиот филмски фестивал, кој успеа да опстои сите овие години и да го одржи својот континуитет на квалитетни филмски остварувања. И оваа година направивме избор на значајни филмови и ја поканувам нашата публика во петок и во наредните денови заеднички да го прославиме нашиот јубилеј. Од придружните програми ја издвојувам изложбата на плакати за фестивалот, потсетување за тоа како растеше и созреваше „Скопје филм фестивал“ и ние заедно со него, како и одбележувањето на 50-годишнината на серијалот „Кум“ на Френсис Форд Копола, програма реализирана во соработка со Кинотека на С Македонија – вели Татјана Јаневска, директорка на „Скопје филм фестивал“.

Фестивалот за своето 25. издание носи разновидна програма и содржини во чии рамки ќе понуди играни и документарни филмови поделени во неколку целини: Програма на светски филм, Фокус на европски филм, Програма на авторски филм и Ретроспективата „50-години Кум“. Годинава сите филмови ќе бидат прикажани во Кинотеката на С Македонија.

Во програмата Светски филм на публиката на „Скопје филм фестивал“ ќе се прикажат филмови од најнова продукција: „Вози ја мојата кола“ на јапонскиот режисер Хамагуши, канадско-францускиот филм „Соколово езеро“ на режисерката Шарлот Ле Бон и аргентинско-шпанскиот „Официјална конкуренција“.

Од програмата Авторски филм се издвојуваат најновото остварување на Гаспар Ное „Вртлог“, а тука се уште три филмови во програмата Фокус на европскиот филм: „Корсет“ на режисерката Мари Крацер, „Едно убаво утро“ на Миа Хансен Лов, „Смачено ми е од себе“ на режисерот Кристифер Боргли.

Во рамки на програмата Кинемода ќе биде прикажан документарниот филм „Мартин Магиела. Со свои зборови“, кој претставува портрет на Маргиела, кого модниот свет го сметаше за еден од најреволуционерните и највлијателни дизајнери во последните 30 години.

Проекцијата ќе се одржи во кафе-киното „Котур“, потоа ќе се одржи и разговор на Кристина Глигоровска, модна теоретичарка и главна уредничка на светски познатото модно списание „WeAr“, со гостинката Александра Оленска, модна стилистка и креативна консултантка за повеќе модни брендови.

Автор на дизајнот на плакатот за 25-тото издание на „Скопје филм фестивал“ е уметникот Апостол Тноковски.

Почитуван читателу,

Нашиот пристап до веб содржините е бесплатен, затоа што веруваме во еднаквост при информирањето, без оглед дали некој може да плати или не. Затоа, за да продолжиме со нашата работа, бараме поддршка од нашата заедница на читатели со финансиско поддржување на Слободен печат. Станете член на Слободен печат за да ги помогнете капацитетите кои ќе ни овозможат долгорочна и квалитетна испорака на информации и ЗАЕДНО да обезбедиме слободен и независен глас кој ќе биде СЕКОГАШ НА СТРАНАТА НА НАРОДОТ.

ПОДДРЖЕТЕ ГО СЛОБОДЕН ПЕЧАТ.
СО ПОЧЕТНА СУМА ОД 60 ДЕНАРИ

Видео на денот